Со изјавата Димитров потврди дека Договорот не е помирувачки

Димитров изјавил дека јазикот што го зборуваат грчките Македонци не бил македонски јазик, туку “некој друг јазик”. И грчката влада не пропушти да ја пофали оваа длабокоумна, прогресивна мисла изјавена во насока на помирување на народите.

Изгледа јас кога бев Лерин со постарите жители зборував на јазик што не го разбирам (нормално со помладите се разбиравме само на англиски, пошо насилната асимилација низ децениите си го направила своето). Кога на една девојка ѝ кажавме дека сме од Македонија, таа ни одговори (на англиски нормално) дека нејзиниот дедо кога зборувал македонски јазик, му вршеле тортура да пие рицинус. И сигурно Димитров за јавните прогласи на грчките власти од 60-тите години, со кои ги присилувале жителите на Леринско да излезат на плоштад и јавно да се откажат од македонскиот јазик (во спротивно ќе биле измачувани и гонети), ќе каже дека тоа било некој друг јазик. А што да очекуваш од циашки дипломат кој изјави дека македонското малцинство било “исклучиво грчка работа”, иако постојат илјадници документации и од меѓународни организации за човекови права, за бруталниот прогон и тортура кои ги трпеле сите оние кои не биле Грци од страна на грчките власти.

Затоа нема ништо прогресивно и помирувачки во договор каде туѓа држава со шовинистичко и фашистичко минато се меша во внатрешниот уставен поредок, ги регулира називите на државните институции на друга суверена држава и каде успехот се рефлексира во баналноста “ете Грција ни го призна јазикот” (каде на друго место во светот побогу некоја друга држава треба да ти оддаде признание за јазикот кој го негуваш?!). И ваквата лажна прогресивност е обланда само за натовските вредности на еден понижувачки договор кој ги “негува” и репродуцира доминацијата и моќта на една посилна држава и нејзиниот брутален шовинизам врз помалите и посиромашните народи.

Автор: Јована Мојсоска

Сликано некаде во Леринско