Oбразование – Идеолошка хегемонија на буржоазијата во капиталистичкото општество

  • Пишува: Кристијан Димков – Студент на филозофски факултет и Генерален Секретар на Црвена Младина

Образованието како најважниот агенс на секундарна социјализација претставува предмет од интерес на голем број научни дисциплини како педагогијата, психологијата, антропологијата и се разбира социологијата. Во социологијата на образованието постојат голем број на теории кои се обидуваат да дадат адекватно објаснување за неговата функција во општеството.

Функционалистите говорат за тоа како образованието претставува меритократија. Односно дека сите ученици имаат еднакви образовни шанси и согласно на тоа успехот на училиште соодветствува со заслугата на ученикот. Односно ако ученикот се труди во училиште, ќе заслужи добри оцени, со добри оцени ќе заслужи добро работно место и согласно на тоа висока позиција во општествената стратификациона пирамида.

Но според мене (како и за повеќето работи во општеството) марксистичката теорија сметам дека дава многу пореален приказ за функцијата на образованието во модерното капиталистичко општество.

Во оваа колумна од два дела ќе ја образложам марксистичката теза дека образованието иако е државна институција претставува многу важна компонента на капиталистичката суперструктура чија функција е да се репродуцираат и да се легитимизираат класните разлики кои се формираат во економската инфраструктура на капиталистичките општество. Поради тоа, образованието главно служи во интерест на капиталистичката класа (буржоазијата) отколку да служи на учениците/студентите или општеството генерално.

Две главни марксистички теории кои се обидуваат (и според мене успеваат) да докажат дека е тоа вистина се теоријата на „идеолошкиот државен апаратус“ на Луис Алтузер и „Теоријата на кореспонденција“ на Боулс и Гинтис (за која ќе пишувам во вториот дел).

Според Луис Алтузер, образовниот систем е “идеолошки државен апаратус” кои извршува неколку главни функции за буржоазијата или капиталистите:

Образованието функционира да се задржи, оправда и репродуцира, генерација по генерација, нееднаквоста на социјалните класи во моќ, шанси, богатство и плата.

Образованието тврди дека е меритократска институција, но ова претставува идеолошки мит дизајниран да ги напаѓа учениците кои се од семејства кои се дел од работничката класа, кои се казнети со фактот дека образовниот систем всушност дискриминира во корист на оние кои студираат на приватни училишта и се од побогати семејства.

Учениците од средната класа и нагоре имаат пристап до ресурси кои учениците од работничката класа ги немаат. Овие ресурси можат да бидат капитални, економски, културни и социјални. Или предности кои во голема рака осигуруваат дека тие ќе бидат поуспешни на училиште од нивните врсници од работнички семејства.

Образованието функционира да тоа учениците од работничката класа не успеат академски бидејќи на капитализмот секогаш ќе му требаат неквалификувани и полуквалификувани работници.

Приватното образование во Оксбриџ (Оксфорд и Кембриџ – најпрестижните универзитети во Велика Британија и пошироко), ги подготвуваат децата на капиталистичката елита за идни позиции на моќ и привилегија, Пример за ова би биле поранешните премиери на Велика Британија, Борис Џонсон и Дејвид Камерон биле цимери додека студирале на Оксфорд.

Образованието инсистира учениците со безкритично размислување да ги прифаќаат капиталистичките вредности како компетитивност, индивидуализам, приватна сопственост како нормални и природни.

Наставниците претставуваат “агенти на капитализамот” кои ги “туркаат” децата од средна класа и нагоре кон академски успех додека ги “убедуваат” учениците на работничката класа дека нивниот неуспех во академскиот свет е поради нивното недоволно трудење и е личен неуспех а не дека е очекуван расплет на економски систем на кој му требаат работници без или со ниски квалификации да работат физички работи.

Постои и скриен курикулум кои ги учи децата од работнички семејства да пасивно ги прифатат своите неуспеси, да го прифатат постоењето и природноста на хиерархијата (прифаќањето на правилата без да размислуваме за нив) и нееднаквоста (фактот дека децата од работничката класа ќе работат работа која е на дното на општествената стратификација)

Многу повеќе за овој скриен курикулум пишуваат Боулс и Гинтис, за чија теорија ќе пишувам во вториот дел од оваа колумна.

Скриениот курикулум во образованието

Во образовниот процес постојат два курикулума:

1. Официјален курикулум – односно севкупниот материјал што се учи и предава на часовите или предавањата.

2. Скриен курикулум – што претставува се тоа што ученикот/студентот го добива како знаење а што е надвор од часовите и надвор од официјалниот курикулум

Според марксистички ориентираните научници Боулс и Гинтис овој скриен курикулум е многу по значаен од официјалниот курикулум. Тие говорат за скриениот курикулум во нивната „Теорија на кореспонденцијата“.

Марксистите Боулс и Гинтис говорат за тоа дека образованието стои во “долгата сенка на работењето”. Тоа значи дека што се случува во училиштата кореспондира со или го одсликува тоа што се случува на работното место во капитализмот. Тие сметаат дека главната функција на образованието е да ги подготвува децата од работничката класа за нивната идна улога како необучени или полуобучени физички работници. Оваа кореспонденција се трансмитира преку скриениот курикулум.

Учениците се охрабруваат да работат примарно за оцени и квалификации, а не за сатисфакцијата на учењето. Слично, работниците се охрабруваат да ги сметаат парите (платата) како поважно од сатисфакцијата при работа. Учениците немаат контрола врз тоа што ги учат, слично на тоа работниците немаат никаква контрола врз тоа како нивното работно место е организирано. Учениците се приморани да ги слушаат наставниците и да прават тоа што наставниците ќе им го кажат без никакви прашања на ист начин како што работниците мораат да ги слушаат претпоставените. 

Ако учениците не се послушни во училиште следуваат казни како прекувремено останување во училиште, укори, суспендирање од училиште, бркање од училиште и сл. Ако работниците не се послушни на работното место може да бидат казнети на различен број начини, намалување на плата, да бидат избкрани од работа и сл.

Во секое училиште има хиерархија што е еднаква на таа во капиталистичко работно место, што ги подготвува учениците за работа во капиталистичкиот систем.

Учениците се учат да прифатат дека поголемиот дел од училишната работа е рутинска и со тоа досадна, тие моменти кога гледаат учениците низ прозор, си играат со пенкалото, користат паметни телефони и слично за време на часовите, ги учат децата да прифатат дека работата во капиталистичкиот систем ќе им биде досадна и без возбудувања.

Оваа теорија на Боулс и Гинтис претставува еден многу важен дел во севкупната слика за образованието како дел од надградбата во едно капиталистичко општество.

Согласно на ова можеме да заклучиме дека главната функција на образовниот процес е да се легитимизираат класните разлики во општеството и претставува многу важна алатка во воспоставувањето на тоа што Грамши би го нарекол идеолошка хегемонија на буржоазијата во едно капиталистичко општество.