Левица: НЕМА ПРАВДА ВО ЕДНО ОПШТЕСТВО ДОДЕКА НЕМА ЕКОНОМСКА ПРАВДА
Во целост ви го пренесуваме соопштението на политичката партија Левица по повод изречените пресуди на случајот од СЈО “Титаник 2”.
НЕМА ПРАВДА ВО ЕДНО ОПШТЕСТВО ДОДЕКА НЕМА ЕКОНОМСКА ПРАВДА!
Пред два дена беа изречени пресудите на случајот од СЈО “Титаник 2”, каде беа осудени бившиот директор на УБК Сашо Мијалков на 3 години затвор, лидерот на ДПА Мендух Тачи (3 години и 2 месеци), поранешниот член на ДИК Бедредин Ибраими (4 години и 6 месеци), и останатите членови на ДИК Влатко Сајковски, Сашо Срцев и Анета Стефановска (сите по 3 години затвор).
Веќе навикнати на фарсичноста со случаевите на СЈО и длабоко навлезени во кампањата за претседателските избори, оправдан е сомнежот дека пресудите се само ефтин предизборен маркетинг. На сличен начин имаше пресуда и за бившиот премиер Никола Груевски, кој потоа “случајно” им побегна на властите и побара азил во Унгарија, за чие исценирано бегство се уште ниту една инстанца од власта не понела одговорност. Исто така, медиумите информираа и за луксузот кој во притвор го уживаше бизнисменот Орце Камчев, за потоа и тој “специјален” притвор експресно да биде укинат од Врховниот Суд. Сашо Мијалков веќе еднаш беше пуштен дома од притвор за случајот “Империја” и тоа по барање на самото СЈО.
Македонските затвори се само за бедните и сиромашните. За сиромашните граѓани, како несреќниот велешанец кој лежи 3 години затвор за украдени 150 ќебапи, додека за милионски проневери случаевите на СЈО или застаруваат или се изрекуваат само условни пресуди!
Се додека не се ослободиме од олигархискиот систем на СДСМ-ДПМНЕ-ДУИ кој судската власт, заедно со целата држава, ја држи во заложништво, правда нема да има. Потребно е враќање на криминално приватизираните претпријатија повторно во рацете на граѓаните и експропријација на македонската олигархија, за да се ослободи ова општество од стегите на крупниот капитал. Нема правда во едно општество додека нема економска правда!