Поимите Здравје и Болест и нивната идеолошка злоупотреба (втор дел)
Прв дел од серијал текстови на темата Поимите Здравје и Болест и нивната идеолошка злоупотреба
Втор дел од серијал текстови на темата Поимите Здравје и Болест и нивната идеолошка злоупотреба
Трет дел од серијал текстови на темата Поимите Здравје и Болест и нивната идеолошка злоупотреба
Четврти дел од серијал текстови на темата Поимите Здравје и Болест и нивната идеолошка злоупотреба
Петти дел од серијал текстови на темата Поимите Здравје и Болест и нивната идеолошка злоупотреба
МОЖНИ ПОИМАЊА НА ЗДРАВЈЕТО
Се чини, прашањето што е здравје прво треба да се постави на базично ниво. А тоа значи – неговиот онтолошки модалитет. Во прв ред, тоа значи дали здравјето е состојба во физичкиот, материјален свет, или некоја вредност или норма? За ова прашање во филoзофијата на медицината се издвоени две гледишта: натуралистичко и конструктивистичко.
Според натурализмот (или објективизам) поимите за здравје и болест вклучуваат емпириски судови за човечката физиологија. Според биостатистичката теорија на Кристофер Бурс, здравје е статистички нормално функционирање во дадена референтна класа (определена според пол, возраст итн.) и како такво здравјето е емпириски и објективен поим лишен од било какво повикување на вредности. Овa е, да го парафразираме Ленин, стихијно материјалистичко стојалиште на кое стојат повеќето лекари.
Според конструктивизмот, нашите поимања за тоа што е здравје, а што болест се само функции од нашите вредности. Еден од главните аргументи им се состојбите во кои една иста состојба го менува статус на здрава или болна во различни историски периоди и култури (како хомосексуалноста, на пример). Значи, тука здравјето не е физички туку аксиолошки ентитет. Така, здравјето би било регулаторна идеја, налик правдата, доброто и сл. Енгелхарт тврди дека поимот „здравје“ нема фиксна содржина бидејќи е носител на постојано променливите цели и очекувања на човекот.
Очигледен е субјективизмот на констурктивистичкото гледиште. За да се илустрира тоа, да ги разгледаме случаевите кои се чини најмногу го поткрепуваат.
- Хронични болни кои перманентно се под терапија. Нивната состојба никако не би можела да се нарече статистички нормална, но и тоа како попожелна во споредба со состојбата доколку не би ја земале терапијата (го оставаме настрана безочниот маркетинг на фармацевтските компании кои наоѓаат начин на секого за нешто да му тапосаат хронична, ако не терапија, тогаш „превенција“). Освен тоа, протезите или бајпасот исто така се „абнормални“ од гледна точка на „нормалната“ анатомија и физиологија, па сепак се аплицираат за пациентот да биде „здрав“. Навистина, доколку натуралистичкото објаснение инсистира врз „нормалноста“ или „природноста“ како критериум за здравјето, навистина не би можело да се одбрани од овој приговор.
- Естетска хирургија. Или би требало да ги откинеме поимите за здравје и медицина како суштински поврзани, па да кажеме дека естетската хирургија иако е медицина, сепак нема никаква допирна точка со здравјето, или пак мора да го прошириме поимот за здравје, па и причините за некоја естетска хируршка интервенција да спаѓаат во здравствени (да речеме, „грдите“ пациенти со интервенцијата би се избавиле од психичкото страдање). Па дури и пластичната и реконструктивната хирургија должат слично самооправдување. Ако по некој пожар, сообраќајна или било каква друга несреќа, човекот е спасен, и без никакви последици по здравјето, но останува со нагрден лик, дали и понатаму оправданоста од естетско хируршки зафат останува медицинска? Од гледна точка на медицината, која е разликата дали грдотијата која треба да ја санира е вродена или стекната? Како можеме од чисто научна, медицинска перспектива да правиме разлика од потребата од интервенција на преживеаниот од несреќата со нагрдено лице и потребата на 70 – годишната богата пејачка или актерка да „не изгледа стара“ или на некој Мајкл Џексон од црнец да стане белец? Ако некој рече дека Господ (или Природата) сакале Мајкл Џексон да биде црнец, со исто право би можеле да одговориме и дека Господ (или Природата) сакале несреќникот од пожарот да има нагрдено лице. Очигледно е дека тука субјективистички поимот „болест“ се поистовeтува со „потреба од медицинска интервенција“.
- Абортус и контрацепција. Од една саркастична, можеби и повистинита перспектива, самиот живот би можел да се смета за „болест“ па оттаму би била неспорна медицинската легитимност на овие постапки. Сепак, шегата настрана, неспорно е дека тие отстапуваат од начинот на кој и лекарите, и пациентите го разбираат поимот „болест“.
- Операциите за промена на полот. Сигурно дека во капитализам не е лесно човек да биде маж, уште помалку жена, а најтешко сигурно им е на оние кои имаат потреба од оваа интервенција. Но, секако дека тука не се работи за болест. Често се наведува зголемената стапка на самоубиства и обиди за самоубиства кај оние кои се подложиле на оваа операција. Иако сигурно дека за тоа не е причина самата операција, туку третманот од општеството, од гледна точка на лекарот сепак се работи за интервенција која, што се однесува до соматското здравје, не само што не користи, туку претставува дополнителен ризик. Но, дали во името на медицината има право да го спори или игнорира изборот на пациентот? Тука не нѐ интересираат етичките или биоетичките дилеми сами по себе. Се работи за тоа да исенчат контурите на еден емпириски поим, „здравје“, врз основа на граничните случаи на неговата примена.
- Случаите кога една болест штити од друга, посериозна болест. На пример, во една епизода од д-р Хаус, легионерската болест го успорува развитокот на смртоносната инфекција со амебата Неглерија Фоулера кај д-р Формен, што му дава доволно време на колегите да ја пронајдат точната дијагноза и на тој начин му го спасува и животот. Се знае дека инфицираноста со кравји сипаници може на човек да му го спаси животот на човек сред епидемија од вариола вера. Се разбира дека, чисто искуствено гледано, и едната и другата се болести, па само од субјективна гледна точка може првата инфекција да се преферира пред другата.
- Медицинската нега за терминално болните. Очигледно е дека овде сите медицински постапки немаат за цел зачувување или враќање во нормала на некакви физиолошки процеси и состојби, спасување на животот и сл.
- Отстранувањето на воспалено слепо црево, крајници, жолчка или слезина. Тука гледаме дека здравјето се постигнува токму со отстранување на компоненти од „нормалната“ и „природната“ анатомија на организмот.
Може да се заклучи дека клучен за оваа дискусија е гносеолошко онтолошкот статус на здравјето – дали е физичка состојба, која е предмет на знаењето на медицината како природна наука, и која се изразува со емпириски судови, или пак е вредност, а медицината е само практична умешност за остварување на таа важечка вредност, а судовите кои се однесуваат на здравјето се нормативни. Значи, во првиот случај, едни екстремно висока температура, болки во грлото, отечено грло и отежнато голтање се само индикатори за гнојна ангина како една реална состојба во организмот како дел од физичкиот универзум, додека во вториот случај тие се само страдања, непријатности, непосакувани состојби кои треба да се санираат или отстранат, а целата медицинска пракса е само начин на кои тоа се постигнува. И додека на секого му е јасно дека инжинерството само по себе подразбира една физичка наука со од субјектот независна, материјална стварност како предмет, сепак се чини дека за многумина не важи истото и за медицинската пракса во однос на организмот.
Бурс укажува на упадливата сличност на овие расправи со средновековниот спор околу онтолошкиот статус на универзалиите. Имено, тука овој спор го има обликот дали е реална болеста воопшто, или се реални само поединечните заболености, и со тоа дали таксономијата на болестите е реална или вештачка. Сепак, додека во средновековниот спор била спорна идеалната стварност на универзалиите, како идеи во божјиот ум според кои постојат сите поединечности во материјалниот универзум, во расправата за болестите е спорна нивната материјална стварност. Се чини, основата на недоразбирањето е наводната несомерливост меѓу општоста олицетвореноста на законитоста и поединечноста олицетворена во конкретниот, поединечен организам. Но, она што медицината го прави е споредувањето на состојбата на поединечнот, конкретен организам со општите физиолошки законитости на човечкиот организам воопшто, како и одновото воспоставување на тие општи законитости онаму каде што тие се нарушени во поединечниот организам. Здравствениот проблем повеќе наликува на загатка која треба да се реши (некогаш едноставно, некогаш потешко) отколку на некаква потреба инхерентна на индивидуата. Можеби оттаму потекнува и специфичната, технифицирана лексика во медицината: „пациент“ наместо човек, „летален исход“ наместо смрт итн. Во оваа смисла, илустративна е една сцена во романот „Чума“ од Албер Ками. За време на епидемијата од чума во Оран, главниот лик во романот доктор Бернар Рие прави визита во импровизираната болница за инфицирани од чума заедно со свештеникот отец Панелу, кој откако на почетокот проповедал дека чумата е порака од Господ, повик за покајание, соочување со неодложен избор да се прифати или отфрли Бога и сл. сепак на крајот одлучил да му се приклучи на одредот доброволци организиран од страна на д-р Рие кои помагале во болницата. При таа визита, двајцата присуствуваат на смртната агонија на едно дете заболено од чума. Откако излегуваат, свештеникот го започнува следниов разговор со д-р Рие: „Да, и вие работите за спасот на човекот“. Рие се обиде да се насмевне. „Спасот на човекот е преголем збор за мојата работа. Јас не одам толку далеку. Мене ме интересира неговото здравје, на прво место“.