ЗДРАВА КОТЛИНА: СДСМ и ДПМНЕ се обединија заедно за рудниците на смртта

Став на Крум Велков, активист на Здрава Котлина

Видете што се случи денеска во македонскиот парапарламент. Претпладнето, кога беше најавено дека на дневен ред на денешната седница е ставена точката за Законот за минерални суровини, свеж ветер проструи низ Југоистокот, носејќи надеж дека изгласувањето на Законот го означува почетокот на крајот на рудниците на смртта, проблем кој предолго егзистенцијално го вознемирува регионот. Тој Закон, чија поготовка започна по силниот притисок што го изврши еко-движењето од Југоистокот, предидува забрана на користење цијаниди и сулфурна киселина во нови рудници од отворен коп и други мерки, кои значително би придонеле за превентивна заштита на животната средина. Законот не ги опфаќа постојните рудници.

Ако претпладнето се наѕираше олеснување од исцрпувачката, речиси двегодишна борба, тогаш попладнето суровата реалност на македонската „политика“ уште еднаш не соочи со својата одвратна лицемерност и корумпираност. Пред да биде поставена точката за Законот, во салата имаше 97 присутни пратеници. Тие претходно жолчно дебатираа и се обвинуваа во врска со претходните точки на дневен ред, но потоа одеднаш се случи стратегиско обединување и национално помирување.

Во мигот кога на дневен ред дојде Законот, настана вистинско стампедо кон излезните врати на салата, од двете партии, во буљук, по што останаа присутни само 15-тина пратеници, што значи дека немаше кворум за гласање на законот. (Ако има некој снимка од тие мигови, нека ја постира во коментар). Не е ова тивок бојкот како што некои го нарекоа, ова е громогласна, дрска, битангоидна јавна манифестација на презир кон граѓаните од страна на „народните пратеници“, и тоа кога тие граѓаните се во егзистенцијална опасност.

Ова е еден од досега најеклатантните докази за кукавичлакот на „избраните“ и, особено, за негативната селекција според која тие се селектирани за во парапарламентот. Затоа и е ѓоа-парламент, т.е парапарламент. Парата го владее.

Севкупно, здружената, неофицијална Цијанидна коалиција СДС-ДПМНЕ, асистирана од ДУИ, уште еднаш потврди дека нивните кавги само ја замајуваат јавноста во вид на димни бомби. Во реалноста, се работи за коњуктурно-лукративна групација со ротирачка методологија, која 27 години ја упропастува државата и која може да ја купи кој сака. Рудниците на смртта се вистински лакмус, огледало за погубните дејства на таа коалиција.

Ние, во овој чин прочитавме неколку јасни пораки:
1. СДСМ ни оддалеку не е компактна во врска со рудниците на смртта. Зоран Заев, доколку е/беше искрен во исказите дека е против рудниците на смртта, во што сакаме да веруваме, очигледно нема контрола врз пратениците. Или , пак, цело време лаже-корне, манипулира, купува време и дефокусира. Моментално, главните политички играчи на цијанидната коалиција/рударското лоби му се во владата: еден како потпретседател за економски прашања, друг како генерален секретар . Во случајов, очигледно тие му ги контролираат најголемиот број пратеници.

2. ДПМНЕ нема ни абер ни усул да преземе нешто против рудничката закана, проблем што таа партија ни го остави како патриотско наследство преку претходната гарнитура на власт. Очигледно, оваа партија во слободен пад и нема намера да се занимава со овој проблем, уште помалку да се искупи, бидејќи значајни партиски структури се очигледно непоправливо корумпирани во врска со проблемот. Мицковски е демагог, кој не може да донесе ништо ново, ниту е воопшто заинтересеиран за проблемот со рудниците, туку е преокупиран пред се со улогата во драмолетката која му е доделена во врска со референдумот за името.

3. Народот е оставен сам да го решава проблемот и да се заштити, бидејќи државата не го штити. Народот и ќе се заштити, бидејќи мора да се заштити. Во спротивно, ќе мора да се исели, бегајќи од отровите. Пратениците од Југоистокот кои ја избегнаа денешната седница, ќе бидат јавно обелоденети.

4. Т.н. рударско лоби мора да биде елиминирано и оневозможено да влијае врз политиката, како што досега со децении влијаело Македонија да нема закон за максимум дозволена контаминација на почвата, имено за да можат рудниците да загадуваат без контрола, без казни и без забрани.

На денешен ден пред една година, Цијанидната коалиција составена од структури, пред се на ДПМНЕ, но и на СДСМ, го опструираше и тивко го бојкотираше референдумот во Општина Босилово против рудникот Иловица-Штука. Меѓу другото, со здружени сили, од ДИК ни испорачаа катастрофално непрочистен избирачки список.
Денеска, македонскиот политички цијанид уште еднаш, по којзне кој пат ги остави граѓаните на цедило, преку пратеници кои мислат исклучиво на сопствените џебови; еден глупав, себичен буљук простачки профитери без елементарен морал и одговорност пред општеството. Денеска избегаа, но долгорочно нема да избегаат. Секој ќе мора да се изјасни.

Најавуваме, во најкус можен рок, донесување итни решенија во врска со облиците на натамошниот отпор против рудникот Иловица-Штука, а доколку пратениците во најскоро време не го изгласаат Законот, и почеток на консултации за еден вид општомакедонски еколошки фронт. Ќе бидете информирани.

Ставот е превземен од фејсбук