Дволично критизерство

Во единаесетте години во кои ВМРО-ДПМНЕ беше на власт, се оформи слој на „анти-режимски“ и „прогресивни“ критизери на постапките на власта. Се појавија на сите страни, дел од нив како медиуми, дел како невладини организации, дел како влијателни личности на социјалните мрежи. Со својата критизерска реторика, тие стекнаа симпатии од јавноста и статус на објективност.

Но, со трансферот на власта, голем дел од овие „прогресивци“ замолчеа и заземаа апологетска позиција. Оние мерки и постапки кои досега СДСМ ги презема, а кои наликуваат многу на мерки и постапки кои токму ВМРО-ДПМНЕ би ги преземала (и повеќето од нив ги имаше преземено), не само што не се критикуваат, туку се критикуваат токму оние кои ќе се дрзнат да кажат нешто против нив.

Каде е таа „прогресивна“ фела да ја посочи проблематичноста на преголемото партиско вработување што СДСМ го направи во неполни 100 дена, со темпо побрзо и од на ВМРО-ДПМНЕ? Дали молчат затоа што и нив ги вработија? Јасно е дека власта се менува и дека новата влада вработува луѓе кои ќе овозможат таа да е поефикасна во спроведувањето на реформите, но вработувањето на лица од голем број невладини организации и на влијателни јавни личности (Влатко Васиљ, Цацко, луѓе од „Фчерашни новости“ и др.) опфати огромен дел од самопрогласениот коректив на власта, кој веднаш почна да се однесува како бранител на власта.

Зошто се молчи за вработувањето на нови 500 полицајци? Нели државата, за време на ВМРО-ДПМНЕ, стана „полициска“? Како се решава тој проблем со дополнително вработување на полицајци?

Кога ВМРО-ДПМНЕ не можеше да се справи со снегот кој ја зафати Република Македонија во зима, тоа покажуваше некомпетентност за владата. Што покажува сега неспособноста на СДСМ да се справи со пожарите кои настанаа во најтоплите периоди од годината? Да не си подготвен за пожар во лето (секое лето има пожари во Република Македонија) е исто како да не си подготвен за снег во зима. Навистина е неодговорно да се тврди дека персоналот вработен за време на ВМРО-ДПМНЕ е одговорен за неуспешното справување со пожарите, поради својата некомпетентност или нелојалност кон новата власт.

Зошто има молк кога демократијата во Македонија не се зголемува, туку напротив, се намалува? Ако владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ постапуваше недемократски и тоа заслужи критика, како сега постапува владата предводена од СДСМ, обидувајќи се да не ги уважи референдумите против рудниците, за што скоро сите премолчуваат? Колку е демократско одземањето на правото на протест на луѓе, додека, иронично, на трансферот на власта претходеа масовни протести против претходната власт (студентски протести, средношколски протести, Протестирам, Шарена Револуција итн.)?

Доколку е страв во прашање – страв дека доколку се критикува сегашната власт, ќе се врати претходната – тој страв не се јавува првпат. Истиот страв беше присутен и во 2006 и во наредните години, кога молчејќи, ВМРО-ДПМНЕ продолжуваше да биде на власт. Но, доколку е интерес во прашање, тој интерес не соодветствува со интересот на просечниот граѓанин на Република Македонија, па не само што треба да се критикуваат постапките на новата влада, туку треба да се критикува и тенденциозното прогледување низ прсти. Во спротивно, режим се гради одново.