Макијавелистички кадровски политики
Кадровските политики на СДСМ изненадија многу луѓе. Кочо Анѓушев, Лиле Поповска, Венко Филипче, Јово Ангеловски, се само дел од покрупните сојузници на СДСМ кои беа лојални подржувачи, на еден или на друг начин, на ВМРО-ДПМНЕ. За другите кадровски избори како директорот на МРТ, УЈП, средни училишта и слично праксата е иста како и за покрупните. На прв поглед ова делува нелогично па дури и глупаво. Но, не е така.
Напротив, ваквите политики се макијавелистички, во оригиналната смисла на зборот. Целата политичка филозофија на Николо Макијавели кога би се сумирала во една реченица тоа би бил неговиот цитат „Политиката нема врска со моралот“. Кога тој анализира конкретни појави низ оваа призма доаѓа до следниот заклучок „[…] Околу ова, морам да го предупредам кнезот што преку тајни услуги дошол до поседување на некоја држава. Мора претпазливо да размисли кои биле причините поради кои луѓето му направиле услуга. Ако не е тоа поради природно чувство према него, туку само незадоволство од нивната власт, тогаш тој ќе ги задржи пријателските односи со нив со големи маки, затоа што ќе е невозможно да ги задоволи. Одмерувајќи ги причините за ова во античките и модерни [средновековни] примери ќе дојдеме до заклучок дека е полесно за кнезот да се спријатели со тие луѓе што биле задоволни од претходната власт, па затоа му се непријатели, одколку со оние што биле наклонети кон него и го помагале да ја зграпчи.“
Секако, ова не може целосно да се да се „исече и залепи“ од ренесансна Италија на капиталистичка Македонија. Но, ако се гледа суштината на заклучокот на Макијавели ќе добиеме увид во тоа зошто голем дел од учесниците во шарената „револуција“ сега се кривично гонети. Тие го подржуваа „зграпчувањето на власта“ од страна на „кнезот“ но не бидејќи беше добар избор, туку поради бирање на, според нив, помалото од две зла. И зошто, од друга страна „непријателите“ на новата власт добиваат важни и споредни функции. Бившите соработници на претходната власт имаат позади себе „докажано реноме“ на подржување на политики па колку и да се тие штетни, па логично делува дека некој кој планира такви да спроведува би сакал да се потпре на нив.