Ново поглавје со стар наратив: Mигел Дијаз Канел е новиот претседател на Куба

Ерата на револуционерниот двоец, браќата Фидел и Раул Кастро, конечно се оконча. Шест децении подоцна, од настанот кој ќе го потресе јужноамериканскиот континент, но и светот, големата Социјалистичка кубанска револуција (1959), република Куба по втор пат добива нов претседател. По одлуката на Раул Кастро, поради длабока старост, да се повлече од функцијата претседател на Куба, идентично како и Фидел, беше јасно дека Куба ќе мора да избере нов врховен лидер. 86 годишниот Раул Кастро сепак останува на врвот на Комунистичката партија која според Уставот е ,,супериорна водечка сила на општеството и државата’’.

На 11 март, повеќе од седум милиони Кубанци на парламентарни избори гласаа за нивните претставници во Народното собрание. Главната задача на 605-те пратеници се состоеше во избирање Државен совет, во чиј состав влегуваат: Претседател на државата, Прв потпретседател, пет потпретседатели, секретар и 23 членови. Највисок претставник на ова извршно тело според кубанскиот Устав е Претседателот.

Кубанската влада, ден пред официјалното избирање на новиот претседател, односно на 18.04.2018, го номинираше довчерашниот Прв потпретседател Дијаз – Канел како единствен кандидат за претседател, а номинацијата едногласно ја потврди и кубанскиот Народен парламент. За нов Прв потпретседател е номиниран Салвадор Валдес Меса, 72 годишен синдикалец, кој во минатото извршувал различни функции во владата. Ден потоа, Гисела Дуарте, претседателка на НКК (Национална комисија за кандидатура) објавува дека гласањето е легитимно, додека пак законодавниот дом ги објавува официјалните резултати од гласањето и го констатира изборот на новиот претседател на Куба, Мигел Дијаз Канел.

Како прв претседател на Куба после шестдецениското владеење на браќата Кастро, во премиерното обраќање пред народните претставници и нацијата, Мигел Дијаз вети дека ќе биде посветен на наследството кое зад себе го остави Фидел Кастро и Кубанската револуција.

,,Мандатот даден од народот е со причина да се задржи континуитетот на Кубанската револуција во овој круцијален историски момент’’ – истакна Дијаз во претседателскиот говор. Тој исто така јасно нагласи дека во Куба нема место за оние кои тежнеат кон реставрирање и враќање на капитализмот во таа земја и уште еднаш, неоставајќи простор за политички сомнеж, потенцираше дека на империјализмот не може да му се верува.

Кој е Мигел Дијаз Канел?

Мигел Марио Диjаз Канел Бермудез, е името на човекот кој застанува на чело на кубанската држава. 57 годишниот Кубанец, електро инженер по професија, роден само една година по одигрувањето на еден од најголемите политичко – историски настани, Кубанската револуција од 1959, припаѓа на младата генерација лидери, кои се залагаат за модернизација на островот, но модернизација која нема да излезе надвор од идеолошката рамка на државата.

Дијаз е посветен член на Комунистичката партија и значаен дел од партиската хиерархија во изминатите 30 години. Неговиот политички живот започнува во Комунистичката младинска унија, каде што како Прв Секретар на унијата, активно партиципира на интернационалната мисија во Никарагва, од 1987 до 1989 година. Раните политички успеси, во 1994 година го промовираат како Прв Секретар (партиски лидер) во провинцијата Вила Клара. Задржувајќи се на позицијата 10 години, испратен е во провинцијата Холгуин, од каде што, по директен предлог од Раул Кастро е именуван како нов член на Политбирото на Комунистичката партија на Куба. Во мај 2009 година, Дијаз за првпат се запознава со владините функции одблизу. Првенствено како министер за високо образование, а подоцна како Заменик Претседател на Советот за министри, одговорен за координација и синхронизација на владините тела од сферата на спортот, културата науката и образованието.

Интерното уживање на доверба и сериозно добрата репутација помеѓу Кубанците, не е единствениот елемент што контрибуира кон изградбата на политичкиот имиџ и кредибилитет на Мигел Дијаз Канел. Учеството на Самитот за климатски промени во Париз во 2015 година, средбите со севернокорејскиот лидер Ким Јонг Ун и папата Франсис, како и историската средба во Хавана со претседателот на САД во 2016 година, Барак Обама, на Дијаз му го ,,купуваат’’ скапоценото место на меѓународната политичка сцена.

Големите – мали очекувања?

Искушенијата и огромните предизвици, од револуцијата па се до денес, социјалистичка Куба никако не можат да ја заобиколат. Носејќи го бремето на владеењето и идеите на неговите претходници, пред се, Дијаз е соочен со исклучително тешко задача. ,,Општеството бара повеќе’’, говореше Дијаз извршувајќи ја функцијата Прв заменик претседател. Од овозможување поголем пристап до Интернет на кубанското население и создавање пофлексибилна и конструктивно – критичка медиумска атмосфера, па се до внатрешните политички структурни и економски проблеми, во името на дуалниот монетарен систем, чие унифицирање е нужно и детерминирачко за иднината на економскиот прогрес на земјата.

Сепак, новото кубанско поглавје ќе биде испишано со стариот, добар наратив. Очекувањата од коренити внатрешни реформи и промени и овојпат нема да бидат исполнети. Транзитивната замена на претседателската функција со сигурност ќе се стреми кон зачувување на еднопартискиот политички систем во Куба. Следствено на тоа и на револуционерната идеја, преточена во социјалистичката политичка творба – република Куба. Претседателот Мигел Дијаз Канел, ќе ја следи политичката траекторија на Фидел и Раул Кастро, обидувајќи се да одолее на сите внатрешни, но пред се надворешни влијанија и притисоци, со цел да го зачува идеолошкиот предзнак на државата, базирана врз цврсти идеолошки верувања и принципи.