Олигархија, глупчо!
Ставовите изразени во оваа колумна не нужно се совпаѓаат со ставовите на редакцијата.
Еден од најхумористичните моменти од (не)славното интервју на премиерот, кој повторно зборуваше на јазик кој не го знае (а кој да го подучи дека е срамота да го прави тоа, и за него и за нас, коишто нѐ претставува) не беше изјавата дека му се заканува животна опасност поради влезот во НАТО. Тоа беше трагикомично, како и заканите на Северна Кореја од ОН. Смешката беше во моментот кога фалејќи ги добрите односи на Македонија и Црна Гора кажа дека меѓу државите постои добра размена и трговија на стоки, па водителот мораше да го прекине за да ѝ објасни на тамошната публика дека Заев мисли на „роба“. Но, работата добива трагичен призвук кога ќе се сетиме дека овој човек (со неговиот тим) треба да преговара за името или за други прашања од национален интерес, и никој не знае дали другата страна или водителот/модераторот ќе интервенира или ќе остави нештата да се одвиваат согласно принципот „изгубен/и во преводот“. Размислував да напишам нешто за преговорите/разговорите на партиите во домот на Жан Моне, најавени за јануари. Но, што ново да се каже за банана-република? Не помогнаа дури ни изборите, ни реформите 3-6-9, ни судските постапки, ни новите кадровски решенија, ниту пак фактот дека опозицијата е зомбифицирана; сето тоа како да нема никаков ефект врз намалувањето на странското влијание и враќањето на суверенитетот и одговорноста врз локалните фактори, кои навидум имаат полн легитимитет и легалитет. Странците, очигледно, не се импресионирани од пресвртот (да не речам, превратот), па сакаат да ја завршат здодевната македонската приказна еднаш за секогаш. Токму објаснувањето на Вајгл (кој за таков предлог би бил кренат на клоци од словенечката јавност, доколку би му паднало нешто слично на ум) укажува дека отчетноста на политичарите пред граѓаните, транспарентноста во нивното работење, изложеноста пред медиумите (кучиња чувари, нели?) се штетни за она што е во заднината на ваквата „помирувачка средба“. Собранието е сѐ уште нерелевантно, додека не му се даде знак кога и за што не треба да биде дефокусирано и да гласа без поговор. Ако во Париз и се случи некакво „помирување“, тоа нема да има никаква врска со француско-германскиот пример, ниту со меѓународна организација како ЕУ, туку со помирување со судбината и прифаќање ново име (како што му се излета на Заев во споменатото интервју). Загревањето веќе почна со најавата за промена на името на скопскиот аеродром (или треба да кажам, ајро-дромот?), што за жал не е затворање на кругот од кој почна антикоманијата, туку отворање на Пандорината кутија од која сега и надежта треба да побегне – надежта дека може да се опстои на сопственото име, а дека НАТО вреди секаква жртва.
Оваа тема ќе ја оставам за подоцна, бидејќи внимание заслужува и „класната“ суштина на владините политики (колку и да е терминологијата надмината и/или табуизирана). А ова прашање, во ера на глобализација, е тесно поврзано со НАТО/ЕУ, кои меѓу другото се и израз на нов вид империјализам и на глобална класна борба. Единствено што начинот на кој прашањето за односот на богатите и сиромашните се поставува и „решава“ кај нас, на периферијата, е што тој е попримитивен, понасилен, повидлив – и минува со помалку отпор; ниту постои организирана левица, ниту критичка јавност, или свест кај работниците и прекаријатот. Тоа дека социјалдемократите отсекогаш се плашеле од своето минато (како партија која ја благослови приватизацијата на општествениот капитал, односно го помогна раѓањето на капитализмот преку примитивна акумулација во вид на грабеж) не е новина. Не е новина ни тоа што секогаш доследно се држеле до неолиберализмот, преку папочната врска со т.н. меѓународна заедница (односно нејзината поддршка). Ако конзервативците масовно ја искористија (и исцедија) сета моќ на популизмот и национализмот, тогаш новата влада добива чиста ситуација: секој кој ќе се повика на национален интерес се изедначува со компромитираната ВМРО-ДПМНЕ; популизам не е потребен, бидејќи дојде животот (повеќе преку партиски слоган, отколку стварно, но владее тезата „да им дадеме време“ или ироничното „ако не, па да го вратиме ДПМНЕ“ со што се замолчува секоја критика. Ако денот по утрото се познава, веќе се навестува ново олигархиско владеење (не само премиерот и вице-премиерот, туку погледнете ги имотните листови на сите функционери и привилегиите кои ги добиваат со своите позиции). Почнувајќи од бесрамниот конфликт на интереси на вицепремиерот и генералниот секретар на владата, до начинот на кои ги „бранат“ мерките кои значат веројатна, но и фактичка инфлација (поскапувањето на водата, струјата, итн.), отстапување од најавата за прогресивен данок, рекордната големина на буџетот (неверојатно, ама го надминаа и ДПМНЕ!) и неговата распределба (на пример, фрлањето трошки од 5% за лекарите и наставниците за идната година, зголемување на воениот буџет, итн.) – сето тоа навестува живот – како за кого. Подигнувањето на прагот на очекувањата сега ќе има бумеранг ефект. Но, тука има и многу ароганција, елитизам, па и мерки кои значат континуитет (рудниците, Старата чаршија, репартизацијата, ставање на медиумите под свое, итн.). Доволно е да се видат дискурсот и мерките за почист воздух (на пример, сегрегација на оние кои имаат нови возила за разлика од оние со „канти“), за да се сфати дека вината е ставена на грбот на најсиромашните и најранливите категории (Ромите, на пример). Тие се виновни што наместо студ одбираат топлина од секаков материјал, иако го загрозуваат своето и здравјето на своите деца, а потоа и на останатите. Скандалозен е и предлогот за значително поскапување на паркинзите во центарот на Скопје, небаре е јавен простор на кој граѓаните од периферијата/другите градови треба да се чувствуваат како гости кои се луксузираат. ДПМНЕ го окупираше со споменици, сегашниве го резервираат за себе. И останатите мерки, кои се „продаваат“ како еколошки, товарот за полнење на (празниот?) буџет го ставаат врз рамената на сиромашните. Профитот е нивен, а долговите ги делиме сите. Покачувањето на минималната плата (за одредено време, од буџетот) и укинување на радиодифузната такса се трошки во домашниот буџет, на луѓе кои ако не платат на патот ќе платат на мостот. Капацитетот да поднесат јавна критика е зачудувачки низок за луѓе кои уривале „режим“: до вчера, дарлинг на јавноста, сега се пасивно-агресивни, па на приговорите за акцизите/цените одговараат: себични сте, не знаете што е општо добро, тешко ви е да издвојувате три денари дневно за чист воздух (?) и полн буџет. Дрскост е кога министер бара медиумите да замолчат затоа што биле нестручни. Во еден виц, Оксфордски професор е зачуден кога бивш студент му кажува дека пишува докторски труд за класниот систем: „Не знаев дека воопшто постои систем на класи!“ Студентот одговара: „Никој не знае. Затоа тој и опстојува.“ Македонија е земја која едвај и да има работници, живее на вересија, со долгови, а политичарите се само претприемачи на странскиот капитал. Распродадоа сѐ што беше вредно, остана уште името. Кога ќе го продадат, ќе живееме како среќна колонија со фарсичен класен систем.
Билјана Ванковска
Напишано за Нова Македонија