Протести во Судан

Најмалку десетина луѓе беа убиени минатата недела за време на масовни протести во Судан. Протестите започнаа како резултат на континуираното растење на цените на основните продукти како леб, нафта и сл.

Економската ситуација во Судан е драстично влошена од 2011 година заради отцепувањето на Јужен Судан. Со отцепувањето, Судан има изгубено две третини од приливите на средства од нафта.

Соединетите Американски Држави во 2017 година ги  укинаа санкциите врз Судан, после дваесет години,. Но, покрај  укинувањето на санкциите, САД се уште ја држи државата на списокот спонзори на тероризам, што го отежнува аплицирањето за кредити и фондови во ММФ ( Меѓународен Монетарен Фонд) и Светска Банка.

Како дополнителна причина за масовните протести е и поскапување на лебот, што е резултат на владината мерка за укинување на субвенциите за жито и брашно. Ваквото укинување имало за цел да стимулира конкуренција на пазарот, но добиените резултати  биле целосно спротивни: повеќето пекари одбивале да работат заради високата цена на брашното.

За дополнително влошување на лошата економска состојба придонел падот на вредноста на суданската фунта, која во споредба со доларот има паднато за 85%, додека пак инфлацијата последниве четири месеци е порасната за 70%.

Сите овие фактори  го зголемија револтот на народот, што резултира со излевање на гневот по улиците. Протестите траеја цела мината недела и почнаа како  мирни протести против покачените цени, но ескалираа во анти-владини протести со палење на владини канцеларии. Ова дополнително ги комплицира работите за претседателот на Судан, Омар ал-Башир, кој се надеваше дека ќе ја зголеми својата моќ преку уставни измени.

Како учесник и делумен организатор на протестите се издвојува „Комунистичката партија на Судан“ која организира протест денес при што  повикаа на масовно присуство на протестот и интернационална солидарност. Повикот го пренесуваме интегрално:

„Во пресрет на континуираните обиди од диктаторскиот режим да ги воведе и наметне своите пропаднати економски мерки, базирани на инструкциите на ММФ, народот на Судан излезе на улиците на мирни демонстрации, барајќи крај на сегашните политики и  укинување на сите неодамнешни мерки. Илјадници работници, студенти, административци, жени и млади луѓе демонстрираа три дена по ред во сите поголеми градови во државата.

Веќе неколку стотици демонстранти се уапсени. Меѓу нив и тринаесетгодишни ученици.

Политбирото на Суданската Комунистичка Партија уште минатата сабота, на 15-ти декември, повикувајќи го народот да демонстрира против политиките на режимот кои ја уништија државата. Нагласувајќи дека единствен излез од кризата е пад на режимот, демонтирање и ликвидирање на сите институции поврзани со режимот и воспоставување на демократски алтернативи во владеењето кои ќе водат кон конечната победа на националната демократска револуција. Се очекува во наредниот период да посведочиме вжештување на масовните акции. Планиран е организиран марш на демократските сили на 25-ти декември, кој треба да биде проследен со масовна јавен собир во јануари 2019 година.

Суданската Комунистичка Партија ги повикува сите сродни партии да изразат поддршка и солидарност со борбата на нашиот народ за демократија, социјална правда и мир. “

-Фатихи Алфади