Димовски: Нов закон за енергетика – Трие рачиња енергетската мафија

  • Став на м-р Дејан Димовски, дипл. ел. инж.

Македонија во 1991 година државната независност не ја стекна поради модерна војска, полиција, доминантна меѓународна политика, стабилен банкарски систем. Независноста Македонија ја стекна токму поради стабилниот електро-енергетски систем кој можеше целосно да ги задоволи сопствените потреби за производство на електрична енергија.

Триесет и пет години подоцна Македонија има нов закон за енергетика, ново министерство за енергетика, рударство и минерални суровини но има и целосно колабиран зависен и на долг рок неодржлив електро енергетски систем. Денес ЕЕС на Македонија е систем во кој главни играчи се политичките елити, членови на потесно или пошироко семејство на политичарите и нивните фирми кои не нудат ништо перспективно во однос на народот и во однос на енергетскиот просперитет на државата. Дојде време народот да ги плаќа сметките на политичко-енергетската мафија и да биде среќен ако успее машината да испере на евтина струја.

Што направивме во изминатите 35 години?

Го продадовме дистрибутивниот дел од енергетската мрежа на ЕВН за бедни 225 милиони евра. Четиринаесет пропаднати тендери за изградба на Чебрен само по себе покажува дека политичките елити никогаш технички не ја сватија енергетиката, но веднаш научија дека енергетскиот бизнис овозможува брзи валкани пари на краток рок.

Измисливме регулаторно тело па сега имаме и Регулаторна Комисија за Енергетика и министерство за енергетика рударство и минерални суровини. РЕК Битола е во технички колапс, ЕСМ за првпат од своето постоење во 2024 годна прикажува загуба од 123 милиони евра.

Измисливме тарифен модел во корист на ЕВН на штета на потрошувачите. Јавните институции ги извадивме на берза па така сега државната ЕСМ произведува струја, државната ЕСМ се задолжува за да увезува струја во периоди кога има недостаток на струја, државните институции и јавните претпријатија се снабдуваат со струја преку снабдувачи според Унгарската берза со чист профит преку маржи по формула издиктирана од бирото за јавни набавки.

Накратко голем ќар само за снабдувачите кои се фирми на политичките елити или фирми до лица блиски со политичките елити и финансиски колапс и долгови за државните и јавните претпријатија. Државата си плаќа по 300 000 евра месечен закуп за гас кој не го користиме и за тоа нема никаква одговорност. Веќе проверен модел преку Окта и нафтоводот. Уништивме плодно земјиште за изградба на 900 MW фотоволтаици кои за велигденскиот продолжен викенд за малку ќе го колабираа енергетскиот систем.

Измисливме такса за пристап до мрежа од 200 денари по броило чист ќар за ЕВН од 25 200 000 евра годишно. Македонија е единствената земја во која доколку ги спуштите осигурачите цел месец и не потрошите ниту еден киловат час електрична енергија ќе платите 420 денари. Дозволивме на ЕВН паушално да ги отчитува броилата при скалест тарифен модел. Бирото за метрологија нема еталон за контрола на точноста на броилата за мерење на потрошена електрична енергија.

Што треба да направиме за да го избегнеме енергетскиот колапс на републиката?

ЕСМ Продажба потребно е да биде постојан озаконет универзален снабдувач. Во РЕК Битола ископот на јаглен е потребно да го прави ЕСМ, а не фирми блиски до власта. Чебрен мора да го гради државата со сопствен технички, стручен и финансиски потенцијал. Дистрибутивната мрежа (сегашно ЕВН) е потребно под итно да се национализира. Кога веќе имаме министерство за енергетика рударство и минерални суровини сосема непотребно е постоењето на РКЕ.

Енергетски системи во Македонија треба да гради само државата. Итно е потребно процесуирање на правни случаи за злоупотреба како случајот со Александрополис и ОКТА. Зголемување на првиот тарифен блок од 7KWh на ден на 9 KWh на ден се со цел да се намали можноста за манипулативно отчитување на броилата. Веднаш е потребно да се воспостави контролен механизам за проверка на точноста на броилата за електрична енергија.

Сите видовме како енергетската мафија ја пеглаше краватата на првиот регулатор на боемска улица, крајно време е народот да се освести и да ја преземе пеглата во свои раце, во спротивно ќе не изгорат сметките за струја.