Кристина Ампева: Работничките права во Македонија се на едно катастрофално ниво

Share on FacebookTweet about this on TwitterShare on Google+Share on LinkedInEmail this to someone

1 Мај одамна го изгуби своето значење, вели Кристина Ампева од Здружението  Гласен Текстилец  во пресрет на празникот кој наближува.

Таа додава дека денес работничките права се на многу ниско ниво, а тие на 1 Мај ќе бидат на марш во Скопје во име на работниците. Борбата за работнички права не запира. Трудот не е соодветно платен, има несреќи и повреди на работа, експлоатација, а голем број од вработените се сиромашни иако напорно работат.

„Ретко кој знае зошто  навистина го празнуваме тој ден, што се случило во минатото за сега тој ден да е Меѓународен ден на трудот. Некои во минатото се бореле за 8часовно работно време, за основни работнички права, дури и ги изгубиле своите животи во таа борба. Ние го сфативме туку така, како неработен ден. Од Ден на труд, се претвори во ден на скара и пикник во природа. Состојбата со работничките права во Македонија е на едно катастрофално ниво. Во минатите години како активист, а сега и преку невладината Гласен Текстилец, се залагам за правата на работниците и работничките од текстилната, кожарската и чевларската индустрија. Но, прашања до нас доаѓаат од повеќе сектори, бидејќи не препознаа како ретка организација која во недостиг на синдикати, јавно упатуваме загриженост поради состојби со прекршувања на работничките и човековите права, оставени врати за злоупотреба на Законот за работни односи или колективни договори. Иако текстилната, кожарската и чевларската индустрија дефинитивно води по злоупотреби и прекршувања на основни права на работниците и работничките, сепак не е добро и во останатите сектори. А тоа се оние нископлатените. работници кои се постојано на работа, а се на работ на егзистенција. Работници кои иако се сметаат дека се платени, често гледаме дека за нив нема никаква заштита и не се безбедни на работните места. Читаме постојано за смртни случаи или повреди на работно место. Жално е што работниците не се свесни за нивната моќ, дека солидарноста и нивното здружување е страшно за оние кои сакаат да ги чуваат во страв и незнаење. Жално е што решението за нивните проблеми на работно место, проблемите со нивната сиромаштија, иако се вработени, е само во нивни раце. Најжално од сè е што тие не се ни криви за тоа, туку жолтите синдикати кои само менуваат партиски дресови“- вели Ампева.

Таа објаснува дека во други земји има поинаку сфаќања за тоа што е 1 Мај, а и во времето на Југославија било различно. Имало поголема свест кај работниците, и се бореле за повисоки плати.  Ампева вели дека во другите држави, синдикатот е страв и трепет.

„Синдикатот е независно тело од кое се плашат и работодавачите, а богами и властите. Кај нас синдикатот нема никакво влијание. Независно тело е и нашиот синдикат, да, ништо не зависи од него. Освен борби за моќ и фотелји, нема ништо. Ах, и добивање на членарини и странски фондови.Иако сум млада за да знам за тоа време, од она што ги слушам постарите, кои биле вработени во фабрики од тоа време, од време како што ни велат , на Титовата Југославија, ретко да чујам лош збор. Генерално, биле почитувани како луѓе, како работници, биле ценети поради тоа што токму работниците придонесувале за развој на државите, овде , за цела федерација од републики. Во одреден период, го одбележувале денот ко што доликува, во чест на жртвите кои се бореле во минатото, барајќи преку симболичен марш, подобри права и плати. Потоа следел период кога спокојно живееле, ги уживале плодовите од нивната организираност. Па период кога забораваат на марш и протести, туку, празнувале на блиските ливади, со задоцнета плата и регрес во прехранбени продукти. Не знам за тоа време, но сведоштвата од постарите, велат дека било тоа „златно доба“ на работничките права, солидарност и социјализам во вистинска смисла на зборот“- објансува Ампева.

Додава дека денес имаме 30-40 луѓе од невладини организации и мал број независни синдикати и активисти, кои на крај памет не им е скара и пикници да прават на 1 Мај. Ампева вели дека во Скопје ќе маршираат во името на оние исплашени и апатични работници,и ќе бараат права за нив.

„Денес имаме странски инвеститори кои доаѓаат во име на евтината работна сила и субвенционирањето од страна на државата, кои ја цедат секоја капка пот на работникот за плата под секое човечко достоинство, за на крај да заминат и ги остават работниците без три плати и никаква одговорност. Имаме работодавачи кои во овие години од приватизацијата, така токму имаат спечалено за следни три генерации, благодарение на стравот на работниците да не го изгубат и тоа парче леб. Упорно се трудиме да го разбудиме работникот и го убедиме дека силата е во солидарноста, но тешко оди. Но, ќе успееме. Од ова полошо не може да биде. Мора да се освестат дека борбата од минатото мора да ја продолжат. И дека 1 Мај е ден за марш за права, никако за скара“ – смета Ампева.

Низ бројки, во Македонија просечната месечна исплатена нето-плата по вработен, во јануари 2018 година, изнесувала 24 025 денари, пресмета Државниот завод за статистика и таа е зголемена во однос на истиот период една година претходно. Најслабо платени се луѓето кои работат во текстилната и кожарската индустрија.

Чести се и несреќите на работно место, па така годинава беше повреден работник од Тетово кој чистел снег на патот Маврово-Галичник, истовар на мермер во Кочани неодамна заврши фатално за еден човек, загина градежен работник на автопатот Штип – Миладиновци кај клучката на штипското село Криви Дол, и многу други случаи.

 

текстот е превземен од Фактор