„Контрадикции“ во шкрабаниците на Жижек

Коментар на оригиналната статија на Славој Жижек.

Низ статијата на Жижек се забележуваат два трендови кои се често присутни кај него специфично, но и кај декларативно марксистичката антикомунистичка левица пошироко. Првиот тренд е оној на прикривање на невистината во група на точни анализи/дијагнози, додека вториот тренд е оној на доведување во прашање само на оние претпоставки (аксиоматски темели) на доминатниот идеолошки систем кои би било помалку опасно (или воопшто безопасно) да се доведуваат во прашање, на сметка на -преќутното или отворено- потврдување на поважните. Со ова се создава илузија, поготово кај оние кај кои само што почнала да се развива класната свест, дека таквите „теоретичарикако Жижек се радикали, отворајќи простор за ширење идеолошка конфузија кај левичарите и кај народот.

Во сегментот за македонското прашање, ова идеолошко бунило е можеби и најприсутно. Тој ги нарекува десните противници на т.н. Преспански договор „радикали“, иако (како што и сам подоцна вели) идејата на фашизмот не е да го смени општествениот поредок во економска смисла, туку да го замаскира класното прашање. Дали ова од еден глобално етаблиран мислител, каков што е Жижек, може да се смета за случајна збунка? Да, ако сме наивни. Идејата е тука да се израмнат, во контекст на Договорот, грчката десница и левица (чии што спротиставувања и причини Жижек „случајно“ ги заборава) така што ќе им се даде заеднички именител – радикали.

Тој како аналитичка алатка го зема (и тоа сосем исправно!) есејот на кинескиот револуционерен теоретичар, Мао Це Тунг – „Околу контрадикциите. Тој правилно ја оценува контрадикцијата против Грција и Македонија како секундарна, а онаа помеѓу западните империјалистички сили и Русија како примарна. Но, таму завршуваат точните дијагнози и почнува, повторно, недоследноста. Жижек зборува, како и неговите либерални колеги, за митското „руско влијание“ на политиката во Македонија, иако за тоа до сега немаме никакви докази, ниту показатели, освен гласното и хорско крекање на либералниот естаблишмент. Сепак Жижек, крајно некритички, го зема ова тврдење за вистинито, без да посочи на било какви емпириски показатели во полза на неговата вистинитост.

И затоа тој предлага компромисно решение на кое и нашиот Претседател би му позавидел – да се прифати Договорот. Прво, очигледно, ова не е компромисно ниту решение на „среден пат“, бидејќи со тоа ем се фаворизира грчката страна (во секундарната), ем западната страна (во примарната контрадикција). Второ, како што зборот примарно самиот кажува, не може да има среден пат помеѓу двете контрадикции, туку мора да се бира дали ќе ја решаваме главната (примарната) или онаа помалку важната (секундарната). Дури и кога за Македонија договорот би бил, во тесни национални рамки, вистинското решение (а не е) тој самиот вели дека одбивање на потпишување би значело жртвување на решение на (билатералниот) проблем за да се влијае позитивно – или барем да не се влијае негативно – на глобалната геополитика. Ова е шовинистички став, кој дава предимство на еден или два народи пред остатокот од народите, и оди против принципот за интернационализам за кој Жижек декларативно се залага.

Вистината е, сепак, како што често бидува со империјализмот (и зошто е можно да се сруши), дека договорот е против интересите на мнозинството – и на македонската и на интернационалната работничка класа – бидејќи води до зајакнување на западниот империјализам (кој е инаку во пад) и забрзано заострување и поларизирање на меѓународните односи (кои и онака се се полоши).