Поимите Здравје и Болест и нивната идеолошка злоупотреба (прв дел)

Прв дел од серијал текстови на темата Поимите Здравје и Болест и нивната идеолошка злоупотреба

Втор дел од серијал текстови на темата Поимите Здравје и Болест и нивната идеолошка злоупотреба

Трет дел од серијал текстови на темата Поимите Здравје и Болест и нивната идеолошка злоупотреба

Четврти дел од серијал текстови на темата Поимите Здравје и Болест и нивната идеолошка злоупотреба

Петти дел од серијал текстови на темата Поимите Здравје и Болест и нивната идеолошка злоупотреба


Капитализмот денес е како системска летална болест која меѓу своите симптоми вклучува и целосна аналгезија. И додека болниот ита кон леталната разврска (еколошки катастрофи, биотехнологии контролирани од приватници, и тоа мал број, глобални војни како економска нужност, пренаселеност во однос на потребите за капиталистичка акумулација, не и за општествена репродукција итн.), многу е тешко истиот тој болен да го убедите дека е болен и да ги прими лекарствата. Развитокот на техниката доведе до огромни релативни вишоци на вредноста, а оттогаш болеста се развива претежно по патиштата кои Маркс веќе во голема мера ги предвиде.. Резултанта од сите овие тенденции е што е сосема затскриено вистинското потекло на вишокот на вредноста, па со тоа и вистинската природа на системот во кој живееме, како и вистинскиот корен на сите зла со кои се соочуваме како човештво денес. Кај нас во Македонија, транзицијата дополнително ја засили конфузијата во однос на лоцирањето на вистинскиот „master of puppets“ кој ги влече конците во целата економско – општествена маскарада во која, како во „маската на црвената смрт“ од Едгар Алан По, постојано голта безброј животи, сништа, надежи, таленти и младости.

Сепак, има еден сектор кој се чини дека и на класно – најнеосвестениот му овозможува директен увид во вистинската чудовишна природа на системот во кој живее наспроти флуоресцентната, како на реклама шаренолика појавност. Тоа е либералниот (кој егзистира во капитализмот) здравствен систем. Може некако човек да се излаже и да поверува дека е можно да се поседува земја, или средства за производство, или дека трудот може да се купи и поседува како било која друга стока на пазарот, или дека банкарството е нешто различно од лихварство со цел државен апарат наместо силеџии задолжени за наплата на долговите. Но, кога ќе се соочи со ситуација да му биде ускратена медицинска интервенција, третман или лекарство од кои му зависат животот само затоа што не е во можност да ги плати, или пак јавното здравство е сосема уништено, неизбежно е во него да се распламти оправданиот револт, иако не секогаш знае да го насочи кон вистинскиот виновник. Поради тоа, полезно би било одблиску да го разгледаме здравјето како феномен, како темелен поим за разбирањето и на медицината и на здравствената заштита за да можеме да го утврдиме точното место кое здравството го има и за разбирањето на општествениот систем во кој живееме и за неговото значење за секоја револуционерна политика.

ДЕФИНИЦИЈА

СЗО здравјето го дефинира како „„потполна физичка, психичка и материјална благосостојба, а не само отсуство на болест“. Гледано чисто методолошки, оваа дефиниција содржи доста неправилности. Уште на прв поглед, гледаме дека прекршува многу од правилата на дефинирањето:

1. Не е акуратна .т.е. дефиницијата не го содржи само она што е најпотребно за определување на дефинираниот поим, во случајов „здравје“’. Имено, она „не само отсуство на болест“ би било излишно ако остатокот на дефиницијата е како што треба. Сепак, исто како што Фројд во „Психопатологија на секојдневниот живот“ покажува дека и најобичните и најситни грешки во говорот и сеќавањето се предизвикани од длабоки потсвесни содржини, можно е и оваа несмасна формулација да е предизвикана од некои длабоко потиснувани „подидeолошки“ содржини.

2. Не е адекватна (еквивалентна). Со други зборови, дефинираниот поим нема ист обем со дефиниенсот. Во една правилна дефиниција, тие би морало насекаде да бидат меѓусебно заменливи. На пример, секаде каде што стои „триаголник“ може да се замени со „тристрана геометриска слика“ без да се променат смислата и вистинитосната вредност на исказот. Да замислиме дека за некој бездомник и питач велиме прво дека тој нема „потполна физичка, психичка и материјална благосостојба“, а потоа велиме дека истиот тој бездомник „ е болен“. Дали овие два исказа исто значат и имаат иста вистинитосна вредност?

3. Не го почитува правилото дека дефиницијата не смее да биде негативна, ако може да биде позитивна. Во оваа смисла, пак е индикативно она „не само отсуство на болест“ . Самата потреба да ѝ се додаде за разјаснување на позитивната одредба „потполна физичка, психичка и материјална благосостојба“ ни кажува дека самата оваа позитивна одредба е недоволна, ако не и сосема погрешна.

4. Оваа дефиниција е циркуларна. Во дефиницијата фигурира поимот „физичка благосостојба“, а за да знаеме што е тоа физичка благосостојба, мора да знаеме и што е тоа „здравје“.

5. Оваа дефиниција не е ниту јасна. Самата потреба одново и одново да се повторува укажува дека поимот кој се стреми да го дефинира и понатаму остава недоумици во умовите на луѓето.

Особено оваа дефиниција за здравјето делува збунувачки ако се обидиме да го одредиме односот на здравјето (и болеста) кон медицината како теорија и пракса. Ако е болеста отсуство на „потполна физичка, психичка и материјална благосостојба“, во која мера таа е предмет на изучување и пракса за медицината? Дали таа „покрива“ само дел од обемот на поимот „здравје“, на пример само она „физичка“ , или „физичка и психичка“? Претераната работа (во случајот на работниците, принудната претерана работа) доведува до физичка и психолошка неблагосостојба, при што засегнатите се сосема свесни дека токму претераната работа е причина за нив. Што медицината на таквите може да им каже, или да ги советува, или да им помогне, освен додавањето во образецот на дијагнози нова шифра (R53) и ново име (Синдром на хроничен замор) и да им дава стимуланси за да можат да ја издржуваат таа исцрпувачка состојба (капиталот максимум да искористи од нивните животи)?

Гледаме дека ако за предмети на медицината како наука ги земеме здравјето и болеста дефинирани на овој начин, постои опасност на медицината да ѝ ги натовариме практично сите проблеми кои се создаваат во дадено општество.

Се чини дека проблемот е во тоа што здравјето и условите да се биде здравје се третираат како едно и исто нешто. На пример, материјалната благосостојба е услов за здравје, но не и здравје сама по себе. Можеби намерно е потпикната во дефиницијата за здравје за да се скрие каде навистина ѝ е местото – како обврска на општеството кон поединецот. Откако буржоазијата е на власт, вообичаен идеолошки маневар ѝ е системските недостатоци да ги сведува на лични (алчност на капиталистот, мрзливост на работникот, еколошка неосвестеност на поединците, неводење грижа за сопственото здравје).