Еден месец забрана за работа на Венера Кемаловски

Државниот инспекторат за труд ја казни агенцијата Венера Кемаловски, која измами група студенти за работа во Германија. Освен кусото соопштение, во кое инспекторатот известува за вонредната инспекција извршена во филијалата после поплаките на студентите, инспекторатот најавува и поднесување на прекршочна пријава. Од агенцијата, со денови одбиваат да ги коментираат обвинувањата, под изговорот дека се премногу зафатени со апликациите на студентите.

Да напоменеме, филијалата барала околу 300 евра (2000 денари за интервју и 250 евра за трошоци) од секој студент поединечно (кои биле уплатени на рака) и само на дел од нив парите им биле вратени. Се наметнува прашањето за тоа колку преземените мерки од страна на инспекторатот се соодветни за да се казни ваквиот однос на агенцијата кон студентите.

Да се потсетиме какви казни досега биле изречени против прекршителите на законот. Мерка затвор се изрекува кога луѓе крадат 150 ќебапи или 8 тегли ајвар и еден сок. Овие ситни престапи дури ни заедно немаат вредност колку што е штетата нанесена на само еден измамен студент, но за нив се изречени далеку поригорозни мерки, отколку мерките против филијалата Венера Кемаловски, иако таа краде значително поголеми суми на пари. После месец дена, таа ќе продолжи да работи и да профитира на џебот на граѓаните, можеби претрпувајќи одредена парична казна. Под знак прашање е дали воопшто студентите ќе добијат некаква компензација.

Овој случај е само еден од многуте кој повторно покажува дека државниот апарат функционира само во корист на мала група на луѓе. Во време кога единствена цел делува дека е економскиот профит, високите државни функционери и сопствениците на капитал се заштитени, а сите останати се оставени на цедило. Казните изречени против Венера Кемаловски нема да го демотивираат ваквото однесување во иднина – напротив, нивната несоодветност може дополнително да ја охрабри злоупотребата на работниците и студентите (идните работници).