Левица: На локални избори ќе паѓаат режими – Претставени програмите на Левица за ИЕ 1

Во пресрет на претстојните локални избори, партијата Левица продолжува со засилена теренска активност и претставување на своите програми низ државата. Вчера беа презентирани програмите за општините во Изборната единица 1, со јасна порака – време е за системска промена од локално ниво. Од Левица велат дека токму локалните избори се фронтот на кој паѓаат режимите.

„Политичката партија Левица во изминатиот период работи активно на подготовка на програмите за претстојните локални избори. Во текот на вчерашниот ден беа презентирани програмите на општините од Изборната единица 1.
Со голем ентузијазам, модераторите и членови на локалните ограноци ги претставија пред претставници од општините на ИЕ 1 програмите кои се резултат на повеќегодишна анализа во директна непосредна комуникација со граѓаните, за да се слушнат и детектираат реалните проблеми со кои се соочуваат жителите.


За достоинствен живот, пред сѐ, на сите ни е потребен чист воздух и чиста животна средина, потребни ни се услови за секојдневно непречено функционирање како соодветен јавен превоз, борба против градежната мафија и уште една цела палета на мерки кои на граѓаните им се неопходни, а за кои Левица нуди решенија во своите програми кои не се темелат на паушални ветувања.

Претседателот на Левица, проф. д-р Димитар АПАСИЕВ и потпретседателот м-р Реџеп Исмаил – ХАКТАН им се обратија на присутните членови, им изразија благодарност за досегашната работа и ги охрабрија да продолжат заедно со здружени сили со организираност и политичка храброст во борбата за социјална правда, транспарентна локална власт и систем кој ќе работи и функционира за мнозинството граѓани, а не за елитата.


Историјата докажала дека токму на локални избори паѓале режимите, нашите политички непријатели. Ова се изборите на кои ќе ги ослободиме општините од канџите на корумпираните елити и ќе ја вратиме моќта во рацете на граѓаните, рече Апасиев.


Вистинската промена е можна. Повеќедецениските политики на неколку политички партии во локалните власти и нивните празни ветувања за да дојдат на власт веќе се минато. Дојде времето кога народот знае и умее да ги препознае, и веруваме дека ќе ги избере оние кои се доследни на своите ветувања и принципи.“

Левица порачува дека борбата за социјална правда започнува од локално ниво и најавува политичка мобилизација против клиентелизмот и партиските елити. Од општините почнува враќањето на власта во рацете на народот, велат од партијата.