Бојкотот како отпор

Аргументот дека треба да гласаме ЗА на референдумот со споредбата со бугарските пасоши е само пукање во нога за неговите пропагатори. Тие што зеле бугарски пасоши не отишле да живеат во Бугарија (земја која веќе една деценија е во ЕУ), туку во поразвиените земји на Запад.

Всушност, статистиката на Светска банка за Бугарија гласи дека во 2007 година (кога земјата влегла во ЕУ) населението изнесувало 7 500 000 жители, додека во 2016 година бројката на населението изнесувало 7 100 000 жители (бројката е уште пофрапантна ако се земе во предвид напливот на бугарски пасоши од Македонија). Или на Бугарија и се случува економски геноцид со масовно иселување затоа што ЕУ нема механизми да се справи со длабоко корумпираното општество и криминалците – политичари на власт.

А нашата влада сака да не’ убеди СЕГА да прифатиме уценувачки договор од позиција на сила (со кој се легитимизира децениската шовинистичка политика на грчките власти) за некаков си евентуален влез во ЕУ кој најверојатно би се случил за минимум 20 години (ако го имаме во предвид тоталното немање политичка волја на актуелната власт за решавање на суштинските проблеми).

Затоа народот одбива да ја проголта пропагандата за некаков си просперитет кој ќе блесне со Договорот сервирана од владејачка гарнитура за која секој ден избиваат скандали за корупција, наместени огласи, тендерчиња од неколку милиони евра и перверзни непочитувања на закони и Устав. Народот одбива да верува во просперитетот кој ќе го донесе Рада, Анѓушев, Шилегов, Али, Амди Бајрам и остали истрошени политичари кои со децении живеат на кавијар, додека обичниот народ нема за леб.

Никакви договори, прогласи и свечености нема да ја подобрат мизеријата на обичниот работник се додека оние кои ги креираат државните политики работат за интересите на капиталот.
И затоа масовниот #Бојкот кој ќе и се случи на оваа власт претставува отпор на обичниот народ кој повеќе не верува во приказните за благодет и благосостојба донесени од партии на елитите и капиталот!
Став на Мојсоска Јована, член на Централниот Комитет на Левица

Превземено од ФБ.