АктуелноЛокално

“Го сакам Водно” не се откажува од барањето за јавна дебата

Во целост ви го пренесуваме соопштението на иницијативата “Го сакам Водно” во однос на денешната дискуција со претставници на Владата во Советот на Град Скопје.

Нам како граѓански активисти, јасно ни е дека овој тип на дебата е далеку од она што ние го баравме, соочување на факти на неутрален терен, со непристрасен медијатор, и дека доаѓање на терен на еден од учесниците во уништувањето на Водно и главните актери, ги става граѓаните бранители во инфериорна позиција. Сепак ние како активисти, нема да одбиеме ниту една можност на граѓаните да им дадеме можност да ги слушнат сите аргументи против гасоводот низ Водно. Нашето присуство денеска на терен на градоначалникот, кој всушност ја има издадено дозволата за сеча низ Водно, не е никаква замена за уште едно соочување на национална телевизија, во нормално време кога граѓаните ќе можат да нè следат, и во која ќе учествуваат сите засегнати институции вклучително градоначалникот Шилегов, Макрадули од МЖСПП кој се согласи за дебата, и ни е чудно што не е денеска овде.

Овој проект е почнат во 2010, јасно ни е дека е на штета на природата, на штета на Водно и не е во најдобар интерес на граѓаните и жителите во државава. Вие самите, во неколку наврати, при некои од многуте средби што ги имавме изминативе 4 месеци, кажавте дека сме 95% во право, па затоа ни е чудно зошто не го прекинете? Зошто наместо во овој период да се посветите и времето да го потрошевте во барање на најдоброто решение и алтернативна траса, го посветивте во создавање непријатели од нас граѓаните? Ние немаме никаков интерес, освен најдоброто за нас како граѓани. Своето слободно време, свои лични материјални ресурси, ги посветуваме работејќи ја работата на државните институции, чија основна цел е да се грижат и да работат во најдобар интерес на нас граѓаните. Наспроти тоа, нè претворивте во условно “друга страна”.

Ние не се откажуваме, но во моментов дали Македонија е на вистински пат кон ЕУ граѓанска држава зависи од вашите одлуки и вашиот пристап токму и по ова прашање.