НР Кина ја снабдува Русија со хеликоптери, дронови и друга опрема

Санкционираните руски компании кои се занимаваат со производство на ракетни фрлачи, оклопни возила и стратешки бомбардери сепак добивале десетици илјади компоненти од НР Кина од почетокот на руската инвазија на Украина, тврди британскиот Телеграф.

Весникот наведува дека Кина и помага да се вооружи Русија со хеликоптери, беспилотни летала, оптички нишани и клучни метали што ги користи одбранбената индустрија.

Според Телеграф, во првиот квартал од оваа година кинеските компании и доставиле на Руската Федерација 1.000 беспилотни летала, шест хеликоптери, оптички нишани, производи од легура на титаниум што се користат во производството на оружје, како и резервни делови за авиони, вклучително и воени, пренесува Танјуг.

Меѓу примателите на овие производи, биле Министерството за внатрешни работи на Русија, Руската гарда, Ростек, Тупољев и други државни структури на Руската Федерација.

Трговската размена меѓу НР Кина и Руската Федерација се очекува оваа година да надмине 200 милијарди долари, што ќе постави нов рекорд и покрај фактот што извозот на Кина во другите земји значително се намали.

Според јунската анализа на Опсерваторијата за економска сложеност, визуелизатор на трговски податоци, извозот на стоки со потенцијална воена употреба се зголемил повеќе од три пати во текот на изминатите 12 месеци во споредба со претходниот период.