Време е да го испратиме СДСМ – ДПМНЕ на буништето на историјата (по повод синоќешната прес-конференција на ВМРО-ДПМНЕ)

Заедничкиот проект на СДСМ – ДПМНЕ за демонтирање на Асномска Македонија е пред завршна реализација. Сите влади досега беа послушници на западноевропските и американските советници и налогодавачи. Транзицијата, приватизацијата, распродажбата на природните богатства и индустриските капацитети, комерцијализацијата на финансискиот сектор, урнисувањето на социјалната држава… сето тоа лесно се спроведуваше, македонските граѓани верно ги гласаа двете најголеми партии кои зад завесата го копаа гробот на македонскиот работник. Но, името на државата беше светост за нив. Овој антифашистички народ го чуваше името како последен браник пред налетот на грчкиот национал-шовинизам. Западниот империјализам немаше друг начин како да го убеди овој народ да заборави на својата славна антиимперијалистичка традиција. Двоецот НАТО-ЕУ, немаше начин како да го убеди овој народ да заборави на левото крило на ТМРО и партизаните од НОБ.

Дводеценискиот спор со Грција за уставното име беше последната пречка за влезот на Македонија во НАТО пактот. Но, работите почнаа да се придвижуваат после Портокаловата револуција на ВМРО-ДПМНЕ. Антиквизацијата беше одличен проект, кој му даде крвоток на грчкиот национал-шовинизам да се повика на иредентизмот на Скопје“. И кога сцената за смена на уставното име беше поставена, Западот реши да го вклучи СДСМ во последниот чин за рушење на Аснимска Македонија. Тие го најдоа триото Заев – Шеќеринска – Димитров, идеалните НАТО вазали.

За предавничката улога на СДСМ, нема потреба да се пишува и дообјаснува. Веднаш после изборите, тие го сменија својот „План за живот“ врз основа на кој ја добија довербата, и го претставија „Планот 3-6-9“ за смена на уставното име со цел ургентен влез во НАТО пактот. Антифашистите во оваа партија (членови и симпатизери) уште од потпишувањето на Преспанскиот договор, имаа можност да се опредеделат, дали ќе бидат колаборатори или ќе ја напуштат оваа партија.

Но, предавничката улога на ВМРО – ДПМНЕ остана спорна, или скриена, се до синоќешниот прес на ВМРО-ДПМНЕ. Дека помила им е власта и сите бенефиции кои ги носи таа, се виде од конечниот став на раководството на партијата. Кристијан Мицкоски, во својот говор претстави win – win позиција која ќе го задоволи стратешкиот партнер НАТО, но и ќе им остави доволен простор за маневар, во случај на предвремени избори, повторно да се умилкуваат пред своето членство и национал-романтичарите со тезата: „еве, ние јасно кажавме дека сме против договорот, против промената на уставното име, но СДСМ го стори тоа“.

Перфидната стратегија: „го повикуваме членството да постапи според лично убедување“ помага кон отклонување на последната пречка за имплементација на квислиншкиот договор од Преспа. Тоа е цензусот од над 900.000 илјади гласачи. Неискажувањето јасен и гласен став за БОЈКОТ на референдумот и’ помага на власта да го спроведе планираниот инжинеринг за штелување на излезноста. Крилото на партискиот секретар Петар Богојевски веќе води медиумска и фејсбук спонзорирана кампања која вели:

„И гласот ПРОТИВ е глас за Македонија“. Веќе постојат неколку фејсбук групи кои создаваат забуна што значи бојкотот, па спонзорираната порака која се шири од овие групи е: „бојкотирај со тоа што ќе излезеш на гласање и ќе го пречкрташ ливчето“.

Севкупно, немањето јасен став на најголемата опозициона партија која со себе влече минимум 300.000 илјади гласачи е одлично алиби на власта, утрешните обвинувања за наместен референдум, глатко да ги отфрли со тезата: „членовите и симпатизери на СДСМ гласаа ЗА, членовите и симпатизери на албанските партии гласаа ЗА, а дел од членството на ДПМНЕ бојкотираше, а дел гласаше против, затоа што самата партија немаше јасен став или остави членовите и симпатизерите да гласаат по лично убедување“.

Коментарите на дел симпатизери и членови на ВМРО – ДПМНЕ  под видеото од обраќањето на Христијан Мицковски на синоќешната прес-конференција беа следни: „читајте меѓу редови, не може да повика на бојкот зошто го притиска меѓународната“. Овие подржувачи и симпатизери треба да си го постават следното прашање: Ако сега не може да каже јасно и гласно дека БОЈКОТ на референдумот е партискиот став на ВМРО – ДПМНЕ, што ли ќе може да направи кога власта ќе обзнани дека референдумот е успешен, кога ќе почнат да прскаат огномети над Скопје вечерта на 30-ти Септември?

Да не пратат набљудувачи кои ќе го следат гласањето? Не бидете наивни. Државната изборна комисија веќе донесе правилник со кој партиите не можат да пратат свои овластени набљудувачи на гласачките места. Единствени кои можат да го набљудуваат се странски мисии и домашни невладини, кои во 90% се финансирани од западниот империјализам. Едноставно е. ВМРО – ДПМНЕ е соучесник на СДСМ во овој процес.

Конечно, она што го спрема СДСМ – ДПМНЕ ќе предизвика голем револт кај граѓаните. Земајќи го предвид поведението на овој двоец, револтот е можеби задоцнет, но битно не е угаснет. Затоа, време е да ги испратиме ДПМНЕ и СДСМ на буништето на историјата. Патот во еден правец во неповрат започнува со БОЈКОТ НА РЕФЕРЕНДУМОТ!

Став на Зоран Василески, член на Президиумот на Левица