За амерофилијата и русофобијата

Како што станува пожестока кампањата пред најавениот референдум во септември, така се погласни се етикетирањата кон сите оние кои се противат на членството на Република Македонија во воениот пакт НАТО. Станува очигледно дека владејачката партија максимално ја ангажира својата пропагандна машинерија, преку разни “независни” интелектуалци и новинари, за шиканирање на своите неистомисленици како руски платеници и путинови симпатизери (пракса која беше критикувана како фашистичка во едни, не толку, дамнешни времиња). И во јавноста се поизразена е општата мантра дека секоја анти – американска позиција е анти – демократска позиција, дека секој прогресивен ум мора да се идентификува со политиките на носителот на мир и демократија во светскиот поредок (во спротивно си поддржувач на “страшните”, неамерикански диктаторски режими).

Затоа не случајно во медиумите најекспонирани се вестите кои доаѓаат за уапсените опозиционери во Русија, за бруталноста на полицијата кон протестирачите во овие  недемократски режими, за опасноста од руското дестабилизациско влијание на Балканот и ширум светот итн. При тоа морам да го потенцирам моето мислење (за да не бидам обвинета за апологет на руските политики)  дека народот и во Русија е подеднакво угнетен и експлоатиран, угнетеност која произлегува од постоечките производни односи во капиталистичкиот систем. Па, дури и новинарите “заборавија” да ја пренесат веста дека во нашата држава во престојниот период ќе се слеат пет милиони долари во медиумскиот сектор за заштита од руското влијание  (па така ќе уживаме во независноста на демократските медиуми “дебело” финансирани од американската власт).

Во сета оваа агресивна референдумска кампања испливуваат на површина и хуманитарци за заштита на бегалците кои силно агитираат за влез во НАТО, најголемиот воен злосторник кој со децении репродуцира воени жаришта и бегалски кризи. Па, дури се јавува и феноменот на борци за демократија кои се ужаснуваат од контролираните медиуми во Унгарија, додека во САД се водат последните битки за зачувување на неутралноста на интернетот пред да биде потполно контролиран од неколку корпорации. Борци за демократија кои силно пропагираат за безбедноста и стабилноста која ни ја гарантира демократијата на САД, притоа свесно идентификувајќи се со злоделата и теророт која истата оваа демократија ги носи (само изминатата недела демократијата на САД во коалиција со Саудиска Арабија уби 80 цивили, меѓу кои 35 деца, при бомбардирање на автобус во Јемен).

Демократија која има традиција на инсталирање диктаторски влади и вршење воени злосторства во земјите од третиот свет, преку кои интервенции ги експлоатира нивните ресурси и ги држи овие народи во екстремна сиромаштија и беда. Демократија во која пред неколку денови беше пуштен на слобода активист на Партијата на Црни Пантери после 45 години поминати во затвор, додека уште дваесет активисти (дел од движења за правата на Црнците) се наоѓаат зад решетки повеќе од две децении. Демократија каде само во 2018-та година досега се убиени 580 лица од полицијата од кои најголем дел припаѓаат на црнечкото население. Но, нема да слушниме за овие грозни, недемократски чинови во популарните медиуми. Популарните медиуми нема да пренесат дека американскиот сон за слободата и еднаквоста која капитализмот ја носи се претвори во кошмар.

Затоа што се посилни стануваат движењата кои се спротиставуваат на капиталистичкиот сон на САД кој континуирано продуцира мала шака енормно богати поединци, наспроти огромната маса народ затрупан во сиромаштија. Сонот кој ги отвори единствено границите за капиталот за експлоатирање на евтина работна сила, а ги затвори границите за движење на народите. Сонот каде НАТО – пактот преставува само продолжена рака на империјалистичките апетити на САД за бомбардирање сиромашни држави и експлоатирање на нивните ресурси.

Во немоќ да го оправдаат отсуството на суштински реформи и безидејноста на оваа власт, владините апологети стануваат крајно провидни во своите обиди да го делегетимизираат целото анти – НАТО движење како платена проруска пропаганда која одработува за одредени центри на моќ. Затоа што зад ова анти-НАТО движење почиваат вредности и идеали кои силно му пркосат на ваквиот капиталистички систем и неговите војни за профит: идеалите за интернационална солидарност, соработка и мир помеѓу народите.