Пратеникот Борислав Крмов со фејсбук статус се обрати до пратеничката Рашела Мизрахи, која јавно праша зошто на пратениците на Левица им смета предложениот-закон за Беса. Пратениците на Левица жестоко се спротиставија на ваквиот предлог-закон, бидејќи според нив, вметнувањето етничка графа ја сведува македонската нација на етникум и е чекор кон дејтонизација на Македонија. Претходно Крмов реагираше дека „раководството на ВМРО-ДПМНЕ, во нивниот очај за власт, не смеат да мрднат од албанските партии од кои зависи мнозинство, дури и кога истите спроведуваат фашизоидни политики кои имаат само една цел: поделба на македонската нација на одделни етникуми без државотворност, сведување на Македонија на територија и подготовка на теренот за конечна поделба.”
„Колешката Мизрахи, како припадничка на еден историски прогонуван и опресиран народ, над кого е извршен и геноцид, МОРАЛА да ги знае последиците од етничкото профилирање во личните документи, пред да прозива и да го брани неодбранливото.
Озогласениот „J“ печат (кој подоцна има еволуирано во жолтата Давидова Ѕвезда), кој Евреите го добивале во личните документи за полесно да ги идентификуваат, е дел од таквата етничка профилација, што за жал колешката сега ја брани. Во мирно време идентитетски ознаки на личните документи ја засилуваат поделбата и поларизацијата во општеството. Додека во конфликт, се едни од клучните фактори кои поттикнуваат, забрзуваат и олеснуваат воени злосторства!
Цитат од говорот на обвинителството против Жан-Пол Акајесу, еден од одговорните за геноцидот во Руанда: „Откако започна геноцидот во Руанда во 1994, поседување лична карта со етничка припадност Тутси значеше сигурна смртна пресуда. Ниеден друг фактор не помогна во зголемување на жртвите во 100-дневните масакри.“Пример на земји каде групната припадност на документи за идентификација е искористена за олеснување на геноцид или етничко чистење: Германија (1938-1945), Руанда (1990 – 1994), Етиопија (1998), Бутан (1991), Виетнам (1978 – 1979), Франција (1918-1920).”