Зошто СЈО треба да се укине!?

СЈО е специјално јавно обвинителство кое како специјална институција се појави како резултат на елитистичките пазарења – уште и наречени „Пржински договори“ – помеѓу четирите големи партии, и тоа се со цел решавање на политичката криза во Македонија настаната после објавувањето [селективно и нетранспарентно] на содржини од телефонски разговори помеѓу високи функционери од тогашната власт на ВМРО-ДПМНЕ, на чело со тогашниот премиер Никола Груевски.

Зошто ова Специјално јавно обвинителство (СЈО) треба што поскоро да биде разрешено?

  • Поради штетните (пред се политички) контраиндикации, како во правниот промет, така и во политичкиот систем, предизвикани од неговата обвинителска активност

СЈО е специјално регресивна институција! И тоа, не само во рамките на правниот систем на државава, туку неговата штета се повеќе се распространува и по целокупното политичко опкружување на правниот поредок, односно СЈО го гуши сиот потенцијал на праведноста во новиот ентузијастички дочекан пост-шарен, или ако сакате пост „режимски“, политички поредок во земјава, создаден после падот на криминалниот амалгам во власта ДПМНЕ – ДУИ.

СЈО веќе ја оствари својата цел – го амортизираше граѓанскиот гнев, па замената на режимот со едни на местото на други се случи кротко и без поголеми социјални турбуленции.

  • Затоа што СЈО после се веќе е обична фарса

Зошто би ни било обвинителство, па уште и специјално, ако криминалците (за кои претходно обвинителството собрано докази) ги амнестираме од одговорноста?! Да одиме чекор понатаму, што фајде дури и од правни пресуди, ако штетата нанесена од веќе констатираната и санкционираната неправедност не може ниту бар малку да се надомести или санира!? Па и на крај, која е користа од судски пресуди ако извршната власт не ги спроведе!?  

Во оваа смисла СЈО не само што го угуши и оштети духот на отпорот против крупниот криминал, кој патем речено конечно изрте во народот, туку со својата рамнодушност кон извршната власт ги компромитира и самите ликови на тој отпор. Особено излишна станува егзистенцијата на оваа институција после нејзиното активно учество – преку спремање на подлогата – во политичкиот лов на власта кон пратеници од Собранието, и тоа се со цел изнудување на нивната послушност и „поддршка“ за аминување на неуставните и насилно принудени политики преку Парламентот.

  • Поради тоа што СЈО народот го кошта специјално

Оваа специјална институција граѓаните ги кошта блиску 4 милиони евра годишно – официјално! Од неговото стапување на сцена досега никакво фајде, напротив огромен трошок за продуцирање на ТВ ШОУ каде главните актери глумат правда, додека извршната власт амнестира крупни политички криминалци од една страна, а пак од друга сурово лови ситни криминали преку драконско казнување за граѓански прекршоци за чии престапи најчесто има објективна причина – сиромаштија!

  • Поради неговата „С“ во акронимот – поради специјалниот третман

И на крај, конечно СЈО треба да се укине токму поради неговата „специјалност“. Зошто би ни биле паралелни институции, особено во еден таков сензитивен дел од правосудниот и политички систем на државата воопшто. А нималку важно е дека членовите на оваа институција треба да се зауздат и поради тоа што не смееме да дозволиме никој да има специјален третман како јавна личност. Затоа што, токму СЈО е доказ како специјално третираните обвинители можат да се уфилмаат, во своето рококо политичко опкружување и со своето турбо фолк селебриштво на јавни личности, палаво парадирајќи каде треба и нетреба во јавноста да биват непримерна слика и прилика за самиот институт правосудство!

Да сумираме, после безгласните бомби за раководстото на ДУИ; „застарени“ крупни киминални дела; бегство на осуденици; амнестијата на криминалците од претходниот режим и контра референдумските уставни промени, не само што е излишно постоењето на СЈО, туку и се потврдува неговата специјална (по „балкански прилики“) инсталација како  евро-американска дворска испостава.