Деновиве, во Собранието на Република Македонија, од страна на Политичката Партија ЛЕВИЦА, беа доставени предлог измени на Законот за работни односи. Предложените измени предвидуваат кратење на рокот за трансформација на работниот однос од определено во неопределено од 5 години на 6 месеци, и другата измена се однесува на тоа да се исплаќа плата до 5-ти наместо до 15-ти во месецот за претходниот месец.
Од Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) се огласија со апел до сите пратеници предложените измени на Законот за работни односи од страна на Левица да бидат прифатени во Собранието, бидеќи истите ги унапредуваат правата на работниците и обезбедуваат нивна поголема сигурност.
– Работодавачите треба да знаат дека насекаде во светот договорите на определено време се исклучок, а не правило, тие се применуваат за привремени и повремени работни задачи во одредени услови утврдени со закон (замена на отсутен работник, зголемен обем на работа и сл), како и за повремено извршување на работи кои не е од основната дејност на компанијата – велат од ССМ во денешното соопштение.
Од ССМ велат дека практиката покажала дека работодавачите ги користат овие договори за манипулирање на работниците, намалување на нивните права од работен однос поради страв дека договорот нема да им биде продолжен и изрекување на откази на договорите за вработување без утврдување на реални причини за отказ.
Сојузот на синдикати на Македонија во денешното обраќање повторно побара да се прифати предлогот кој е поднесен од страна на политичката партија Левица во Собранието на Република Македонија со кој договорите за вработување на определено време би траеле во рок од 6 месеци.
– Пратениците треба да се охрабрат и да прифатат предлог кој значи намалување на траењето на договорите за вработување на определено време на една година или на шест месеци како што е предлогот во Собранието и да придонесат за елиминација на злоупотребите кои ги прават работодавачите со ваквите договори за вработување на определено време кои во време на криза беа најмногу користени за губење на работните места – наведува ССМ.