Левица: ЕСМ под превезот на “деловна тајна” троши народни пари за купување на јаглен

Реакција на Левица – Сектор енергетика

Под превезот на деловна тајна ЕСМ се обидува да ги сокрие компаниите кои ќе увезуваат јаглен за потребите на најголемите енергетски комбинати во Македонија, РЕК Битола.

Иако ЕСМ има законска обврска да ги објавува компаниите кои увезуваат јаглен, износите на договорите, земјите од кои се увезува јагленот, калоричната вредност на јагленот, годинава менаџментот кој троши народни пари, по примерот со Бехтел и Енка и изградбата на коридорите, противзаконски одлучи јавната набавка да ја класифицира како деловна тајна.

Минатата година АД ЕСМ, на барање на медиумите, објави дека се избрани четири понуди за набавка на 550 илјади тони јаглен, поднесени од три фирми, во вредност од 23 милиони евра. Дел од овие фирми беа основани истата година и често ја менуваа сопственичката структура.

Менаџментот на АД ЕСМ иако немилосрдно троши народни пари, сепак одлучи да ги скрие компаниите блиски до СДС и ДУИ мислејќи дека недомаќинското работење ќе го прикрие со превезот „деловна тајна“. Дополнително зачудува фактот што ДПМНЕ воопшто не реагира на ваквото незаконско расипништво во АД ЕСМ.

Триумвиратот СДС-ДУИ-ДПМНЕ продолжува со разнебитување на АД ЕСМ на разни начини не бирајќи средства како да го прикрие недомаќинското работење.
Левица жестоко го осудува тајното трошење на народни пари и посочува дека “деловна тајна” не постои кога е интересот на народот и Републиката на прво место.

По доаѓањето на власт Левица ќе направи детална ревизија на сите сомнителни зделки во ЕСМ и нема да амнестира никого за сторениот криминал и недомаќинското трошење на парите на народот.