Курдското прашање во слободна Сирија – левичарството и анти-империјализмот

Откако САД најави дека ќе ги повлече своите сили од Сириското тло, се отвори прашањето кој и на каков начин ќе го пополни тој вакум. Реномираниот британски весник The Times веќе најави дека празниот простор создаден од повлекувањето на САД ќе се обидат да го пополнат Иран, Русија и Турција. Нешто што и не е така изненадувачки. Турските власти веќе најавија дека во склоп на планот за интервенција, во регионот Манбиџ во северна Сирија испратена е голема воена пратка од околу 8 илјади војници, со над 200 околопни возила и друга воена опрема. Рускиот министер за надворешни работи Лавров откри дека постои соработка помеѓу Иран, Русија и Турција, во насока на решавање на проблемите во регионот и дека според договорот од минатиот септември во Сочи, присуството на турските воени сили во северниот дел од Сирија е со одобрение од владата во Дамаск предводена од Асад.

И додека едни (како претседателот на Боливија, Ево Моралес) повлекувањето на воените сили на САД од Сирија го гледаат како голема победа за сирискиот народ, други (како на пример францускиот претседател, Емануел Макрон) изразуваат „длабока разочараност и жал“ поради таквата одлука на САД. Некои „прогресивни“ левичари пак, меѓу кои и Ноам Чомски се разбира, и покрај тоа што се согласуваат дека военото присуство на САД во Сирија е илегално (за разлика од руското присуство кое е како резултат на повикот од владата во Дамаск), сепак веруваат дека окупацијата на САД треба да продолжи само за да се заштитат „Курдите“. Можеби е поради тоа што немаат никаква идеја и сознанија во однос на тоа како практично претседателот Асад ги адресираше барањата и поплаките на Курдите. Па да го разгледаме на кратко овој однос.

Курдските сили на Сирија познати како ЈПГ, односно Народни Заштитни Единици (курдски: Yekîneyên Parastina Gel – YPG) прво побараа државјанство за 300.000 Курди кои беа без државјанство, Асад тоа го одобри во април 2011 година, а потоа тие сакаа автономија, која Асад им ја отстапи во јули 2012 година. Повеќето од овие левичари можеби и не знаат дека од 1980 до 1998 ПКК (Курдската Работничка Партија) и нејзиниот лидер Абдула Оџалан беа токму со седиште во Дамаск, од каде што впрочем ја водеа нивната сецесионистичка кампања против Турција. Во главите на левичарите од типот на Чомски, Курдите се единствените жртви од исламскиот екстремизам во регионот и само нивните животи се важни во нивната активистичка агенда. Можеби затоа што токму Курдите послужија во агендата за поделба на Сирија?!

Овие про-Рожава „активисти“ како да немаат појма дека само во моментов над 10 милиони Јеменци живеат во голгота поради саудиската агресија врз Јемен, која патем се врши преку илјадници војници како странски платенци на саудискиот режим, вооружени од англо-американскиот воено-индустриски комплекс, како и задоволени со финансирањето од истиот извор. По се изгледа оваа клапа на левицата не бере многу гајле за случувањата во Јемен, бидејки ништо во врска со тоа не е претставено на еден модерен и егзотичен начин во шаренило, пропратено со секси феминистички трбушни танцови; недоволно присуство на паради и сликовници?!

Ако навистина оваа левица беше загрижена за тоа дека исламистичките сили поддржани од Турција ќе продолжат да убиваат Курди-социјалисти, зошто не изустија ниту еден збор против вооружувањето и финансирањето на тие исламисти од страна на НАТО и алијансата во периодот од 2012 до 2014 година?! Тогаш единствени кои се спротивставија на ова (изземајќи ги курдските левичари) беа токму они кои ја поддржуваа(т) одбраната на сириската влада на чело со Асад.

Моделот на „Рожава“ за западната левица како да се совпадна со американската интервенција во Сирија од септември 2014 година, но пред тоа, тие кои ги штитеа ЈПГ во регионите завземени од ИСИС беа токму припадниците на сириската војска. И како беше возвратено на ова? Епа, така што под покровителство на САД, подоцна ЈПГ се обиде насилно да ја протера сириската војска од тие предели, особено од провинцијата Хасаках. Од денешен аспект се поочигледно е дека американската интервенција тогаш не беше чисто мотивирана од желбата да се победи ИСИС, туку да се заштитат курдските територии во Сирија и Ирак, што пак ја охрабри ИСИС да ја насочи својата агресија кон сириската влада како послаб плен. Сето ова понатаму ја поттикна руската интервенција една година подоцна, како и завземањето на активно учество во војната на силите на Хезболлах, кои имаа клучна улога во одбраната на Дамаск од ИСИС.

Оттука, моменталната скептичност и незаинтересираност на сириската влада за курдскиот ЈПГ е сосема разбирлива. Курдските сили на Сирија на територијата која ја имаат под своја контрола не ги толерира конзервативните сили поддржани од Турција, но исто така немаше проблем да им дозволи на САД да ги бомбардираат сириските владини сили токму од териториите кои беа (и сѐ уште се) под нивна контрола, па дури еден момент тоа беше и по цена да ИСИС завладее со сета останата територија на Сирија.