Во Турција продолжува „чистката“ по судовите со неистомисленици на Ердоган
ТУРЦИЈА, 19.04.2018 – Турската историчарка Ајше Хур (Ayşe Hür) во вторникот беше осудена на три годишна казна затвор за наводно ширење „терористичка“ пропаганда. Таа беше обвинета поради напишаниот твитер статус на својот профил во кој вели дека Курдска работничка партија (ПКК) „не е терористичка“. Сепак, иако осудена, судот ја суспендираше пресудата. Во изминативе околу две години, во Турција огромен број на луѓе се прогонувани поради слобода на политички став.
После пучот во 2016 година во Турција, голем број на универзитетски професори, новинари, јавни интелектуалци и „сомнителни“ луѓе беа притворувани и затворани поради наводни релации со политичкиот опонент на Реџет Таип Ердоган. Таа пракса на санкционирање на неистомислениците од позиција на власт продолжува. Освен горенаведените, прогонувани и затворани се и политичари. Од курдската политичка партија Демократска партија на народите (ХДП), скоро и да нема некој што не е во притвор или осуден на казна затвор. Лидерот на партијата, Селахатин Демирташ е во притвор од 2016. Тој се терети за повеќе дела. Едно од најтешките обвиненија е за настаните околу Кобане од 6 и 7 октомври 2014. Лидерите на курдските партии ХДП и БДП освен што водеа преговори со власта, го повикуваа курдското население на протести за да ги упатат барањата до власта. Барањата беа, да се обезбеди коридор за воена помош до Кобане, којшто ќе поминува низ Турција, северна Сирија и делови од Ирачки Курдистан. Исто така, бараа Турција да ја прекине соработката со ИСИС, како и турската армија да не врши копнени операции и воени напади врз Кобане. Демирташ исто така е обвинет и за поврзаност со ПКК.
Курдската работничка партија во Турција своевидно е прогласена за терористичка организација и како таква е препознаена од страна на сите сојузници на Турција, вклучително и Европската Унија и САД.
Курдите се етничко малцинство во Турција и бројат над 14 милиони жители, односно околу 20% од вкупната популација на Турција.
Во минатото, евидентирани се голем број на акции на Турската држава кон ова население. Во 1973 година се формираше Курдската работничка партија (ПКК) и како централна политичка идеја ја промовира идејата за самоопределување на курдите во Турција. Освен актуелниот лидер на ПКК, Абдулах Оџалан, еден од основачите на оваа партија е Мазлум Доган, кој на 27 годишна возраст на празникот Невруз (нова година, или будењето на природата, кој курдите го слават на 21 март и палат огнови) се обеси во затворот во Дијарбакр во Турција, а зад себе остави три чкорчиња запалени кибрит во знак на протест. Во почетокот на 80-тите во затворот во Дијарбакр беа затворани сите борци за социјализам и рамноправно општество. Меѓу нив беа и околу 500 курди, некои припадници на ПКК. Тие беа измачувани на најбескруполозен начин од страна на вработените во затворот, а притоа секојдневно беа приморувани да „признаат“ дека се турци. Курдскиот јазик беше забранет, а мајките на затворениците кои не го зборуваа турскиот јазик не можеа ниту да ги прашаат „како се“ нивните синови, немо ги глеаа и плачеа. За овој настан во јавноста не се зборуваше, затоа дел од затворениците почнаа пост до смрт. Меѓу нив беше и Мазлум Доан.
За случајот со затворот во Дијарбакр има неколку документарни филмови со сведоштва од преживеани, но сите овие материјали, како и се’ останато што укажува на неправдите денес во Турција се забранети.
Медиумите што постојат се контролирани од страна на власта, а се’ што до пред некое време критикуваше, или ја кажуваше целосно или делумно вистината е затворено и забрането, а новинарите во затвор. И не само тие, туку секој што јавно, па дури и на својот профил на некоја од социјалните мрежи ќе напише нешто што е спротивно со мислењата на Ердоган веднаш е притворан и му се суди.