Локалитетот Градиште во атарот на селото Младо Нагоричане, Кумановско со своите карактеристики потсетува на престолнината на Античките Македонци

Завршија археолошките ископувања на локалитетот Градиште во атарот на селото Младо Нагоричане, кои беа насочени кон градбите откриени во изминатите години, на средната траса. Дел од наодите се наоѓаат и во постојаната поставка на кумановскиот музеј и се достапни за јавноста.

На локалитетот кој е истражуван последниве неколку години, пронајдени се уникатни археолошки содржини, некои првпат откриени во државава, карактеристични за античкото кралство Македонија

Од 2018 година, кумановските археолози самостојно го истражуваат локалитетот, но и другите делови на локалитетот Градиште, односно Средна и Долна Тераса. Во овој дел се пронајдени внатрешни одбранбени ѕидови, како и интервенции на карпа за кои се верува дека се светилиште каде што се изведувани ритуали. Истовремено, националната установа Музеј Куманово е пионер во геофизичките истражувања и во соработка со Археолошкиот музеј се скенирани најважните делови, кои во периодот што следува ќе бидат од интерес на истражување.

За значењето на локалитетот Градиште, Дејан Ѓорѓиевски вели дека заедно со откриените ѕидови во владетелската палата на Кнежје, објектот на Теќе – Отовица и т.н. „стоа“ на Вардарски Рид, новите наоди ги побиваат тезите дека малтерните ѕидови кај нас се јавуваат првпат со доаѓањето на Римјаните.
Сличности со Пела се забележуваат и во системот на транспорт и филтрирање на водата. Како најдобар показател за тесната поврзаност на овој објект со македонското кралство на југ, секако, се годинашните наоди од аплики за врата. Покрај стандардните, кружни аплики што се среќаваат на поширока територија, откриени се и неколку со издаден и профилиран врв. Идентични такви наоди има на вратите од гробницата во Агиа Параскеви кај Солун и Лангаза, прецизно датирани кон крајот на 4 век и почетокот на 3 век пред нашата ера – вели Ѓорѓиевски

Според последното истражување, археолозите од националната установа Музеј Куманово претпоставуваат дека откриените ѕидови се меѓу највредните и најодржуваните објекти на споменатиот археолошки локалитет.
Се верува дека станува збор за бедем што бил граден во неколку фази во текот на целиот антички период додека постоел локалитетот. Археолошките наоди посочуваат дека на западната страна на бедемот била доградена и кула, која имала улога во одбраната. Меѓутоа конфигурацијата укажува дека бедемот настрадал со ерозивните дејства на локалитетот, за кои се верува дека се настанати како резултат на активности од поново време.

Раководител на проектот, Дејан Ѓорѓиевски, вели дека податоците даваат интересни сознанија, кои повторно ја потврдуваат значајната улога што ја има локалитетот во периодот на раната антика. Според историските податоци, истражуваниот локалитет се наоѓа на територија што од 3 до 2 век пред нашата ера претставувала фронтална линија во борбите на античките македонски кралеви против континуираните напади на Дарданците кон југ, по освојувањето на пајонските територии.

Откриениот бедем со придружните елементи немал улога да ја заштити целата населба, туку само најгорниот, акрополен дел, од каде што потекнуваат и најексклузивните наоди.
Со последните истражувања е отворен северниот дел од објектот на акрополата, со цел да се утврди дали се тоа повеќе објекти или нешто поголемо. Со откривањето на неговите северни граници можеме да заклучиме дека целиот највисок дел на ридот бил искористен за градење на само еден голем објект, кој според својата форма бил од резиденцијален тип, односно палата. Градбата ја карактеризираат неколку уникатни содржини. Имено, тука се пронајдени целосно зачувани јонски капители и бази од предримски период, односно од 4 до 3 век пред нашата ера, кои, засега, се единствени од ваков тип во државава. Градбата има и просторија во која била складирана вода, градена со под од малтер и со тоа асоцира на бања, каква што има на Вардарски Рид (македонски град Гортинија), но и во кралските палати во Вергина и Пела – вели Дејан Ѓорѓиевски.