Рудниците ја закопаа демократијата

Демократија – модерниот антоним на диктатура. Систем на владеење кој е фер, систем на владеење во кој сечиј глас вреди. Уредување во кое моќта ја има обичниот човек – моќ да се спротивстави на одлуките на малкумината чии резултати се на штета на општото добро.

Последните неколку месеци, компанијата „Казандол“ направи договори за концесии за експлоатација на минерални суровини. Рудници за злато се планираше да се отворат низ многу места во Македонија (Гевгелија, Валандово, Дојран, Богданци и др.), но жителите на овие населени места не беа задоволни со ваквиот план. Откако го искажаа своето незадоволство од самоволието на локалните власти и тоа незадоволство наиде на глуво уво, исфрустрирани од ситуацијата се повикаа на можеби највисокиот степен на демократијата – референдумот.

Да се организира референдум не е едноставно – бројот на потписи кој е потребен воопшто не е мал (според Законот за референдум и други облици на непосредно изјаснување на граѓаните, за свикување на референдум на локално ниво се потребни потписи од 20% од населението, или пак, сопствена иницијатива на советот на општината), но сепак, за оваа цел, референдуми се свикаа во Гевгелија, Богданци и Дојран, а овој месец, шанса да се изјаснат ќе добијат и жителите на Валандово. Нови референдуми се најавени и во струмичките општини Босилово и Ново Село. Да е референдумот успешен повторно не е едноставно – потребна е излезеност над 50% и, во овој случај, повеќе од половина да гласаат против, но досегашните референдуми против рудниците на „Казандол“ беа успешни.

Но, според Крешник Бектеши, министерот за економија, Владата не може да ги раскине договорите за веќе издадени концесии за експлоатација на минерални суровини поради успешен референдум или граѓанска иницијатива. „Во законот за минерални суровини како и во законот за концесии и јавно приватно партнерство нема основ за едностран раскин на договорот за концесија од страна на концедентот односно Владата на РМ поради реализиран референдум или пак граѓанска иницијатива против започнувањето со експлоатација на веќе доделени концесии за експлоатација на минерални суровини. Во насока на конечно решавање на ова прашање, Владата на РМ како концедент, заедно со Министерството за економија во соработка со сите засегнати страни, ќе треба најпрво да обезбеди стручни мислења и анализи, а потоа да се изнајде решение во рамките на законот“, стои во дописот од министерот Бектеши до градоначалниците од Југоистокот.

Тоа што не го знаеме за демократијата е колкава е вредноста на гласот. Да, секој глас вреди, но дали секој глас вреди еднакво? Очигледно, тоа не е случајот со референдумите против рудниците на „Казандол“. Гласовите на жителите, во овој случај, вредат помалку од гласовите на сопствениците/инвеститорите на „Казандол“. Вредноста на гласот зависи од капиталот кој е поседуван, а сопствениците/инвеститорите на „Казандол“ поседуваат многу повеќе капитал од жителите во Југоистокот.

Пред неполн месец, сегашниот премиер, Зоран Заев, изјави: „Нема поважно од животот и здравјето на граѓаните. Апсолутно државата е подготвена да се откаже од свои приходи во буџетот или било што друго наспроти животот и здравјето на граѓаните. Она што е по закон и Устав ќе биде постапено во интерес на сите, пред сѐ на граѓаните, но секако тука е интересот на инвеститорите кои добиле договори за концесии за геолошки истражувања или експлоатација на минерални суровини. Јас сум убеден дека може да се најдат решенија пред сѐ во интерес на граѓаните, а потоа и на инвеститорите.“

Уставот на РМ дозволува на граѓаните да укинат каков било договор (во членот 2 стои: „Во Република Македонија суверенитетот произлегува од граѓаните и им припаѓа на граѓаните. Граѓаните на Република Македонија власта ја остваруваат преку демократски избрани претставници, по пат на референдум и други облици на непосредно изјаснување.“), па е нејасно зошто, во оваа ситуација, нема да се постапи согласно неговите одредби.

Интересот граѓаните го изјаснија на референдумите, но најдените решенија не се во корист на нивниот интерес. Некој некогаш рекол дека најголемиот трик кој ѓаволот го направил, е тоа да ги убеди луѓето дека не постои. На нас останува да размислиме дали демократијата е навистина антоним на диктатурата, или во рамки на капиталистичко уредување, таа е само маска за диктатурата на капиталот.