Заев v. Корбин
Од СДСМ денес се пофалија за средбата помеѓу Премиерот Заев и Министерот за Финансии Тевдовски со лидерот на Лабуристите, Џереми Корбин и потпретседателката, Емили Торнбери. Во соопштението се вели дека лабуристите изразиле поддршка за политиките на СДСМ и „оцениле дека нашата земја се променила во позитивна насока и ја заслужува посакуваната евро-атлантска иднина.“ Вакви зборови сигурно не излегле од устата на социјалистичкиот лидер на Лабуристичката партија. Џереми Корбин не е Тони Блер. Всушност, тој е неговата целоснa спротивност. Спротивно од тоа што се тврди во соопштението, НЕ ПОСТОЈАТ заеднички заложби помеѓу Лабуристичката партија под Џереми Корбин и СДСМ под Зоран Заев. Најголем непријател на денешната Лабуристичка Партија и целото работничко и студентско движење кое неа ја поддржува, е токму идеологијата во која се вкоренети политиките на Заев. Неолибералниот капитализам на СДСМ е во целосна спротивност со социјалната правда, поддршката на ранливите групи и инклузивното општество.
Додека Заев подготвува терен за зголемување на старосната граница за пензии, Корбин го поддржува најголемиот штрајк во историјата на британското високо образование кој започна како одговор на предлог мерките за намалување на пензиите на работниците во високото образование. Во моментов 64 британски универзитети штрајкуваат против овие мерки, а огромна организациска сила позади овие протести е токму студентското движење кое го поддржува Корбин.
Додека Заев планира да ги приватизира македонски железници, Лабуристичката партија отворено се залага за ренационализација на британските железнници. Радикалниот манифест на партијата вклучува ренационализација и на делови на британската енергетска индустрија. Предвидено е овие мерки да донесат приходи кое би се прераспределиле по 6 милијарди фунти за јавното здравство и 1,6 за социјална заштита.
Од СДСМ алудираат на тоа дека Корбин ја поддржал eвроАТЛАНТСКАТА иднина на Република Македонија. Корбин е доследен и долгогодишен антимилитарист. Според него, НАТО е закана за светскиот мир. Тој беше еден од основачите на Коалицијата за “Стоп на Војната“ и организатор на најголемиот протест во британската историја – кој обедини милиони луѓе против војната во Ирак.
Последно и најважно, Лабуристиката партија под Корбин се бори за нов здрав разум во економијата, јавните услуги и ЕУ. Тоа значи отворена борба против неолибералните политики кои како религиoзни догми ги прифаќаат македонските тн. „социјалдемократи“, а кои континуирано се покажаа и продолжуваат да се покажуваат како катастрофални. Впрочем, во извештај од 2016 и самиот ММФ призна дека неолибералниот модел кој самите тие го ширеа и (се уште го шират), резултира со драстична нееднаквост и намален економски раст. Можеби информацијата за овој извештај не стигнал до штабот на СДСМ. Но, и без тоа, доволно е да се погледне низ нивниот неолиберален прозорец на „можности“ за да се види дека низ него се гледаат само сиромаштија, нееднаквост, социјална ерозија и беда.