Северномакедонецот е абортиран Македонец

Германски пинчер е раса на куче кое на лик е слично како доберманот, само ги нема карактеристиките на доберманот. Поконкретно не е толку големо, силно и издржливо и од тука е шегата дека германскиот пинчер е абортиран доберман. Ова е многу слично со тоа што ќе се случи ако се примени Преспанскиот Договор. Имајќи предвид дека на Македонецот му се одземаат правото на самоопределување и правото на светското културно наследство, со идна примена на Договорот ќе имаме ситуација во која Северномакедонецот на лик ќе личи на Македонецот само нема да ги има сите карактеристики на Македонецот. Следствено на тоа слободно ќе може да се каже дека Северномакедонецот е абортиран Македонец.

Првата работа од која Преспанскиот договор го абортира Македонецот е светското културно наследство. Договорот вика дека античката култура е ексклузивно право на Грција и дека денешните Македонци немаат врска со неа. Ова е огромна глупост од причина што античката култура и историја се светско културно наследство и следствено на тоа на истите не може да се има ексклузивно право. Еве зошто е тоа така. На пример, владеењето на правот е спомнато прво од Аристотел некаде во 350 година пред нашата ера. По логиката на Договорот сега треба да кажеме дека владеењето на правото како инструмент за ограничување на власта е ексклузивно право на Грција. Арно ама по Аристотел, за владеењето на правото пишува Цицерон за време на Римската Република во 60 година пред нашата ера. Па во среден век идејата е застапена во Англија, а таму потоа продолжува и да се развива. Потоа во 1644 година за тоа пишува Радерфорд, кој патем е Шкот, па пишува Џон Лок (Англичанец) во 1690 година, па Монтескје (Французин) во 1748. Па преку англиските колонии во Северна Америка идејата се шири во Америка а со ширењето на вилијанието на Франција и Англија се шири по Европа и останатите земји по светов и така доаѓа кај нас на Балканот. Во меѓувреме, додека да дојде до нас, во Македонија и Грција нема в од владеење на право. И сега чија е цивилизациската придобивка која се нарекува владеење на правото? На грчката држава ли или пак е светско културно наследство? Можам да замислам што ќе се случеше ако и другите беа како грчката власт па бараа ексклузивно право. Шкотите имаат најсилен аргумент за тоа, оти на Радерфорд книгата во која пишува за владеењето на правото е запалена и поради неа е обвинет за предавство, а на Аристотел влакно не му фалело. Е затоа не може да се има екслузивно право на светско културно наследство, ама со договоров Грчката влада вика, не, не, се што е од антика, тоа е ексклузивно наше, вашето е чисто словенско. И нашиве властодршци со тоа се согласуваат. Но за нашиве од власта искрено и не ме чуди. Имајќи предвид како ги кршат законите и дека за нив владеењето на правото е мисловна именка, они со сигурност не се допрени од светското културно наследство.

Вториот абортус е одземањето на правото на самоопределување. Тоа право значи дека народот самостојно одлучува каков ќе биде неговиот политички статус (унитарна држава, федерална единка, автономија) и какви ќе бидат неговите економски и културен развој. Арно ама за да дојде до моментот да одлучи народот дали сака да се самоопределува (самовладее, самоорганизира) треба прво кај него да се појави свест за потреба од таква работа. А ако го тргнеме францускиот модел на нација демос, постоењето на таква свест ја прави целата разлика помеѓу етникум и нација. Така денес има племиња кои живеат во Амазон и се посебен етникум но абер немаат од потреба да се самоорганизираат во држава. Имаме етникуми кои сакаат да направат држава (значи се нација), а не можат. Такви се Курдите. И има етникуми кај кои се појавила свест за создавање држава (самоопределување) и тоа го направиле. Такви се сите народи на Балканот. Кај македонскиот народ, под притисок на тешките социо-економски услови во Отоманската империја и политичките услови во опркужувањето, свест за самоорганизирање и самовладеење се појавила во 19 век. Потоа тешките економски услови и ситацијата во која за време на балканските војни и Првата светска војна една мајка била приморана еден свој син да испраќа во бугарска, друг во грчка, трет во српска војска да војуваат еден против друг само ја зајакнале таа свест. Круната или печат на таа свест и доказ за постоењето на нацијата се НОБ и АСНОМ каде што македонскиот народ го искористи своето право на самоопределување и создаде држава која по себе ја нарече Македонија. И сега со Договоров, Македонците од нација која создала држава, се абортираат на ниво на етникум, како племе во Амазон кое нема абер од формирање држава, кое случајно живее во оваа држава која случајно се формирала и случајно добила погрешно име. А штом тоа племе не ја формирало таа држава, нема право само тоа да одлучува како таа држава ќе се вика, какви ќе и бидат парите, документите, имињата на институциите, што ќе пишува во книгите, што ќе се учи во училиште итн. За тоа ќе одлучуваат странците, во прв ред Грција. И тоа обезвластување на народот не се однесува само на Македонците оти оваа држава на АСНОМ не е формирана да биде држава само на македонскиот народ, ами како држава во која сите се еднакви пред закон без разлика на пол, вера, раса или народност, а добар дел од немакедонското население рамо до рамо со Македонците учествува во борбата за содавање на државата со што сите што живеат во Македонија станаа дел од нацијата. Со договоров сите се обезвластуваме, абортираме, а главни стануваат странците.

И така абортирани што добиваме за возврат? За возврат добиваме влез во НАТО и обврска да плаќаме минимум сто милиони евра годишно членарина. Добиваме обврска да одвоиме еден куп пари за потребните измени на докуметни, пари, униформи итн. А најстрашното од се е што праќаме порака дека тука има вазалска власт која е спремна да спроведе се од неа што бараат странците без разлика дали тоа е на штета на народот. Во вакво самоабортирање не смееме да учествуваме. Единствени кои треба да ги абортираме се политичарите кои интересите на народот ги подредија на оние на странците, а првиот корак до нивна одговорност е бојкотот во недела.

Автор: Саше Јанчев, член на Централниот Комитет на Левица