НАТО: империјален питбул

Share on FacebookTweet about this on TwitterShare on Google+Share on LinkedInEmail this to someone

Едно од најлажливите клишеа на западните описи на историјата по Втората светска војна е дека НАТО беше создаден како одбранбен аранжман за да се блокира заканата од советски напад врз Западна Европа. Ова не е точно. Точно е дека западната пропаганда ја преувеличи советската закана, но многу клучни американски и западноевропски државници разбираа дека советската инвазија не е вистинска закана. Советскиот Сојуз беше разрушен и иако поседуваше голема војска, беше исцрпен и му требаше време за да закрепне. На САД добро му одеше, војната ја ревитализира неговата економија, не претрпе никаква воена штета и имаше атомска бомба во својот арсенал, што му ја покажа на Советскиот Сојуз, убивајќи четврт милион јапонски цивили во Хирошима и Нагасаки. Нападот врз Советскиот Сојуз пред да закрепне или да стекне атомско оружје се дискутираше во Вашингтон, иако беше отфрлен во корист на „задржувањето“, економското војување и другите облици на дестабилизација. Документот на Советот за национална безбедност број 68, од април 1950 година, истовремено омаложувајќи ја големата советска закана, изречно повикува на програма за дестабилизација насочена кон промена на власта во таа земја, а што конечно беше остварено во 1991 година.

Така, дури и тврдо-линијашот Џон Фостер Далс изјави уште во 1949 година: „Јас не знам ниту едно одговорно високо службено лице, воено или цивилно… во оваа влада или во која било друга влада, што верува дека советите сега планираат освојување преку отворена воена агресија.“ Но, забележете го речникот на Далс – „отворена воена агресија“. „Заканата“ повеќе беше од видот на можна советска поддршка за левичарските политички групи и партии во Западна Европа. Сенаторот Артур Ванденберг, главен сподвижник на НАТО, отворено изјави дека функцијата на НАТО-вата воена структура ќе биде „главно од практичната причина да се обезбеди соодветна одбрана од внатрешната субверзија“. Многу поголемата поддршка на десничарските сили од страна на САД не беше, се разбира, помош за внатрешната субверзија и закана за демократијата; само можната советска помош за левицата спаѓа во таа категорија. (Потсетете се на тврдењето на Адлај Стивенсон во доцните 1960-ти дека отпорот во Јужен Виетнам од страна на домашните сили непријателски расположени кон режимот на малцинството наметнат од САД беше „внатрешна агресија“).

Не-германските западноевропски елити повеќе беа загрижени поради германската преродба и германската закана и, како американските службени лица, повеќе се грижеа да ја потиснат моќта на левицата во Европа отколку која било советска воена закана – и САД ги притискаше Европјаните да ги зајакнат своите воени сили и да купуваат оружје од американските снабдувачи! Иако намерно преувеличена па дури и измислена, советската воена закана сѐ уште беше многу корисна за да се дискредитира левицата, врзувајќи ја со Сталин и болшевизмот и наводната советска инвазија и митската програма за освојување на светот.

Всушност, Варшавскиот пакт беше далеку повеќе „одбранбен“ аранжман од НАТО; нејзиното создавање следеше по создавањето на НАТО и јасно беше одговор, а покрај тоа беше и структура на послабата страна и со членки врз кои можеше помалку да се потпре. И на крајот, тој пропадна, додека НАТО беше важен во долготрајниот процес на дестабилизирање и разградување на советскиот режим. Меѓу другото, вооружувањето и силата на НАТО беа дел од американската стратегија да се принудат советите да трошат ресурси на вооружување наместо да обезбедуваат средства за благосостојба, среќа и лојалност на своето население. Тоа исто така ја охрабри репресијата, создавајќи вистинска безбедносна закана, која, повторно, ѝ наштетуваше на народната поддршка и на угледот на државата во странство. Во текот на овој ран период, советските лидери доста се трудеа да договорат некој вид мировен договор со Западот, што вклучуваше и откажување од Источна Германија, но САД и, следствено, неговите европски сојузници-клиенти тоа не го сакаа.

Како што веќе беше кажано, според американското официјално гледиште и, следствено, според она на естаблишментските медиуми, само советската интервенција во Западна Европа по Втората светска војна беше лоша работа и се закануваше со „внатрешна субверзија“. Но, во не-орвелијанскиот свет ќе се препознае дека САД далеку го надмина Советскиот Сојуз во поддршката не само на „внатрешната субверзија“, туку и на вистинскиот тероризам во годините по 1945-та. Левицата доби сила по Втората светска војна преку фактичка борба против Нацистичка Германија и Фашистичка Италија. САД се бореше против подоцнежните обиди на левицата за политичко учество и власт со сите средства, вклучувајќи го и директното војување во Грција и масивното финансирање на анти-левичарските партии и политичари ширум Европа. Во Грција, ја поддржуваше крајната десница, вклучително и многу поранешни соработници со фашизмот и успеа да воспостави грозен десничарски авторитарен режим. Продолжи да ја поддржува фашистичка Шпанија и ја прифати фашистичка Португалија за основачки член на НАТО, при што оружјето на НАТО му помагаше на Португалија да ги води своите колонијални војни. А САД, доминантната сила на НАТО, поддржуваше десничарски политичари и поранешни нацисти и фашисти насекаде, истовремено, се разбира, тврдејќи дека е про-демократски и дека се бори против тоталитаризмот.

Можеби најинтересна беше американската и НАТО поддршката за паравоените групи и тероризмот. Во Италија, тие беа поврзани со државата и десничарските политички фракции, тајни здруженија (Пропаганда Дуе (П-2)) и паравоените групи кои, со полициска соработка, работеа на она што се нарекуваше „стратегија на тензија“, во која се спроведе серија терористички акции за кои беше обвинета левицата. Најпознатата акција беше поставувањето бомба на железничката станица во Болоња во август 1980 година, во кои беа убиени 86 лица. Обучувањето и интегрирањето во полициско-ЦИА-НАТО операции на поранешните фашисти и фашистички соработници беше на исклучително ниво во Италија, а вообичаено на другите места во Европа (за италијанската сторија види Herman and Brodhead, “The Italian Context: The Fascist Tradition and the Postwar Rehabilitation of the Right,” во Rise and Fall of the Bulgarian Connection [New York: Sheridan Square, 1986]. За Германија, види William Blum, on “Germany 1950s,” во Killing Hope [Common Courage: 1995]).

НАТО исто така беше поврзан со „операцијата Гладио“, програма организирана од ЦИА, со соработка на владите на НАТО и безбедносните структури, која во повеќе европски држави воспостави тајни кадри и складира оружје, наводно подготвувајќи се за заканата од советската инвазија, но фактички подготвувајќи се за „внатрешна субверзија“ и на располагање за поддршка на десничарските државни удари. Тие беа употребени во редица прилики од десничарските паравоени групи за спроведување на терористички операции (вклучувајќи го поставувајќи бомба во Болоња и многуте терористички инциденти спроведени во Белгија и Германија).

Гладио и плановите на НАТО исто така беа употребени за борба против „внатрешната закана“ во Грција во 1967 година: имено, демократскиот избор на една либерална влада. Како одговор на тоа, грчката војска го употреби „Планот Прометеј“ на НАТО, заменувајќи го демократскиот поредок со воена диктатура склона кон измачувања. Ниту НАТО ниту Џонсоновата администрација [на САД] не приговорија. Другите сили на Гладио, од Италија и другите места, доаѓаа на обука во Грција за време на нејзиното фашистичко меѓувластие, да научат како да се справат со „внатрешната субверзија“.

Накратко, од самиот почеток НАТО се покажа дека е офанзивно, а не дефанзивно ориентиран, спротивставен на дипломатијата и мирот и поврзан со широко-распространети терористички операции и други облици на политичко вмешување кои беа недемократски и фактички закани за демократијата (кои, ако можеа да се поврзат со Советите, ќе беа осудени како дрска субверзија).

Пост-советското НАТО

Со крајот на Советскиот Сојуз, како и на тој застрашувачки Варшавски пакт, теоретската рационала на НАТО исчезна. Но, иако таа рационала беше измама, НАТО сепак требаше, заради јавната конзумпција, да ја редефинира својата причина за постоењето, а наскоро презеде поголема и поагресивна улога. Без никаква потреба да ја поддржува Југославија по распадот на Советскиот Сојуз, НАТО набрзо воспостави соработка со своите американски и германски членки да го вовлечат во војна и да го растурат тој поранешен западен сојузник, прекршувајќи ја во тој процес Повелбата на ОН која забранува прекугранично војување (т.е. агресија).

Интересно, среде бомбардирачката војна на НАТО против Југославија, во април 1999 година, НАТО ја прослави својата 50-та годишнина во Вашингтон, славејќи ги своите успеси и со карактеристичната орвелијанска реторика ја искажа својата посветеност на меѓународното право, додека беше во тек неговото продолжително флагрантно прекршување на Повелбата на ОН. Всушност, изворниот основачки договор на НАТО од 1949 година почнуваше со реафирмирање на „вербата во Повелбата на ОН“ од страна на неговите членки, а во членот 1 се прифаќа „како што е утврдено во Повелбата на ОН, да се решаваат меѓународните спорови со мирни средства.“

Сесијата од април 1999 година го продуцира документот „Стратешки концепт“ кој утврди наводно нова програма за НАТО сега кога неговата „заемно одбранбена“ улога за спречување на советската инвазија престана да биде убедлива. (“The Alliance’s Strategic Concept,” Washington, D.C., April 23, 1999). Алијансата сѐ уште ја нагласува „безбедноста“, иако „се посветува на суштински нови активности во интерес на пошироката стабилност“. Ги смета за добредојдени новите членки и новите „партнерски“ аранжмани, иако поради што тие се неопходни во светот по Студената војна со САД и неговите најблиски сојузници толку моќни – никогаш не стана јасно. Признава дека „конвенционална агресија во голем обем против Алијансата е доста неверојатна“, но, се разбира, никогаш не ја спомнува можноста за „конвенционална агресија во голем обем“ ОД членките на Алијансата и се фали за улогата на НАТО на Балканот како показател на нејзината „посветеност на пошироката стабилност“. Но, не само што овој напор на Алијансата беше случај на [не]легална агресија – „нелегална, но легитимна“, според орвелијанската фраза на клучните апологети – туку, спротивно на овој документ, НАТО одигра крупна дестабилизаторска улога на Балканот, помагајќи да започне етничко војување и одбивајќи да примени дипломатска опција на Косово со цел да може да ја нападне Југославија во војна на бомбардирање, која беше во тек додека овој документ се делеше. (За дискусија околу улогата на НАТО, види Herman and Peterson, “The Dismantling of Yugoslavia,” Monthly Review, Oct. 2007.

„Стретешкиот концепт“ исто така се застапува за контрола на вооружувањето, но всушност од самиот почеток НАТО промовира повеќе вооружување, а сите нови членки како Полска и Бугарија беа обврзани да го надградат своето „интер-оператибилно“ вооружување, односно да стекнат повеќе вооружување и да го купат истото од САД и другите западни снабдувачи. Од продуцирањето на овој документ во 1999 година, водечката членка на НАТО, САД, повеќе од двојно го зголеми својот воен буџет и во голема мера ја зголеми својата продажба на вооружување во странство; отиде уште подалеку во вселенските воени операции; се повлече од Договорот за ограничување на противракетните проектили од 1972 година; одби да го ратификува Договорот за сеопфатна забрана на (нуклеарните) тестови и го отфрли како Договорот за мини така и Договорот на ОН за контрола на меѓународниот проток на незаконското ситно вооружување. Со помош на НАТО се создаде нова трка во вооружувањето, во која се вклучија многу американски сојузници и клиенти, како и соперници и мети.

Документот од 1999 година исто така ја изразува поддршката на НАТО за Договорот за неширење на нуклеарното оружје, но истовремено нагласува колку е важно нуклеарното оружје за силата на НАТО – на тој начин отфрлајќи еден централен елемент на овој договор, кој вклучува и ветување на нуклеарните сили дека ќе работат на елиминирање на нуклеарното оружје. Она што ова значи е дека НАТО сака неширење само за неговите мети, како Иран. Нуклеарното оружје „дава уникатен придонес кон правењето ризиците од агресија против Алијансата да бидат непресметливи и неприфатливи.“ Но, ако Иран има такво оружје, тоа ќе ги направи „ризиците од агресија“ за „Алијансата“ – а нему членката на Алијансата САД и нејзиниот партнер Израел му се заканија – неприфатливи. Очигледно, тоа не може да помине.

Во неговиот сегмент за безбедноста, Стратешкиот концепт кажува дека се бори за безбедносна околина „втемелена на растежот на демократските институции и посветеноста на мирното решавање на споровите, во која никоја земја нема да може да застрашува или присилува која било друга земја преку закана или употреба на сила.“ Дволичноста тука е запрепастувачка. Самата суштина на политиката и практиката на НАТО е да се заканува со употреба на сила, а американската политика за национална безбедност сега е изречна околу тоа дека планира да одржи воена супериорност и да спречи која било друга соперничка сила да ја предизвика таа супериорност, а со цел да го држи уздите глобално – со други зборови, планира да владее преку застрашување.

НАТО сега тврди дека не му се заканува никому, па дури и зборува во Стратешкиот концепт за можни заеднички „операции“ со Русија. Повторно, нивото на дволичност е високо. Како што знаеме, постоеше американско ветување до Горбачов кога тој се согласи да ѝ дозволи на Источна Германија да се обедини со Западна, дека НАТО нема да се помести „ниту инч“ понатаму кон Исток. Клинтон и НАТО брзо го прекршија ова ветување, апсорбирајќи ги во НАТО сите поранешни источноевропски советски сателити, како и балтичките држави. Само самозалажувачки глупаци и/или пропагандисти нема да препознаат во ова безбедносна закана за Русија, единствената сила во регионот што може барем теоретски да им се закани на членките на НАТО. Но, Стратешкиот документ се прави на удрен и ги признава само заканите за неговите членки.

Иако „угнетувањето, етничкиот конфликт“ и „ширењето на оружјето за масовно уништување“ наводно се големи грижи за новиот НАТО, неговите односи со Израел се блиски и никаква пречка не се става (ниту ќе се стави) на израелското угнетување, етничко чистење или на неговиот полу-признат значителен нуклеарен арсенал и, се разбира, ниту неговата војна против Либан во 2006 година ниту неговите тековни убиствени напади врз Газа не ги нарушија топлите односи, ништо повеќе од тоа што американско-британскиот неиспровоциран напад врз Ирак ја наруши солидарноста помеѓу членките на НАТО. Штом Израел е високо фаворизиран американски клиент, тогаш по дефиниција е слободен да ги крши сите високи принципи спомнати од Стратешкиот концепт. Во 2008 година НАТО и Израел потпишаа воен пакт, па можеби НАТО наскоро ќе ги помогне израелските „безбедносни“ операции во Газа. (Всушност, избраникот на Обама за советник за национална безбедност, Џејмс Џонс, во изминатата година постојано труби околу тоа трупи на НАТО да го заземат Појасот Газа, па дури и Западниот Брег. Тој не е осамен глас во американскиот естаблишмент).

Новиот НАТО е американски и империјален питбул. Во моментов помага повторно да се вооружи светот; охрабрувајќи ја воената надградба во бившите балтички и источноевропски советски сателити – сега американски и НАТО сателити; работејќи тесно со Израел додека тој партнер на НАТО етнички ги чисти и ограбува своите пониски луѓе [untermeschen]; помагајќи му на својот господар да воспостави клиентски држави на руските јужни граници, официјално поддржувајќи го поставувањето на американски антиракетни проектили во Полска, Чешка, Израел и, заканувачки, на други места, на големо растојание од САД; и поттикнувајќи го интегрирањето на американските планови во поширокиот НАТО „штит“. Ова фактички ја принудува Русија на поагресивни чекори и го забрзува повторното вооружување (како што направи НАТО во претходните години).

И, се разбира, НАТО ја поддржува американската окупација на Ирак. Генералниот секретар на НАТО Шефер редовно се фали дека сите 26 држави на НАТО се вклучени во Операцијата Ирачка слобода, внатре во Ирак или во Кувајт. Секоја една балканска нација освен Србија има трупи во Ирак и сега има во Авганистан. Половина од Заедницата на независни држави од поранешниот Советски Сојуз исто така обезбедија трупи во Ирак, а некои и во Авганистан. Тоа се тренинг подрачја за продирање и „интер-оператибилизирање“ на новите „партнери“, како и за развивање на нова платеничка база за растечките операции „надвор од областа“ на НАТО, како што НАТО учествува поактивно во американските војни во Авганистан и Пакистан.

Како што веќе беше кажано, НАТО се фали со својата улога во Балканските војни, а и овие војни и војните во Ирак, Авганистан и Пакистан ја прекршија Повелбата на ОН. Беззаконието е вградено во новиот „стратешки концепт“. Надминувајќи ја претходната (лажлива) „колективна самоодбрана“, секогаш експанзивните НАТО сили си го дадоа овластувањето да вршат воени кампањи „надвор од областа“ или таканаречени „не-член 5“ мисии надвор од територијата на НАТО. Како што правниот истражувач Бруно Сима забележа уште во 1999 година, „пораката што овие гласови ја внесуваат во нашиот контекст е јасна: ако испадне да не може да се добие мандат или одобрување од Советот за безбедност за идните ‘не-член 5’ мисии кои вклучуваат вооружени сили, НАТО сепак мора да може да продолжи со тоа спроведување. Дека Алијансата е способна така да постапи беше покажано во Косовската криза.“ (“NATO, the UN and the Use of Force: Legal Aspects,” European Journal of International Law, Vol. 10, No. 1, 1999).

Новиот НАТО со задоволство му помага на својот господар да проектира моќ низ целиот свет. Како дополнение на опколувањето и заканувањето на Русија, тој применува „партнерски аранжмани“ и спроведува заеднички воени маневри со земјите од таканаречениот Медитерански дијалог (Израел, Египет, Јордан, Мароко, Тунис, Мавританија и Алжир). А НАТО воспостави и нови парнерства со државите од Советот за соработка во Заливот (Бахреин, Кувајт, Саудиска Арабија, Оман, Катар и Обединетите Арапски Емирати), на таков начин проширувајќи го воениот опсег на НАТО од атлантскиот брег на Африка до Персискиот Залив. Во истата временска секвенца има непрекината серија посети од НАТО и поморски вежби со поголемиот дел од овие нови партнери како и (во оваа претходна година) прв формален НАТО-израелски билатерален воен договор.

Питбулот е добро позициониран за да му помогне на Израел во неговите масивни прекршувања на законите, да им помогне на САД и Израел да му се закануваат и можеби да го нападнат Иран и да ја прошири својата кооперативна програма на пацификација на далечните народи во Авганистан и Пакистан и, без сомнение, насекаде – а сето тоа во наводниот интерес на мирот и на таа „поширока стабилност“ спомната во Стратешкиот концепт. НАТО, како и самите ОН, обезбедува маска на наводен мултилатерализам за она што е беззаконит и речиси неконтролиран империјален експанзионизам. Во стварноста, НАТО, како агресивна глобална продолжена рака на САД и на другите локално поврзани империјализми, претставува сериозна закана за светскиот мир и безбедност. Наскоро ќе ја слави својата 60-та годишнина и, иако требаше да биде ликвидиран уште во 1991 година, наместо тоа, тој се прошири, преземајќи нова и загрозувачка улога која произлегува од неговиот Стратешки коннцепт од 1999 година и уживајќи застрашувачки малиген раст.

– Едвард С. Херман

Превземено од: https://www.marxists.org/makedonski/herman/2009/nato.htm