Импотентни политики ги убиваат културните институции во Градот

Пишува: Тони Димитров – Директор на Културно информартивен центар – Скопје

Текстот под наслов „Градските советници не дозволија во ЈУ „Универзална сала“ домаќин да стане тон мајстор, а хаусмајстор да работи сценско-визуелни ефекти“, објавен во провладиниот дневен весник Слободен печат, се обидува да објасни случувања од последната седница на градскиот совет каде вели дека „Советот на Град Скопје денеска не даде согласност за годишните планови за вработување за 2024 година на неколку јавни установи на Град Скопје“, под изговор дека Јавните установи барале дупло зголемување на вработените. Па така „Културно – информативниот центар планира двојно да го зголеми бројот на вработени наредната година, од 15 постојни на 30“. Што е апсолутно точно. Планира баш така. Но, најбитно е и прашањето „зошто“ (кое овој текст не се ни обидува да го постави, а камоли одговори), а не само тезата подметната во воведот на текстот.

Понатаму текстот вели: „во Домот на културата „Кочо Рацин“ наредната година се планирани 10 нови вработувања“. И тоа е точно.  „Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ бараше согласност за 16 нововработени“. И тоа е точно, доколку се погледнат материјалите од седницата (што директорката го објаснува во колумна). Понатаму текстот дава информација дека „оваа установа (Универзална сала м.з.) догодина планира внатрешна реорганизација, односно, како што велат, движење на кадарот од едно на друго работно место“. И оваа информација не е воопшто спорна.

Но, повторно ќе потенцирам дека, за да ја добиеме целосната слика, најпрвин мора да одговориме и на клучното прашање „зошто“, кое за жал во текстот никој не го поставува, а со тоа тенденциозно подметнува свои тези. За да биде работата уште потрагична,  ова прашање не го поставија ниту советниците!

Ние како директори на Јавните културни установи присуствуаме на сите седници и сме достапни за објаснување на секакви нејаснотии. И на редовните и на седниците за советнички прашања (посебно доколку има точки или прашања од наш интерес), со цел да одговориме на прашањата кои ќе произлезат од дневниот ред. Но, прашања на седницата околу ова појаснување за планот за вработување немаше!

Конечно, плановите за вработување не се изгласаа (за нив гласаа само 6 советници, за КИЦ дури 7). Значи дека гласањето т.е. негласањето беше консензуално и од советниците на СДСМ и на ДПМНЕ. Но, никој не нѐ праша ништо околу потребата од овие вработувања!

За да ја доловам атмосферата во советот, треба да потенцирам дека истото се случи и со гласањето на извештаите за реализираната програма за 2022 година. Неколку месеци (од март до август), на неколку седници по ред овие извештаи беа ставани како точка на дневен ред, а тие на сличен начин не беа гласани (иако програмата е веќе завршена), а барање за појаснување на некаква нејаснотија или прашање околу програмата за изминатата година не беше поставено. Просто не беа гласани, без никакво објаснување.  

Гласањето или негласањето на извештајот за програмата од 2022 година не ме засега. Било, поминало. Сме ја реализирале најдобрата програма во однос на буџетот (кој беше 1/5 од оној од 2019, 2020 или 2021 година) и во однос на бројот на вработените.  

Но, тука повторно доаѓаме до прашањето зошто бараме вработувања?

Во колумната под наслов „Културна ентропија“ каде го прозивам министерот за финансии Фатмир Бесими, ја поставувам тезата според која тој тенденциозно ги кочи вработувањата во ЈУ во културата. Но, сега првата пречка (која досега не била тоа) е советот. Коалицијата СДСМ/ДПМНЕ здружено не ги изгласаа плановите за вработување.

Културно информативниот центар – Скопје на почетокот на мојот мандат имаше 19 вработени. За една година станаа 15, а веќе следната година остануваат 9. Иако и сега е пеколно тешко да се реализира вака амбициозна програма на еден сериозен културен центар (со своите 55 години традиција), со сизифовски ентузијазам се обидувам да балансирам помеѓу очајниот буџет, бирократските притисоци и постојаното намалување на кадар (поради пензионирање). Тоа значи дека Градот веќе следната година ќе остане со уште еден нефункционален културен центар и тоа овојпат благодарение на инаетот на советниците од советот на истиот тој град.

Тоа значи и дека овие тенденциозни кочници го доведуваат градот во состојба да има нефункционални ЈУ и сиромашна програма и тоа во година кога Скопје е прогласен за европска престолнина на културата. Која е целта што советниците сакаат да ја постигнат со ова е и повеќе од јасна (за оној кој ги следи политичките флуктуации во советот), иако на секоја седница устата на советниците им е полна со „за доброто на граѓаните“.  

Очајот на ДПМНЕ во советот на градот е добро познат. Скоро секоја седница ја напуштаат, прекинуваат, бојкотираат… СДС се обидува да биде конструктивен, но без политички потенцијал тоа да го реализира. Така советот на градот е држен во заложништво од овие реакционерни и импотентни политички сили, па и покрај неговата извршна улога, нема апсолутно никаква функција освен да биде кочничар на потребите на граѓаните. Културата е само еден домен кој ме засега, па затоа и го дискутирам, но ова е само врвот на ледениот брег на потребите на граѓаните кои остануваат нереализирани.

Советниците имаат увид во сите материјали околу точките на дневен ред за седниците, значи имаат увид во состојбата на ЈУ и нивниот потенцијал со човечки ресурси. Второ, може да нѐ  прашаат на самата седница за било која недоумица која им се препречува пред гласање за извесна точка.  И конечно, сите, буквално сите советници, лично сум ги поканил во мојата канцеларија да ги запознаам со работата и состојбата на КИЦ, но никој (освен еден), не се одзвал на таа покана!

Сакате Скопје да биде престолнина на културата? Сакате модерна метропола? Скате достоинствен живот во урбан град? Со ваква очајна политика водена од подли намери и инает, ќе живеете во една пост-транзициска паланка. За вас и не ми е грижа, трагедијата е што и граѓаните ги осудувате на истото.  

За среќа снимките од седниците на советот се јавно достапни и архивирани, па во една историска перспектива ќе биде јасно зошто ЈУ (па и Градот во целина) се во ваква состојба во каква што се.