Левица: Економските политики не смее да се водат под странски диктат

Реакција на политичката партија Левица во однос на ангажирањето германски специјален советник од страна на Владата.

„Вчера после пристигнувањето на Валтер Дефа, специјалниот економски советник во Владата, изгубивме уште еден дел од таа малку сувереност која ни остана. Исто така, во иднина се планира да биде формиран и специјален германско-македонски управувачки комитет кој комплетно ќе ја превземе задачата на креирањето на македонските економски политики и de facto ќе ги стави под контрола на туѓа држава!

Монументалната неспособност која ја покажаа властите, обидувајќи се да се справат со проблемите на обичниот човек, сега се огледува и во фактот дека се обидуваат дел од товарот околу проблемите да го префрлат на странците, а Владата да остане само еден вид на биро за вработување на роднини на функционери. Истовремено, запрепастува и наивноста и слепата доверба дека е можно службеници од друга држава да работат за македонските интереси, а не за своите и исклучиво за своите! Зар историјата не нѐ научила ништо до сега?

Македонските граѓани не ѝ дадоа доверба на оваа Влада за вака лесно да ја предаваат и таа малку македонска сувереност што остана! Ако властите не се чувствуваат способни сами да ја развијат македонската економија, тогаш не требало ни да учествуваат на избори! Ваквото ставање на Македонија во веќе отворено колонијален статус во однос на друга држава е недозволиво!”

За овој потег на Владата, на својот фејсбук профил напиша и Јован Крајевски, член на Президиумот на Левица.

„Македонија е една од ретките држави со која Германија (третиот најголем извозник во светот) има негативен трговски биланс (повеќе увезува отколку што извезува). Впрочем, Германија е најголемиот извозен партнер на Македонија. Во Македонија, над 15,000 работници се вработени во Германски компании. Дополнително, Бектеши изјави пред нецели 4 месеци дека интересот на Германските компании да инвестираат во Македонија се зголемува.

Е сега, во чив интерес ќе работи новиот економски советник на Владата испратен од Германија? Како ќе ги третира овие две појави – во интерес на германските елити, или во интерес на работниот народ во државава? Прашањето е реторичко.”