Државното финансирање на убаво спакуваниот национал-шовинизам

На долгогодишните обвинувања, адресирани кон државата и Министерството за култура, дека вложувањето напори за промоција и афирмација на културата во Македонија се минимални, скоро непостоечки, со доаѓањето на новата, исклучително ,,прогресивна“ и „освестена“ власт, им дојде својот крај.

Континуитетот на државно финансирани проекти во областа на културата, од оваа Влада продолжува, овојпат со многу позасилен интензитет. По субвенционирањето на низа етаблирани и докажани уметнички дејци, од страна на Министерството за култура, на почетокот на годинава (најсвеж пример е малиот Виган Максути и песната „Голуб на мирот“, како главен предводник  на културната мини-револуција), Министерството при крајот на оваа календарска година, реши повторно да нѐ изненади со уште едно парче сува уметност. Имено, светлото на денот го виде и промотивниот спот за навивачката група ,,Балисти’’ oд Тетово, во рамките на новиот проект ,,Запознај ја Македонија’’, финансиран токму од Министерството за култура.

Спорните елементи на промотивниот материјал

Видео материјалот и неговата содржина, сам по себе имплицира дрскост и игнорантност, од сите засегнати страни и отвора простор за сериозно проблематизирање. Протагонистот во краткиот промо-спот со возбуда зборува за навивачката група „Балисти“ како единствен симбол на градот Тетово, идентификувајќи го градот и неговите жители со фудбалскиот клуб и неговата фамозна навивачка база. Ниту пак Тетово и неговата долга и богата историја, започнува од формирањето на навивачката група ,,Балисти“, или било која друга, независно, ниту пак Тетово може да се пофали и гордо да се поистовети со делувањето на истата, бидејќи сеењето на омраза и национал-шовинизам, како единствена реална премиса, всадена под параванот „спорт и навивање, во ниту еден случај не можат и не смеат да претставуваат афирмативен фактор за градот. Во секаква смисла и форма.

Mожеби и нема да е предмет на оспорување, доколку промотивното видео е во приватна режија на некој физички или правен субјект, спортско друштво, навивачка група, сеедно. Предмет на оспорување е, колку и да звучи тоа излитено, затоа што истото е директно финансирано од џебот на граѓаните на оваа држава. Или, државата која свесно или несвесно, експлицитно поддржува скриен национал-шовинизам, убаво спакуван, обоен и прифатлив за пошироката маса.

Каузалноста помеѓу културата и фудбалската навивачка група, со сомнителен и прилично скандалозен бекграунд, изграден низ годиниве, нѐ доведува до вториот спорен аспект на промотивното видео. Нејасно е како промоцијата на „Балистите контрибуира кон преобразба на културата во Македонија и запознавањето на домашната и светска јавност со неа, но и како промотивниот материјал кореспондира со целосниот проект „Запознај ја Македонија.

Tретиот, најважен аспект на проблемот е името на навивачката група, непосредно финансиски поддржана од Министерството за култура (репетитивноста на терминологијата е намерна, со сиот ризик да предизвика досада кај читателот).

Честопати оваа навивачка група, се набљудува од перспектива на повеќе или помалку обичен социјален феномен, впрочем како и сите други навивачки групи. Но, за разлика од останатите, називот на групата е во најмала рака… нео-фашистички. Историската генеза на името „Балисти, несомнено се врзува со појавата на едно движење на почетокот на Втората светска војна, движење чие име се доведува во контекст со најмрачните злосторнички актови, не само во големата војна, туку и воопшто во 20-ти век. Водејќи се по онаа старата „крушата под круша паѓа, наивно е да се верува дека навивачката група, рефлектира алтернативна, позитивистичка идеја и идеологија, во споредба со нивните претходници.

Краток историски час, за оние кои „избегале од него“

Организирани во националниот фронт „Бали Kомбетар“, „Балистите“ биле припадници на албанското фашистичко движење во Втората светска војна. На 8 септември, 1943 година „Абвер“ –  военоразузнавачката служба на Вермахтот – формира три контрачети (балистички воени формации) од поголемиот дел од заведеното албанско население на просторите на Србија и Црна Гора и особено Македонија, инструирани за борба против единиците на НОВ на тие подрачја.

Првите зачетоци на балистичкото движење се појавуваат во Гостивар и гостиварско, при крајот на 1942 година и се во тесна корелација со името на Кадри Сали, претседател на организацијата во Гостивар и претседател на Фашистичката партија во истиот град и Џемаил Хасани – Џемо од село Симница, гостиварско. Ако во политичко-идеолошка смисла Кадри Села и Меџит Бектеши се истакнале како главни идеолошки дејци и лидери, Џемаил Хасани го здобил тој примат во онаа другата, воена смисла.

Седиштето на националниот фронт, или фашистичката паравојска се наоѓало во Тирана, со окружни, реонски и селски комитети на овие простори. Со приклонување кон силите на „Оската“, (Италија, Германија и Јапонија), „Бали Комбетар“ освен тоа што го користи сојузот со Германија и Италија за реализирање на фашистичката идеја, ја користи и за остварување на вековната и вистински единствена крајна цел – обединување на сите територии каде што живее албанско население и создавање на „Голема Албанија“. Нашата историографија нотира дека борбите на „Бали Комбетар“, во соработка со бугарските фашистички сили, започнуваат на 11 и 12 октомври во Скопска Црна Гора, а завршуваат согласно завршувањето на војната и конечниот пораз на сојузниците.

Воената операција со тајна шифра „Еделвајс“, обмислена од самиот Адолф Хитлер и реализирана од 5 ноември до 7 декември, 1943 година, на просторот од Дебар-Кичево-Дебaрца-Тетово-Гостивар, воедно претставува и најзлосторничката воена операција и  безмилосна тортура врз македонското  население. Во текот на истата, германско-балистичките сили откако ќе ги заземат градовите Дебар и Кичево, контролата ја пренасочуваат кон Дебaрца. Македонското население станува жртва на многубројните балистички банди и неформалните вооружани формации, кои извршуваат огромни злодела: убиства, пљачкосувања, опожарувања (селата околу Мавровското езеро биле изгорено до темел), силувања.

Да сумираме, резултатите од нивното дејствување по однос на македонскиот народ и сите останати кои се наоѓалe на „другата страна од историјата“, биле разорни и катастрофални. Продолжената рака на фашистите, во името на „Бали Комбетар“ или „Балисти“, во голема мера придонесуваат за тектонското пореметување на демографската состојба на населението, промена на културните, економските и социјалните прилики во сферата на општественото живеење.

Земајќи ги предвид сите овие спорни елементи, се наметнуваат неколку сериозни прашања. Зошто државата и Министерство за култура, даваат ветар во грб на проекти кои се ставаат во функција на пропагирање вредности, различни од оние изложени во Уставот на Република Македонија (да се потсетиме: Македонија е држава, или барем до потпишувањето на Преспанскиот договор, беше држава која се темели на одлуките на АСНОМ кои се патем исклучително анти-фашистички) и секако, различни и надвор од секој здрав разум?Дали, поради отсуството на политички сенс и елементарно политичко знаење? Или пак свесно и интенционално се поддржуваат концепти што го дизинтегрираат и онака расцепканото македонско општество, поради исполнување нечии хирови и погубни замисли? А можеби пак, ова е само чекор во духот на историскиот и авто-деструктивен ревизионизам, кој оваа власт го крена на едно ниво погоре од она вообичаеното и карактеристично за народите од Балканот?

Со негувањето на овие „културни вредности”, владејачката гарнитура директно и безобразно (свесно) го негира и минимизира заедничкото антифашистичко минато во кои учествувале сите етникуми, заедничко сплотени во борбата против тогашниот фашистички непријател. Иако историјата изобилува со примери за несебична солидарност помеѓу албанскиот и македонскиот народ – пример за тоа се протестите за убиените македонски студенти во Тирана од страна на фашистичкиот окупатор, кои биле директно предводени од Комунистичката партија на Албанија – од страна на парламентарните политички партии континуирано се култивираат и репродуцираат национал-шовинистички вредности, кои се туѓи за мнозинството од албанскиот народ. Впрочем, ваквите разединувачки политики се резултат на неспособноста и немањето политичка волја за решавање на суштинските, горчливи прашања со кои секојдневно се бори обичниот народ, вклучително и Албанците.

Буржоаските политички партии, како директен производ на либералната демократија, политиките кои ги креираат и имплементираат единствено резултираат со зголемување на јазот помеѓу богатите и сиромашните, со концентрирање на енормно богатство во рацете на мал број поединци. Во обид да ги затскријат ваквите политики и (барем привремено) да го задржат социјалниот мир, овие партии финансираат национал-шовинистички проекти со цел за разединување на работничката класа во борбата против заедничкиот непријател – политичките и бизнис елити кои секојдневно го осиромашуваат обичниот народ, неводејќи сметка за неговата етничка или верска припадност.

Вистинската причина за ваквите одлуки и потези, со сигурност не ги знаеме. Она што го знаеме е дека во некои други системи и општества, за ваквите навидум минорни „инциденти“, летале политички глави. А кај нас…