Поимите Здравје и Болест и нивната идеолошка злоупотреба (петти дел)

Прв дел од серијал текстови на темата Поимите Здравје и Болест и нивната идеолошка злоупотреба

Втор дел од серијал текстови на темата Поимите Здравје и Болест и нивната идеолошка злоупотреба

Трет дел од серијал текстови на темата Поимите Здравје и Болест и нивната идеолошка злоупотреба

Четврти дел од серијал текстови на темата Поимите Здравје и Болест и нивната идеолошка злоупотреба

Петти дел од серијал текстови на темата Поимите Здравје и Болест и нивната идеолошка злоупотреба


ПОЛИТИЧКИ ИМПЛИКАЦИИ

Според сето ова, може да видиме дека како и било која друга теорија, така и обмислувањето на здравјето не може да не биде партијно, во смислата која Ленин му ја додели на овој збор. Со еден збор, решението на овој проблем со себе повлекува конкретни политички последици, што со своевиден дијалектичко – идеолошки пресврт е причина темата да не се промислува иманентно, туку според политичките последици, со политичката економија како најкарактеристичен пример.

1. Во случајот на здравјето, не е тешко да се повлечат идеолошките последици. Ако здравјето е чисто материјална состојба на организмот, а медицината природна наука која него го има за предмет, тоа значи дека грижата за здравјето треба да се одвива во согласност со општите законитости кои медицината ги открива. Имено, секоја природна наука има за цел да ги пронајде општите законистости во сопственото предметно подрачје. Според тоа, грижата за здравјето би требалo да се одвива во согласност со овие општи законитости. Индивидуалноста на пациентот се зема во обзир само во онаа мера во која што е потребно за одново да се воспостави општата функционалност (индивидуално прилагодување на терапија, доза и сл. според возраст, пол, општа здравствена состојба и др. параметри). А било која општост и законитост се инкомпатибилни со капиталистичките производствени односи. Доволно е да помислиме како „невидливата рака“ на Адам Смит функционира во областа на здравството за да ни стане јасна апсурдноста, па дури и нехуманоста на пазарот во областа на човековото здравје. Цената по која пазарот би отстранил еден неефикасен, штетен или смртоносен лек од прометот секако е неприфатливо висока. Од друга страна, недоволната исплатливост од одредени терапии е причина за загуба и страдања на многу човечки животи. Маркс веќе објаснува дека непосредната пљачка на потребниот потрошувачки фонд на работникот  има точно одредена улога во создавањето на вишок на вредност, а со тоа и на акумулациониот фонд на капиталот, а притоа наведува извештај од англиската парламентарна комисија за фалсификувањето на квалитетот на лековите.[1] Доста од здравствените контроверзи денес, всушност, во суштина не се толку здравствени колку политичкo – економски. Имено, во темел на отпорот кон вакцинацијата е сфаќањето според кое еден приватен фармацевтски сектор воопшто не би се двоумел да ја искористи присилната вакцинација со цел здравјето налуѓето да не го унапреди, туку да го уназади, за да му се зголеми потрошувачката. Цела капиталистичка економија денес функционира на тој начин што потребите на потрошувачите ги прилагодува на сопственото производство наместо обратното, па зошто фармацевтскиот сектор би бил исклучок? Како да не се зголеми нивната загриженост кога Баер го презеде Монсанто, најголемиот развивач и афирмирач на ГМО патенти[2] за кои исто така постои контроверза дека имаат значајни негативни последици врз здравјето (Европската комисија одлучи дека преземањето е во согласност со антитрустовските регулативи во март 2018). Вакцинацијата е докажано ефикасен метод за спречување на болести, но дали останува тоа коа ќе се вметне во шемата за самооплодување на приватниот капитал? Наместо да се објаснуваат предностите и докажаната ефикасност на вакцинацијата, поплодотворно би било на загрижените родители да им се наведат уверувања дека безбедноста и квалитетот на лековите, и на вакцините посебно, се под постојана контрола и регулација. Прашање е дали вакви уверувања можат да се дадат, или поточно дали една буржоаска власт воопшто сака и може така темелно да го држи под контрола приватниот сектор, па на крајот на краиштата дали регулацијата е возможна кога постои приватен фармацевтски сектор. Од другата страна на медалот, не може ни да се дозволи јавното здравје да се загрози со тоа што одреден дел од населението нема да се вакцинира затоа што некој одлучил дека, едноставно, не сака да се вакцинира. Дијалектичко решение би претставувало задолжителна вакцинација, но со вакцини изработувани од држава и со квалитет непосредно контролиран од држава која за разлика од постоечките не би била сервис на капиталистите, туку на сопствените граѓани (значи социјалистичка). Со еден збор, здравјето се потпира врз општи законитости, па оттаму грижата за здравјето не може да му се препушти на субјективните каприци на поединецот, ниту на уништувачките тенденции на приватниот капитал, туку мора да биде планско и организирано како и секоја друга дејност која се базира врз познавањето на општи законитости. Никој не мисли дека потрошувачката „слобода“ на поединецот му дава за право кога гради куќа да се информира каде и да било и кај кого и да било околу начинот и текот на градбата за таа да биде безбедна. Неговата слобода да избира е ограничена во тесен круг откако се задоволени сите неопходни предуслови за безбедност и стабилност на градбата според законите на статиката. Напротив, кога е во прашање здравјето, секој e оставен на милост и немилост на сопствените проценки и на маркетингот од „давателите на здравствени услуги“.

Од друга страна, конструктивистичкото гледиште за здравјето го легитимизира неговото препуштање на каприците на пазарот. Имено, со сведувањето на здравјето на субјективна тегоба, потреба или страдање, него го изедначува со било која потрошувачка потреба, а пациентот со потрошувач, a лекарите и фармацевтите на даватели на услуги. Со тоа индиректно го оправдува ставањето на човечкото здравје на пазар. Кога здравствените проблеми наместо научни стануваат поединечни,лични проблеми, тогаш и нивното решение станува личен проблем на засегнатиот поединец.

2. Капитализмот се сведува на бессодржајната шема инвестиран капитал =инвестиран капитал + вишок на вредноста. Низ целиот Капитал Маркс ги објаснува економските теми и дилеми од неговото и наше време преку тоа што ја сведува разноликоста на појавноста на оваа основна шема, значи пари што раѓаат повеќе пари, а целата стварност е само инструмент за овој чисто квантитативен регрес (според зборовите на Хегел, „повторување на една и иста противречност“ и „израз на една не вистинска, туку лажна бесконечност“).[3] Истата бессодржајна шема е на дело во раширениот фетишизам за „здрав живот“, без притоа да се бара или барем да се стави како тема на дискусија општеството да обезбеди максимална здравствена заштита за сите граѓани по било која цена. Имено, грижата за здравјето наместо да претставува грижа за еден инструмент за себепроектот полека се претвара во содржина на  животот, па постојаното медиумско информирање за здравствените ризици, режимите на исхрана, најновите истражувања итн. Здравјето секогаш си има свое „за што“. Вистина е дека здравиот има безброј желби, а болниот само една – да оздрави. Но, и жртва од, да речеме,некој сериски убиец – психопат има само една желба – да избега од психопатот. Дали поради тоа треба да заклучиме дека тоа што не сме заробени од сериски убиец е причина да се радуваме и највисоко добро? Се чини, капитализмот живее од еден вид на малоумно суспендирање на секој квалитет за сметка на оваа „лажна бесконечност“ на квантитетот: повеќе пари наместо средства за мирен живот, број наповеќе партнери наместо еден Тристан или една Изолда, број на пријатели наместо еден – двајца побратими, број на кратки статии и кратки клипови на интернет наместо книги итн. Фетишизирањето на поимот „здравје“ од страна на медиумите и производителите на природни лекови и додатоци на исхрана е само уште еден облик кој го зема капиталистичката канцерозна делба на квантитетот – и бесцелноста.

3. Општа одлика на капитализмот е да ги неутрализира придобивките од научно – технолошкиот развој кој самиот го иницира. На пример, со машинското производство е многукратно зголемена продуктивноста на трудот, а со тоа многукратно е скратено потребното работно време за време на кое секој работник произведува противвредност за сопствена издршка. Со тоа што вештачки се создаваат потреби и се стимулира потрошувачката, се троши повеќе општествено потребно работно време за задоволување на реалните потреби, а тоа има ист ефект како позаостаната, понесовршена техничка база. Дали навистина Тесла измислил начин за сите да е достапна бесплатна електрична енергија е емпириско прашање, и како такво проблематично. Но дека доколку навистина измислил никогаш не би му дозволиле неговиот метод да заживее само за да се заштити интересот за капиталистите со фосилни горива – тоа е априорна вистина. Аналогно на тоа, и на планот на медицината капиталистичките односи се пречка за достигнувањата на медицината како наука да станат придобивки за пацинетите. Успехот на масмедиумското бомбардирање со „едноставни и ефтини лекови за рак кои фармацевтските корпорации со сета сила ги кријат од човештвото“ можеби може да се објасни со некаква мегловита, неодредена свесност за луѓето за овој однос меѓу приватниот фармацевтски сектор и иновациите.  Затоа, достигнувањата на медицината како наука, она што за медицината е возможно или невозможно во даден момент, треба да се мерат според здравствените третмани кои ги добиваат оние неколку проценти најбогати во светот соочени со било какви здравствени проблеми. Треба да се размисли за тоа дека една иста медицинска состојба за богатите е лечлива, а за сиромашните значи неизбежна смрт, како и за последиците од овој факт врз начелата врз кои се повикува секое современо општество.

4. Јасно е дека организмот не е некаков изолиран систем, туку неговата здравствена состојба зависи и од неговото опкружување. Имено, јасно е дека хигиената, храната, чистата животна средина и психичката состојба битно ја одредуваат здравствената состојба. А поединецот како поединец нема моќ да се осигурува тие да се во согласност со здравствените потреби. На пример, колку и да внимава на режимот на исхрана, не може да влијае врз квалитетот на намирниците. Треба беспоговорно да има вера во регулаторните државни тела кои не е можно да се регулираат и кои со приватниот сектор како да функционираат по принципот сврзани садови. (Патем, аг – гаг регулативата е најдобра илустрација за вистинскиот однос меѓу законот и капиталот кој божем треба да го регулира и контролира). А за нискиот квалитет на храната секако дека главна причина,  како и за толку многу други зла, е профитот. Во еден глобален пазар најважно е храната што подолго да трае, да може полесно да се транспортира и што поевтино да чини нејзиното производство, па оттаму и благотворните и сеприсутни адитиви. Без да го снема пазарот, невозможно е да се замисли начин на кој производството и квалитетот на храната би можеле да бидат задоволителни од аспект на здравјето на луѓето. Што се однесува до здравата животна средина, веќе е јасно дека капитализмот не може да ја „менаџира“ еколошката криза (без да се самоукине), а што се однесува до стресот и прихичката благосостојба воопшто – доволно е некој да поработи во текстилна фабрика или земјоделие (не се однесува на оние кои поседуваат хектари и хектари земја па само од закуп можат да живеат како богови, а се кажуваат за земјоделци) за да види колку спокојството (социјалната сигурност) се недостижни идеали.

Со тоа, прелиминарната дефиниција која беше предмет од логичко – методолошко стојалиште на овој начин го наоѓа своето значење и оправдание. Имено, гледаме дека не е доволно само здравјето како такво да биде предмет на компетентна грижа, туку исто така и условите во кои човекот живее. Така, храната мора да биде приспособена на здравствената состојба на организмот, па испаѓа дека кој што и колку јаде исто така треба да биде регулирано. Со истите аргументи испаѓа дека и урбанизмот, работните услови, животната средина и сл. мора да бидат регулирани да бидат во согласност со здравствените потреби на населението. Тоа што во оваа дискусија се воведува „слободата“ е само обична подмолна софистерија. Здравјето и социјалната сигурност се неопходни за било кој себепроект и себеостварување, па според тоа за да има слобода во себеостварувањето и себепроектот тие мора да се гарантирани. А во името на слободата, тие наместо да бидат гарантирани, се препуштаат на пазарот и се таложат само на еден мал дел од општественото ткиво, со што општествената стурктура е и неправедна и нестабилна. Она што е лично треба да ѝ се препушти на личноста, а она што е општествено – на општеството. А здравјето несомнено спаѓа во втората категорија. Впрочем, како и економијата.

ЗАКЛУЧОК

Здравјето го определивме како функционалност на сите делови на организмот и на организмот во целина. Како такво, за поимање на здравјето не треба да се повикуваме на никакви вредности, потреби и други субјективистички категории, туку тоа е состојба на организмот, кој од своја страна е дел од материјалната стварност.

Како последица на тоа, грижата за здравјето се темели врз познавањето на општите законистости во функционирањето на човековиот организам, и како такво не може да биде ниту субјективна потреба, ниту одговорност на самиот пациент, туку предмет на грижа од систем независен од него, систем кој би полагал сметка единствено пред медицината како наука, а не пред некаков финансиски ревизор околу својата „одржливост, исплатливост, еконосмка оправданост“ и слични изговори кои се причина за безброј страдања и загубени човечки животи. Дали е нешто такво можно  или невозможно зависи само од техничката база. Ако таа е достаточна (ако е пронајден лек, ама бил „прескап“) тогаш неспороведувањето на еден таков систем е вистинско злосторство (иако е позната приказна буржоаските идеолози својата неспособност да замислат поинакво општество освен капиталистичкото и поинакви производствени односи од капиталистичките да ја прогласуваат за објективна граница на економската мисла).

Имајќи предвид дека врз здравјето на организмот битно влијаат и стресот, хигиената, квалитетот на живот, здравата животна средина итн. кои од своја страна зависат исклучиво од општеството во целина, следува дека за здравјето не е доволна само достапна здравствена заштита, туку и исполнувањето на овие наброени услови за здравје, што од своја страна подразбира поинаков начин на „менаџирање“ со земјоделието, урбанизмот, екологијата итн. Со еден збор, може да се заклучи дека капитализмот е нездрав не само во преносно, туку и во буквално значење. И затоа, грижата за сопствениот живот наложува една поширока и посеопфатна визија за ново и понакво, но пред се подобро општество и начини на живот истовремено со посветеноста за решавање на  конкретните проблеми (сите проблеми во здравството се ургентни, особено кога, на пример, поради „повисоки приоритети“ со месеци не се наименуваше министер за здравство). Според сето ова, обмислувањето на здравјето и здравството можеби појасно, подиректно и посилно од биоло кој друг сектор во општеството говори во прилог на потребата од нова општествено – економска формација не повеќе во името на правдата, туку во името на опстанокот на човечката цивилизација.


[1] Karl Marx, Kapital, Kultura, Zagreb 1947  стр. 531 – 532

[2] Монсанто, меѓу другото, е пронаоѓач и на аспартамот и на агенсот Оринџ на американската армија од кој настрдадаа 4 милиони виетнамци и поради кој сеуште е токсично земјиштето кое било бомбардирано со него.

[3] Георг Вилхелм Фридрих Хегел, Наука логике, Просвета, 1973, Београд, стр. 203