Москва: Од 20 јули сите бродови кои пловат кон украинските пристаништа ќе се сметаат за мета

Од полноќ на 20 јули, сите бродови кои пловат по Црното Море до украинските пристаништа ќе се сметаат за потенцијални превозници на воен товар, соопшти руското Министерство за одбрана.

Затоа, земјите кои испраќаат такви бродови ќе се сметаат за вклучени во украинскиот конфликт на страната на Киев, се наведува во соопштението што го пренесува РИА Новости.

Покрај тоа, некои области во северозападниот и југоисточниот дел на меѓународните води на Црното Море се прогласени за привремено опасни за пловидба.

„Релевантни информативни предупредувања за повлекување на безбедносните гаранции за морнарите се издадени на пропишан начин“, додаваат од руското министерство.