Business as usual

Ставовите изразени во оваа колумна не нужно се совпаѓаат со ставовите на редакцијата.


Facebook го направи Марк Цукерберг една од највлијателните личности на денешницата. Социјалната мрежа се користи за сè поголем број активности, од следење на политичките збиднувања, низ маркетингот на продукти од голем број индустрии, па сè до секојдневното минување на слободното време. Затоа, во неговите и во рацете на тесниот одбор на директори на Facebook е сместена можеби најголемата пропагандна машинерија со која човекот некогаш се има сретнато. Поради глобалната и забрзана распространетост, анализата на конфликтите кои ваквата пројава во општеството ги предизвикува е тешко да се спроведе во целост. Забрзаниот напредок на информатичката индустрија одамна ги надмина рамките на секоја општествена теорија со која денес располагаме. Ова не е модерен тренд кој настанал со информатичкиот развиток. Расчекорот помеѓу развитокот на индустријата и теоријата која се обидува доследно да ја отслика и изнуди решенија на противречностите кои таа ги генерира постои од самите почетоци на индустриската револуција. Денес, евидентно е и зголемувањето на коефициентот на забрзување на порастот на овој расчекор.

Зо овој скромен обид да се обработат последиците од општествената дозвола еден ваков интернет гигант да е во рацете на толку малку луѓе ќе послужат два настани кои беа актуелни во претходните неколку месеци: Twitter дебатата на Марк Цукерберг и Елон Маск околу опасноста од развојот на вештачката интелигенција и говорот на Марк Цукерберг за време на свеченото примање на својата почесна диплома на универзитетот во Харвард (кој медиумите го протолкуваа како неофицијален почеток на кампања за потенцијална негова кандидатура за претседател на Соединетите Американски Држави).

Пред сè, не е целта да се оспори генијалноста на Марк Цукерберг или на Елон Маск. Но, неопходно е да се разбере дека тие се генијални бизнисмени, а не генијални научници. Марк Цукерберг го поседува Facebook, но тој не е човекот кој ги создава сите напредни алгоритми за пребарување, автоматско означување или рекламирање на Facebook. Елон Маск ги поседува Tesla и SpaceX, но тој не е архитект на електронските автомобили или на вселенските летала кои овие компании ги прозиведуваат, ниту пак на алгоритмите кои притоа се користат. Сиот овој производствен процес се служи со (а делумно и ги креира) напредоците на вештачката интелигенција, но вистинските генијалци на овие полиња, кои го прават ваквиот напредок можен, се вработените во овие компании и независните истражувачи чии резултати ги користат. Оттука се наметнува прашањето: зошто Марк Цукерберг и Елон Маск да ги гледаме како релевантни во една дебата на тема (вештачка интелигенција) во која за нивната експертиза немаме некакви докази?

Постојат најмалку два проблеми во ваквото идолизирање и возвишување на овие две индивидуи.

Прво, сметајќи дека „терминатор“ сценаријата за иднината околу кои тие двајца дебатираат се едни од најважните прашања кои моментално треба да си ги поставиме, ние комплетно се дефокусираме од импактот кој вештачката интелигенција го има денес во општеството. Во овие дебати не се споменува дека Facebook е најеклатантен пример за ефективноста на таргетираниот маркетинг која најновите алгоритми ја направија возможна (можеби Google е единствената друга компанија која му парира). А тајната во секој успешен проект во полето на вештачката интелигенција, па оттука, и во полето на таргетираниот маркетинг, лежи во податоците. Во случајот на Facebook, податоците кои го овозможуваат тој ефикасен таргетиран маркетинг се податоците кои корисниците ширум светот секојдневно ги споделуваат со оваа компанија. Без нив, алгоритмите немаат од што да „учат“. Додека ова се случува, корисниците добиваат нешто за возврат (со услугите кои Facebook ги нуди за возврат, личните податоци се, буквално, продадени од корисниците на сопствениците на компанијата, како некој вид на стока), но компанијата е таа која што ја присвојува додатната вредност од овие податоци. Така, таа полека станува економски премоќна (а преку тоа, и политички премоќна).

Facebook полека го монополизира пазарот, а сета оваа монополизација го овозможи вештачката интелигенција. Таа се осигура дека луѓето токму Facebook ќе го користат за маркетинг, зголемувајќи го капиталот на компанијата. Со порастот на капиталот на компанијата, Facebook доби можност да ги унапреди своите услуги, привлекувајќи уште повеќе корисници. Зголемувањето на бројот на корисници допринесе кон зголемување на квантитетот на податоци. Тоа пак го затвори циклусот на подобрување на алгоритмите за рекламирање – циклус кој до денес постои и нема да замре во скоро време (истото, повторно, се случува и со Google).

Податоците денес станаа најголемите генератори на капитал, а за тоа сведочи и фактот што еден волкав гигант остварува приход единствено преку маркетинг. Но, додека „генијалните“ Маск и Цукерберг дебатираат за крајот на човештвото и ние се впуштаме во нивната дебата, капиталот генериран од податоците се игнорира. Дебатата околу вештачката интелигенција и нејзината иднина започнува со податоците и кој нив ги поседува – нешто што Цукерберг како прашање нема да го отвори, бидејќи токму тој, во голема мера, ги поседува.

Вториот проблем во возвишувањето на овие личности е што таа се случува на сметка на девалвацијата на нивните вработени. Перцепцијата на Цукерберг и Маск како генијалци во полиња и надвор од бизнис рамките само ја засилува позицијата дека нивните вработени не треба да имаат удел (или треба да имаат значително помал удел) во капиталот на компанијата – перцепција што е доминантна и надвор од овие две компании. А со ваквиот пристап, дополнително се оправдува „правото“ на Цукерберг да ги поседува податоците кои неговите корисници ги споделуваат на социјалните мрежи. Сепак, ако Цукерберг е генијалец и за бизнис, и за вештачка интелигенција, тогаш оправдано е што тој има толку поголема социоекономска моќ од неговиот вработен, кој единствено е генијалец за вештачка интелигенција, и секако дека тој може да ги поседува податоците на корисниците, кои не се генијалци ни за вештачка интелигенција. Се создава перцепцијата дека работниците и корисниците се ништо без Цукерберг. Дополнително, ако Цукерберг е генијалец за бизнис и вештачка интелигенција, зошто тој не би бил генијален и на повеќе полиња? Зошто тој, на пример, не би бил генијален политичар?

Вториот настан кој претходно беше споменат (говорот на Марк Цукерберг при доделувањето на неговата почесна диплома на универзитетот во Харвард) сведочи дека нештата тргнаа во таа насока. После омразата кон Трамп, човекот кој е генерално перцепиран како „глупчо“, Цукерберг делува како комплетна спротивност на него. Генијалноста која нему му се препишува, помешана со некои социјални мерки кои тој ги заговара, го прават него кандидатот од соништата за прогресивниот интелектуален Американец. Но, додека Марк Цукерберг и Доналд Трамп се далеку од исти, тие сепак се послични отколку што делува на прв поглед и нивната сличност лежи токму во фактот што двајцата се бизнисмени. Нивниот интерес е диктиран од интересот на нивниот капиталот, па се наметнува прашањето зошто Цукерберг смета дека токму социјални мерки треба да се воведат.

Одговорот лежи во природата на неговата компанија. Таа вработува луѓе од сиот свет, но е позиционирана токму во САД. За една ваква компанија оптимално е државата во која се наоѓа нејзиното седиште да е најголемата економска сила, бидејќи тоа допринесува кон помирно население (кое што има помала воља радикално да се спротивстави на економските политики во државата). Дополнително, економското зајакнување на САД влијае на осиромашувањето на останатите земји. Распределбата на пари, иако не комплетно, во сегашниот економски модел во кратки временски интервали најблиску се моделира преку игра на нулта сума – колку еден човек/земја е побогат/а, друг човек/земја е посиромашен/на. Со економското зајакнување на САД и ослабувањето на останатите земји се добива сè поевтина странска работна сила за компании како Facebook. Дури, во една таква ситуација, земјите кои се економски послаби се надеваат на ваквите вработувања (пример е Македонија и нејзиниот „копнеж“ за странски инвестиции) и ја слават „помошта“, заборавајќи на тоа кој/што ја создал/ва потребата од таква „помош“.

И додека се предлагаат бизнисмени како можни кандидати за претседател на САД, мора да се напомене колкава предност има Марк Цукерберг да победи, доколку тој би решил да се кандидира во 2020. Предноста негова лежи токму во пропагандната моќ на Facebook – моќ која потекнува од погоре опишаниот циклус, во чија основа се податоците. Токму тие ја овозможуваат најмоќната таргетирана политичка кампања која светот некогаш ја има видено и се наоѓаат во рацете на Марк Цукерберг. Ако лажните вести играа улога во победата на Доналд Трамп, колкава улога ќе игра Facebook во победата на Марк Цукерберг?

Со ова се опишани барем два сериозни проблеми за кои во оваа нова ера на брз и забрзувачки развој на информатичката индустрија е потребно решение. Проблемите не застануваат тука: прислушкувањето, крадењето на податоци и развојот на интелигентни оружја се само дел од останатите конфликти за кои е неопходна анализа пред, како што често е случајот, истата да биде направена предоцна. Една таква анализа мора да започне од податоците и од тоа кој нив ги поседува.

Јован Крајевски