За трудот на лозарите никому не му е грижа
Поради турбулентните случувања на политичката сцена во Македонија, кои веќе подолго време го окупираат јавниот дискурс, многу прашања и проблеми останаа затскриени или барем намерно маргинализирани. Еден од нив е и проблемот околу состојбата на лозарството во државата. Производителите на грозје веќе со години наназад се соочуваат со сериозни потешкотии во производството, додека на нивните проблеми не им излегуваат во пресрет ниту соодветни владини политики, ниту соодветна артикулација и борба за нивните права од страна на (досегашните) опозициските партии.
Првата работа која го отежнува производството на грозје е неговата ниска исплатна цена. Цената за најдоминантните сорти грозје е непромената веќе повеќе години и изнесува: 11 денари за килограм смедеревка (бело грозје) со 17 шеќерни единици и 13 денари за килограм вранец со 19 шеќерни единици. Потоа, како голем хендикеп се јавува и доцнењето при исплатата на откупеното грозје, кое во разни винарии варира. Веднаш по овој проблем се наоѓа и проблемот со законот, кој предвидува шестмесечно доцнење на исплатата на грозјето. Во текот на овие неколку години на непроменета откупна цена, средствата за производството постојано растат, со што парите добиени од откупот на грозјето веќе не стасуваат ни за подмирување на производствените трошоци. Овие три проблеми досегашната влада не успеа да ги реши. Таа не направи посериозен притисок кон винариите со цел откупната цена да биде подигната, а воедно не најде за сходно и да ги олесни производствените трошоци со тоа што би ги намалила цените на нафтата, заштитните средства и ѓубривата кои се користат при производството на грозје. Што се однесува до законот за откуп кој го донесе претходната власт, тој го намали доцнењето на исплатата на 6 месеци, но сепак овој закон често не се почитува и винариите кои доцнат со исплатата не се казнувани.
Дополнително, доделувањето на субвенциите беше изведувано крајно негрижливо и со големи недостатоци. Пред сè, субвенциите се доделуваа непропорцијално, па така кај оние на кои најмногу им беа потребни (помалите произведувачи на грозје), тие воопшто не стигнуваа, додека поголемиот дел од субвенциите завршуваа кај големите сопственици на земјиште, кои беа блиски до власта. Дополнително, можеби најголем проблем на лозарите беше (и уште е) нередовното исплаќање на субвенциите, што на лозарите им создаваше финансиски кризи, а воедно ги попречуваше и во долгорочното планирање на својата работа. Исто така, оние лозари кои произведуваа со поскапи репроматеријали не добија соодветни субвенции, со кои нивните трошоци би се израмниле.
Покрај овие проблеми, винариите постепено го намалуваа откупот на грозје, што придонесуваше кон тоа голем дел од произведеното грозје да остане неоткупено, а потоа и уништено, без притоа да се исплатат некакви отштети.
Голем шок за лозарите оваа година беше и заминувањето под стечај на винарската визба „Повардарие“ од Неготино. Оваа фирма во 2016 година, наместо предвидените 10 милиони килограми грозје, откупи 31 милион килограми и кај лозарите се задолжи 5 милиони евра. Ова придонесе кај лозарите да се појави големо стравување, бидејќи овие пари за нив се од егзистенцијална важност.
Можеби најголемиот хендикеп на лозарите е состојбата во оние организации кои се борат за нивните права. Раководните органи на овие организации се окупирани од лица кои важат за блиски до претходната власт и кои се однесуваат многу небрежно кон вистинските проблеми на лозарите. Овие луѓе не само што го амортизираат оправданиот гнев кај лозарите, туку и учествуваат во договорите за откуп на грозјето и се согласуваат со решенија кои не им одат во прилог на лозарите во Македонија. Можеби најеклатантен пример за корумпираноста на овие луѓе е случајот со Љупчо Аризанов, претседателот на здружението „Агротиквешија“, кој, покрај тоа што не го крена својот глас за лошата состојба во лозарството, во текот на своите години како претседател постојано беше политички инструментализиран од страна на власта во јавни настапи против опозицијата. Последен таков случај е неговото појавување на протестите „За заедничка Македонија“, каде што изнесуваше закани кон лидерот на најголемата опозициска партија.
Севкупната опозиција, од друга страна, во текот на изминатите години не успеа соодветно да ги артикулира проблемите на лозарите, а воедно и да направи посериозни чекори кон организација и ефектуирање на револтот на лозарите. Со тоа, лозарите беа оставени на милост и немилост пред интересите на газдите на винарските визби и немилосрдната политика на власта.
Оттука произлегува заклучок дека за проблемите на лозарите во нашата држава никому не му е грижа. Тие се онеправдени, осиромашени и обесхрабрени да ги бараат своите права. Состојбата кај нив е ургентна и многу зборува за тоа какво општество е Македонија.