Сервилна дипломатија

Кога е во прашање држава каква што е Македонија: периферна колонија на мултинационални компании, земја со околу 30% невработеност и структурна сиромаштија на економски план и хегемонија во јавниот дискурс, каде евроатлантските интеграции се мантра на сите поголеми политички актери и преокупираност на јавната расправа за решавање на проблеми и прашања од предполитички карактер на политички план, јасно е дека не може многу да се очекува од надворешната политика. Особено, нели, не може да се очекува таа да води грижа за глобалниот ред и поредок. И сосема принципиелно во оваа насока сметаме дека сепак Република Македонија беспотребно троши пари на активности предвидени околу МНР. Овие средства во огромен дел треба итно да се пренасочат таму каде што е најнеопходно, а тука палетата на проблеми кои жарат е широка. Што се однесува пак на надворешната политика, таа треба да се сведе, во рамките на самата влада, во сектор со соодветен број на вработени задолжени за неа и на неколку амбасади низ (така да се каже, главните центри во светов).

Но сепак, кога веќе ја има таа гломазна структура и тие средства, нашето МНР тогаш може барем да се обиде дипломатски да ги бајпасира притисоците од евроатланските институции на чело со ЕУ и САД при односите на нашата држава со трети држави надвор од овој затворен круг. Но не, напротив, нашата дипломатија е сервилна и опортунитетниот трошок од оваа сервилност повеќе не може да се маскира со позерајот на МНР на чело со министерот Димитров. Од друга страна пак, некако и самата оваа проеминенција на власт на чело со СДСМ гради слика дека нашата надворешна политика ќе или пак може да биде мотор и симбол на успeхот во неговата целосообразност кој се најавува со проектот „за животот во македонија“. Но, во суштина тоа сите знаеме дека е нереална слика чие промовирање само го зголемува разочарувањето, и тоа не замо по интензитет, туку и по обем, кое ќе следи во иднина (но, за тоа во некоја друга прилика).

Засега да се задржиме на моменталната состојба со нашите дипломатски активности на регионално ниво како и стратешкото позиционирање, односно пасивната улога на администрацијата при МНР vis-a-vis различните налети и можности кои се пред нас.

Договорот за добрососедски односи со Р. Бугарија;

Тешко е да се сфати потребата од една ваква активност, како испукан куршум во ветер и магла. Нејасно е во кој дел беа нарушени односите со Р. Бугарија па да сега ни треба договор за подобрување на тие односи?! Навистина апсолутно непостоечка е причината за еден ваков договор. Да не случајно беше нарушен протокот на капиталот?! Не, напротив таа активност оди глатко. Она што е спорно со Бугарија, јазикот и народноста, воопшто не беше ниту предмет на овој договор. Овој договор се чини е само гротесна ревизија и релативизирање на историјата, ништо повеќе. Дури може да се каже и дека овој договор е помалку штетен во однос на регионалниоте национални интереси. Имено, Р. Бугарија од една страна потпишува беспредметен договор за добрососетски односи, а од друга страна, работејќи зад грб со другиот сосед во Европскиот парламент, искористувајќи ја материјалната голгота на една заедница, иницира признавање на „бугарско“ малцинство во Албанија, патем малцинство кое себеси се смета за народ со македонски етникум.

Стратешко позиционирање во насока на економски бенефит;

Како што во сите декларации по сите сектори на сите досегашните влади во Македонија економијата е приоритет број еден, така и во МНР адаптабилно еден од топ 3-те приоритети им е таканаречената економска дипломатија. Но, по се изгледа дека овој концепт нашето министерство го поима исклучиво во рамки на вазалските договори со ММФ и Светска Банка, и по некој бизнис инвеститор привлечен од промоцијата на земјата како даночен рај кој секогаш се претвара во работнички пекол.

Факт е дека регинов, во кој центар е Македонија, е запоставен од страна на европското семејство на држави. Процесот на евро интеграција е замрзнат на неопределено време. Уште позагрижувачки е фактот што веќе е одпочнат процес на дезинтеграција на ЕУ со доста жаровити прашања на својата не толку далечна периферија. А ние, во целата оваа ситуација, како небаре да месечариме, заслепени мантраме: ЕУ, НАТО, евроатлански интеграции, притоа незабележувајќи дека заостануваме чекори наназад од сите околу регинот во јавнувањето на новата реалност и можностите кои истата ги нуди. Овој тренд на одбивност од страна на ЕУ сигурно дека ќе продолжи во иднина, а најсилен индикатор за тоа е токму предлогот на Европската комисија, според кој, државјаните на трети земји ослободени од визи за Шенген-зоната, од 2020 година ќе треба да аплицираат за дозвола за патување пред да пристигнат во Европската унија (предлог кој неодамна беше усвоен и од Комитетот за граѓански слободи на Европскиот парламент).

Прво потфрлање од оваа наша леност во надворешната политика беше пропуштањето на можноста да се добие, малку од малку, енергетска ефикасност, а со тоа и поголем простор за маневар во самата активност на меѓународно ниво на државава. Потфрлено беше со неактивно учество во поттикнување на иницијативата за руски природен гас со гасоводот Турски тек кој од Русија преку Црното море требаше да продолжи на север низ Балканот поминувајки низ Македонија. Но, на чело со Грција потфрлија и другите земји наоколу покорувајки се на Американската добро позната и со традиција градена анти руска хистерија која во последниов период е сè поактивна.

Второто поголемо потфрлување се чини е на повидок. Имено, Кина во рамките на својот мега прокет наречен „Новиот пат на свилата“, има платформа наречена „16+1“, која ги опфаќа земјите од Централна, Источна и Југоисточна Европа, каде неколку од овие земји (меѓу кои и Македонија) не се членки на ЕУ и со самото тоа би можеле да имаат предност во однос на останатите при соработката со Н. Р. Кина. Во рамките на оваа платформа кон крајот на оваа година треба да отпочне реализирањето на проектот за изградба на експресна пруга Белград – Будимпешта, која е прва фаза од мега проектот за модерна железница од Атина до Будимпешта, а која треба да поминува и низ Македонија. Но, со очигледната безидејност на нашата администрација при МНР, како и тоталната предаденост на евроатлантската мантра како главна карактеристрика на новата влада, оваа можност може да биде лесно препуштена и проектот да не заобиколи заменувајки го Скопје со Софија.

Можноста за економска соработка со Кина не е ограничена само на овој проeкт – потенцијалот на платfормата „16+1“ ни од далеку не е реализиран, предвидените средства се многу малку искористени, а Македонија и покрај својата предност (пред се како географска позиционираност) има најмал удел во тоа. Во рамките на кинеската отвореност за соработка и унапредување на билатералните односи е и воспоставувањето на безвизен режим. Од регионов, Србија е најнапред во тоа (тие веќе имаат безвизен режим со Кина), додека пак Македонија ова прашање сигурно го нема ни на агендата за тековниов мандат на владата.

Ако САД и ЕУ, кинескиот интерес за Балканот го гледаат како опасност, тоа не значи дека за нас не може да биде можност за подобрување на самата регионална позиционираност. Очигледно е дека интересот на Кина е економски и особено важно е што тој се совпаѓа со регионалните интереси на поединечните земји. Во согласност со нашите финансиски потреби, особено таму каде сме запоставени од ЕУ и САД, немаме причина да не ја вклучиме Кина, или кој било друг. На крајот на краиштата, со оглед на финаниската глобална криза, кинеското ширење на капиталот може да биде алтернативен модел на глобализација, за разлика од досегашниов наметнат по неолиберален терк, кој се покажа како деструктивен по социјалниот хабитат на земјите од Балканот и Источна европа.

Инертни дипломати; 

Најиндикативно за нашата сервилност во надворешната политика пак се редовните неодмерени и рудиментирани искази на официјланите представници на државните институции, како оние на министерката за одбрана, Радмила Шеќеринска, дека влезот во НАТО ќе ја заштител Македонија од Руска интервенција, а потоа и оние на министерот Димитров за превирањата кои се случуваа скоро во Венецуела. Но, во сета оваа бурлеска на нашите политичари од докажување дека се поголеми католици од самиот папа, најтрагикомична беше епизодата со неусогласеното соопштение на нашата влада по повод средбата меѓу премиерот Зоран Заев и рускиот амбасадор во Скопје, Олег Шчербак! За потоа врвот на непоткованоста на визијата за надворешната политика премиерот да ја обелодени со месијанската илузијата за себе а дека пак „Јудејците“ руси по секоја цена сакаат и се обидуваат да го спречат во заклетвата „За животот“, нели.

По се изгледа дека во согласност со империјалистичките поделби оставени сме на капиталот кој доаѓа од Блискиот Исток и Република Турција, чии пак инвестиции и стопански активности во земјава се без никаква контрола, а кои донесоа една култура на работна етика – работа и само работа, што доведува не само до исцрпување на работната сила туку и воспоставување на нова пракса на работни викенди и прекувремен работен ден!