АктуелноЛокалноСтав

Ѓорѓи Танушев: Еуромакс чека извинување… Срцки они

Во понеделникот попладнето добив писмо опомена пред тужба од адвокатите на Еуромакс во која бараат јавно да се извинам за моите ставови во врска со состојбите за рудникот Иловица-Штука. Наводно им било наштетено на честа и угледот преку изнесување на наводни недокажани инсинуации, невистини и лаги. Наводно клучно било што претпоставуваат немало докази за моите ставови.

Епа вака одма ќе ви кажам – ЌЕ ДОЧЕКАТЕ МОЕ ИЗВИНУВАЊЕ НА КУКОВО ЛЕТО!

Конкретно за мене, на Еуромакс им паѓало тешко што јавно сум зборувал и коментирал за сите нивни јавни манипулации, па се нашле навредени и повредени за три случаи и тоа:

Прво, ми замеруваат за изјавата во емисијата на Топ Тема на телевизија Телма каде Еуромакс беа уредно поканети но како по правило не се појавија со интересно оправдување. Не можеле да дојдат зошто емисијата не била организирана во Струмица туку во Гевгелија. Тоа што активистите, градоначалниците од Валандово и Гевгелија, заедно со државниот секретар во Министерството за животна средина можеа да дојдат од секаде и да зборуваат на важната тема Рудници во Југоистокот. Вака излезе дека за Еуромакс не сакале да дојдат во Гевгелија на јавна дебата (можеби гравитацијата е опасна за Еуромакс во Гевгелија) ама затоа можеле да дојдат ако било одржано во Струмица.

Во емисијата отворено се кажаа работите како стојат, а воедно и потврдно е одговорено дека нема доставено нова студија за промена на технологијата која не вклучува цијанид и сулфурна киселина и тоа е тоа. Толку од вашиот случај за клевета. Па да ги имаше Еуромакс тие нови студии досега ќе ги објавивте барем на сајтот на министерството, ќе имаше јавна дебата и се она што е по закон. Вака само мизерно се препелкат во мрежата на сопствените манипулации кои многу лесно се докажливи дека се токму тоа. Па во 2012 година Еуромакс со сопствено барање за необјавување на целосната студија за влијание врз животна средина ја прекршија Архуската Конвенција, немаше никаква јавна расправа и сега уште мјаукаат дека тука немало криминал??!

Почитуваниот Кирил Поп Христов тука би ви кажал “ма немој да ме јебеш бре”, а јас директно ви велам – кој лаже, тај краде, на тавано спие, има вошки и им се заканува на активисти…

Второ, сум вршел споредба на катастрофата од Бразил со онаа што не се случила на Иловица. И можеби делумно сте во право зошто и не се споредливи бразилска пирана од 30 сантиметри и македонски сом капиталец од 5 метри. Сепак Иловица би направила неспоредливо поголема штета. Абе Еуромакс, зошто никогаш и никаде не им кажете на луѓето што би се случило ако изградите брана каква што планирате над Иловица и Штука и таа еден ден попушти како многу брани во Бразил, Америка, Канада, Кина, Европа, Африка, Азија?

Замислете дека на половина пат помеѓу Ловен Дом и манастирот Свети Илија има брана која се издига над Струмица. Браната е повисока за 30 метри од антената на Цареви Кули и која содржи течна кал – јаловина со волумен приближно за 4 езера како Турија. И така еден ден пукне како браната во видеото од Бразил. Знаете ли што ќе остане од Струмица за неполни 15 минути? ЕДНО ГОЛЕМО НИШТО… Но при таков настан, Иловица и Штука имаат помалку од 10 минути.

И сега замислете дека таква брана ја дизајнираат со параметри за забрзување на земјиштето при земјотрес кои се со повеќе од 40% отстапување од оние кои веќе ги имаат утврдено Институтот за земјотресно инженерство и НАТО студиите. А во симулациите од седум земјотреси ниту еден не е со поголема магнитуда од 6.8 Рихтер иако историски гледано серија од повеќе земјотреси со магнитуда над 7.5 Рихтер се има случено на 40 км од рудникот. Но тоа воопшто не ги спречува јавно да тропаат глупости дека браната ќе издржала земјотрес над 9 рихтери. Па платените професори во Сириус добиваат вакви прашања, се вадат со одговори се дека не стигнале баш тоа да го прочитаат ама тоа не било проблем оти нивните симулации не биле конечни. А како тогаш тврдат дека браните се сигурни? Знаете колку сведоци има за вакви јавни прашања и одговори?

Почитуваниот Кирил Поп Христов тука повторно би ви кажал “ма немој да ме јебеш бре”, а јас директно ве прашувам – дали сте збунети лажливи битанги или само битанги? Или ај да појаснам. Дали лажевте за параметрите кога официјално ја објавивте студијата во 2016? Или лажевте за параметрите во 2015 или пак намерно сте знаеле дека цифрите што се објавени во 2016 не се точни и така ги оставивте за да во телевизиска емисија во 2018 ретерирате со сосема нов трет документ? Знаете ли сега што лажете и за што лажете? Или ај на суд ќе си објасните убаво на тенане за сите да разбераме…

И трето, најсмешно од сите, на денот кога премиерот Заев во спортската сала во Иловица јавно заклучи дека локалното население но и целиот струмички регион е против изградбата на рудникот, јас ги поздрав Еуромакси со видео од Виетнамската војна и музика од Ролинг Стоунси. Притоа констатирав дека народот не ги сака и не сака да се труе за они да лапаат злато и јавно ги прашав дали знаат кој победува на крај? Тоа да ти било навредливо и заканувачки…

Навистина не знам што овде е манипулативно, навредливо, понижувачко и заканувачко.

Ако е така, од нивен агол гледано тие со ова, си ја имаат утврдено позицијата контра народот што и на референдум им кажа дека не ги сака. Тоа и не е така лошо ако знаеш дека некој не те сака, ама може да биде лошо и заканувачки ако упорно го провоцираш со наметнати решенија за експериментални отровни брани преку подмолни манипулативни игри. Ќе се изгориш.

Очигледно дека Еуромакси слабо стојат со историјата, а посебно локалната. Но нема да бидат ниту први ниту последни. Ќе им помогнеме да ја разберат пред конечно да одјебат од овие простори.

Немам зборови да ве опишам колку сте мизерни во очите на луѓето кога ќе им спомнат за вас. Долго време сте овде и ве прочитаа целосно, ви ги видоа на дело лагите и ги знаат начините на манипулација. Се сеќавате на децата во Иловица што ги собиравте во канцелариите на ваш корпоративен настан?

Е сега, оние што ги собираа децата да им објаснат на родителите што значат овие студии:

https://www.ncbi.nlm.nih.gov/pmc/articles/PMC4897925

https://oem.bmj.com/content/57/3/145

https://www.researchgate.net/…/258035224_Impact_of_open_man…

Затоа, нема никогаш да дозволиме било кој да направи рудник-тумор во нашата котлина, ниту пак би се помириле со евентуална одлука на некаков авторитет во ова наше до срж корумпирано општество. Разберете дека рудник нема да има зошто луѓето нема да седат со скрстени раце и да чекаат некој да пишува нова студија за нивната мака. Отровите не познаваат ни млади и стари, богати или сиромаси, не познаваат ни суд, ни партија, ни премиер, ни кралско семејство… Рудник нема да ви дозволиме по ниедна цена, а вие како сакате разберете си.

Конечно, Еуромакси правете што сакате, но за вашите патетични дела, од мене може да добиете само екстра презир и плуканица. Вистината се тенчи ама не се кине и не може за вас специјално сонцето да изгрева на запад. Добро, вие можете да си замислувате дека евентуално ќе изгрее на запад. Може и да чекате, да гледате во сонцето и да си замислувате дека сте крилест коњ кој само што не летнал… Но факт е дека сте само обични шибицари пред банкрот.

Повелете слободно исполнете ги вашите закани оти друго и не ви останува. Јас сум спремен да се соочам со вашите лаги и манипулации било каде и било кога. Посебно со поддршката што ја уживам од фамилијата, пријателите, соборците, граѓаните, јавноста, законите, науката, аргументите, доказите и вистината. Плус имам и интересни изненадувања кои можат да отворат поинтересни процеси, но кои засега ќе ги зачувам за на суд.

Сепак едно да знаете – РУДНИК НАД ИЛОВИЦА И ШТУКА ЌЕ НЕМА!!!

-Став на Ѓорѓи Танушев превземен од Фејсбук.