Русија и НР Кина договорија безбедностна соработка

За време на стратешките и безбедносни консултации одржани во понеделникот во НР Кина, Русија и НР Кина се договорија за понатамошна соработка по линиите на нивните министерства за одбрана со акцент на спроведување заеднички вежби и патроли, како и за зајакнување на контактите меѓу Генералштабовите, соопшти прес-службата на Советот за безбедност на Руската Федерација.

Консултациите во градот Нанпинг, провинцијата Фуџијан ги одржаа секретарот на Советот за безбедност на Руската Федерација Николај Патрушев и членот на Политбирото на Централниот комитет на Комунистичката партија на НР Кина Јанг Џиечи со учество на претставници на министерствата и одделенијата на двете земји.

Беа разгледани прашањата за развојот на договорите постигнати на неодамнешната средба на рускиот претседател Владимир Путин и кинескиот претседател Си Џинпинг во Самарканд, а беше извршена и конструктивна размена на мислења за актуелни прашања од регионалната и меѓународната безбедност.

„Страните се договорија за понатамошна соработка меѓу воените одделенија со акцент на спроведување на заеднички вежби и патроли, како и зајакнување на контактите меѓу Генералштабовите“, се вели во извештајот. „Изразен е взаемен интерес за одржување на високо ниво на воено-техничка соработка“, се наведува во соопштението.

Беше нагласена и важноста од градење билатерална координација за повеќе прашања од меѓународната агенда.

„Секретарот на рускиот совет за безбедност истакна дека политиката за развивање стратешко партнерство со НР Кина е безусловен приоритет на надворешната политика на Русија, која ужива широка поддршка од народите на двете земји и се заснова на длабока меѓусебна доверба,“ – пишува во соопштението.

На состаноците биле анализирани состојбите во Авганистан, воено-политичката состојба во азиско-пацифичкиот регион, вклучително и ситуацијата на Корејскиот полуостров и околу Тајван.

„Соговорниците изразија загриженост за ескалацијата на тензиите од страна на САД и нивните сојузници во регионот“, се вели во соопштението до медиумите. Исто така, соопштено е дека на разговорите посебно внимание било посветено на градењето контакти меѓу Русија и НР Кина во рамките на ООН, ШОС и БРИКС. Разговорите биле во насока на взаемна поддршка по однос на глобални прашања.