За „објективноста“ на либералните корпорациски медиуми или зошто некои протести се поеднакви од други

Изминатиов период го одбележуваат протести ширум светот, од Чиле и Еквадор, до Хаити и Каталонија. Но, протестите кои добиваат убедливо најголемо внимание и покриеност од страна на корпорациските медиуми, се оние во Хонг Конг. Доколку пребарате „Хонг Конг протести“ на страната на Њујорк Тајмс за месец октомври ќе добиете 282 резултати. За споредба, за истиот период ќе добиете 20 резултати ако пребарате „Чиле протести“, 43 резултати за Еквадор и 16 за Хаити. 

Ваквите резултатите не се никаков одраз на големината на протестите, нивната важност или пак бројот на жртви на полициско насилство. Во Хаити 18 луѓе загинаа за време на протестите кои сеуште се во тек. Скоро 20 луѓе веќе загинаа во Чиле. За споредба, досега никој не беше убиен во протестите во Хонг Конг, ниту војската беше повикана како што е случајот со Чиле. 

Чилеанската влада објави дека уапсиле 5400 луѓе во една недела протести. Оваа бројка е двојно поголема од бројот на уапсени во протестите во Хонг Конг кои траат со месеци (од април 2019). 

Причината поради ваквото известување во медиумите се крие во тоа кој е позади протестите и зошто.

Медиумското известување за протестите се искористува за непријателите да бидат претставени како злобни, а сојузниците како жртви. Затоа, овие медиуми имаат помалку сочуство со жртвите кои не влегуваат во нивната рамка за поделба на добри и лоши.

Во анализите на Њујорк Тајмс за протестите во Хонг Конг се зборува за „борци за демократија“ кои се борат за да го ограничат “репресивното владеење на Кинеските комунисти“. Понатаму, Тајмс се исмејува со идејата дека „надворешни сили“ влијаат врз протестите, нарекувајќи ги подвалувања од Комунистичката влада. Но Америчката Национална Фондација за Демократија (NED) официјално од 2014 година има уплатено 22 милиони долари во Фондови наменети за „идентификување на нови патишта до демократијата и политички реформи во Кина“. Овие податоци не беа спомнати во извештаите на светските реномирани медиуми.

За разлика од ова, истите тие медиуми сериозно ги земаат обвинувањата дека протестите во Еквадор се всушност оркестрирани од страна на Николас Мадуро од Венецуела. Гардиан (на 10/08/2019) дури и ги нарекле демонстратите „луѓе кои не се ориентирани кон демократија“ туку се „насилни бунтовници“. Во однос на овие протести, официјалната Америчка политика е јасна и во линија со известувањето на медиумите. Стејт Департментот официјално го поддржа неолибералниот пакет за штедење на претседателот Морено во Еквадор. 

Доколку протестите се случуваат против Влади поддржувани од страна на САД тогаш очекувано е или воошто да нема известување за нив или тоа да биде направено пристрасно против демонстрантите, а на страна на корумпираните елити во служба на империјалистички интереси.

Текстот е скратена верзија на анализата на Алан МекЛеод од Медиумската Група при Универзитетот во Глазгов објавена на 27.10.2019.