ДУИ врши преседан за приватизација на дел од струшкото крајбрежје, сите институции молчат

Неколку месеци поминаа откако локални иницијативи и активисти алармираа за незаконско тампонирање и узурпација на брегот на струшкото крајбрежје. Сѐ уште ниту една институција, вклучително и од централната власт, нема одговор за неконтролираната узурпација која интензивно се одвива изминатиот период и зачестените палења на трската.

Од иницијативата Тампон В’але излегоа со соопштение дека се планира изградба на мотел на само еден метар од Охридското езеро, со што се врши преседан за приватизација на заштитеното крајбрежје, кое е одобрено од ДУИ и централната власт. Законската регулатива предвидува дека не се дозволени никакви градежни активности во заштитениот крајбрежен појас, односно во радиус од 50 метри. Во продолжение во целост го пренесуваме соопштението.

„Постои план за изградба на Мотел кај с. Калишта и тоа на еден метар од Охридското езеро

Случаите на тампонирање и узурпација на Охридското езеро на делот од Струга до с. Калишта се поттикнати и охрабрени од однесувањето на газда Мерко и политичкиот естаблишмент. Постои директна и индиректна поддршка на узурпаторите, непостапување и премолчена согласност на тампонирањето и палењето. Мотивот е финансиска и имотна корист како на извршителите така и на локалниот политички естаблишмент.
Обидите за градежно освојување преку палење, тампонирање со градежен шут и бетонирање имаат за цел трансформација на водната природна површина во градежна парцела која треба да се даде под концесија како привремена фаза и чекор до приватизација на крајбрежјето.

Објаснувањето дека тоа се прави во интерес на градот и граѓаните е приказна за мали деца која крајно ја навредува интелигенцијата на граѓаните и е јасно дека истата е манипулација со системот на владеење со цел задоволување на лични и партиски интереси. Денес Ви претставуваме еден случај кој е во процедура и кој е преседан во обидите за градежното освојување на крајбрежјето на Охридското езеро. Министерството за транспорт и врски се уште нема своја реакција на овој случај и чека некој друг да им го реши.

Имено Министерството за транспорт и врски во 2017 година, со кое тогаш раководи кадар од вечните на власт ДУИ, има издадено Решение за услови за планирање на просторот за изградба на Мотел и пристапни патиша буквално во Охридското езеро. Парцелите на кои се планира изградба на Мотелот се на 1 метар од езерото и на 1 метар од регионалниот пат, додека самата парцела се наоѓа на најтесниот дел од крајбрежјето и има само 18 метри широчина од патот до езерото. Поточно парцелите се наоѓаат внатре во заштитната зона на езерото од 50 метри. (Патеката на фотографиите претставува граница помеѓу приватното- земјоделско земјиште и езерото – како државно национално богатство.)

Како може еден ваков предмет да достигне до овој степен на развој е карактеристично само за банана држави, а се додека постојат вакви случаи и ние како град и држава ќе продолжиме да припаѓаме на таа група.”