Путин очекувал Карлсон да биде поагресивен во интервјуто

Рускиот  претседател Владимир Путин пред домашните медиуми изјави дека не уживал целосно во интервјуто со американскиот новинар Такер Карлсон. Според Путин, тој сакал Карлсон да биде поагресивен и да поставува тешки прашања за да може да му одговори исто. Но, како што истакнува Путин, Карлсон избрал поинаква тактика.

– Искрено кажано, не добив целосно задоволство во ова интервју, но тој строго го следеше својот план и го постигна – рече Путин.

Рускиот претседател додаде дека не е на него да суди за содржината на интервјуто.

Путин го нарече Карлсон опасна личност и призна дека бил подготвен да слушне поагресивни прашања за да може исто толку остро да одговори на нив.

– Неколку пати се обиде да ме прекине, но изненадувачки за еден западен новинар, се покажа трпелив, ги слушаше моите долги дијалози, особено оние поврзани со историјата. Тој не ми даде причина да го направам она што бев подготвен да го направам – изјави претседателот.

Путин исто така рече дека би било тажно ако Карлсон биде уапсен во САД за интервјуто, но дека Карлсон знае во што се впушта.