Идеологијата, дискурсот и просветителството

Ставовите изразени во оваа колумна не нужно се совпаѓаат со ставовите на редакцијата.


Времето во кое денес живееме е честопати нарекувано постидеолошко. Овие дваесет и шест години постојано се слуша мантрата дека сме раскинале со идеологијата, дека објективно ја цениме стварноста и дека нашите постапки и размисли се насочени кон остварувањето на нашите лични интереси. Колку и ова тврдење да делува погрешно за заколнатите приврзаници кон одредени идеологии, бројот на неговите поддржувачи сугерира дека постои одредена вистина во истото.

За „пост-идеолозите“, поминато е времето кога идеологиите претставувале збирштини на идеи кои ја опишувале стварноста и нуделе методи за нејзина промена (или задржување, доколку станува збор за доминантни идеологии). Веќе идеологијата не успева да примами луѓе кое ќе се идентификуваат со одредени нејзини описи, луѓе кои подоцна ќе бидат индоктринирани со методи на расудување и делување. Денес луѓето не се марксисти, либерали, конзервативци – тие во општеството не делуваат по даден прирачник. Тие се пред сè прагматични, ја согледуваат реалноста објективно и делуваат на најдобриот можен начин во неа, нешто што започна во Студената војна, во потрагата по глобален консензус помеѓу источниот и западниот блок.

И навидум, „постидеолозите“ се во право кога го тврдат ова. Ако денес излеземе на улица и ги запрашаме луѓето на која идеологија ѝ припаѓаат, најверојатно ќе најдеме доволен број луѓе чиј одговор ќе ја потврди прагматичната теза за денешното општество. Секако, ќе има такви кои ќе се произнесат како марксисти, либерали, конзервативци и сл., но веројатно тоа нема да е доволно за „постидеолозите“ да бидат разубедени, а дополнително ќе им оди во прилог кога голем дел од луѓето ќе дадат и комплетно различни дефиниции на терминот идеологија (меѓу кои, дел и со пејоративна определба).

Тие ќе бидат во право и кога ќе тврдат дека една идеологија не може да даде комплетен и непристрасен опис на стварноста. Секако, тука веќе, со едноставен tu quoqe, може да се нападне нивниот прагматизам. Имено, ако ниту една идеологија не може да даде комплетен и непристрасен опис на стварноста, тогаш и нивниот прагматизам се базира на некомплетен или непристрасен опис, бидејќи, доколку таков опис постоеше, немаше да има причина истиот да не биде искористен за создавање на некоја нова идеологија. А секако дека „постидеолозите“ нема да се согласат дека нивниот прагматизам е идеологија.

Но, тоа што тие погрешно го негираат, како што споменав и погоре, е дека идеологијата е насочена кон одржување на стварноста (доколку станува збор за доминантна идеологија) или за нејзина промена. На овој план, идеологиите и те како постојат и се активни. И во едно време, каде што нивната мантра зема сè поголем замав, доминантните идеологии стануваат сè помоќни во нивното суптилно одржување.

Да разгледаме како дискурсот е поврзан со идеологиите. Тие секогаш биле (а во денешно време, тоа можеби е и најистакнато, токму поради „пост-идеолошката“ мантра), меѓу другото, и семиотички затворачи – нешто што е игнорирано од прагматичниот светоглед. Тие го создаваат и го разобличуваат значењето на поимите во дискурсот, ги користат во позитивна или негативна конотација, зависно од нивниот интерес. Можеби бројот на идеологии кои ова го прават е голем, но доминантните се најуспешни и имаат своевиден монопол врз поимите. Јас тврдам дека во Македонија, а и пошироко, неолиберализмот е најуспешен на овој план.

Тврдењето го базирам на неколку едноставни примери. Земете го, на пример, поимот „слободен пазар“. Колку прекрасно звучи тоа, нели? Имаме пазар, имаме слобода – зарем има подобар економски модел од овој? Но, појавата што го опишува поимот „слободен пазар“ може да се опише и како „незаузден пазар“. Не звучи толку прекрасно сега, нели? Имаме пазар, немаме контрола – галопираме кон ендекот и не можеме да го свртиме коњот на лево.

Или пак, да го разгледаме поимот „индивидуа“. Да, прекрасно звучи индивидуалистичкиот пристап во политиката и економијата – конечно сме слободни да направиме сè што ќе посакаме. Само што, очигледно, никој не им објаснил на луѓето кои просат на улица дека живееме во вакво општество, па затоа не се милијардери како Бил Гејтс. Да си афирмиран како индивидуа звучи прекрасно, но е крајно неодговорно еден таков епитет да се припише на општество на кое на крај памет му е индивидуалната афирмација.

Неолиберализмот успеа комплетно да ги разобличи значењата на овие поими, но, поткрепен со „постидеолошката“ мантра, ние тоа не го ни забележавме. Преку ноќ, позитивната конотација во која што ги користевме се префрли на економскиот и политичкиот модел кој неолиберализмот го заговараше. „Слободен“ и „пазар“ се толку многу сврзани зборови што денес, кога и да споменеме „слобода“, ние дискурсот го наклонуваме кон неолибералната рамка (степенот на наклон, секако, зависи од тоа колку директно е заинтересиран дискурсот во економија). А, бидејќи сме во „постидеолошко“ време, пазарот е слободен и општеството произведува комплетни индивидуи и тоа е и те како објективно вистинито!

Се поставува прашањето како да избегаме од оваа замка создадена од „постидеолошкото“ толкување на стварноста и неговото влијание врз дискурсот. Да ги избегнуваме ли поимите, од страв дека секогаш кога ќе споменеме „човечка природа“, ќе го потсетиме соговорникот дека му е речено „човекот е алчен и отсекогаш бил“? Или да се трудиме да ја прикажеме идеолошката обоеност и пристрасност на секој дискурс?

Вториот пат нужно води кон просветителството. За жал, просветителството одамна ја изгуби моќта на „слободоумието“ што некогаш толку гордо го носеше како свој епитет. Токму во ова т.н. „постидеолошко“ време, просветителството е најмногу заинтересирано да остане во рамките на доминантните идеологии. Тоа повеќе воопшто не се занимава со изнаоѓање нови толкувања на стварноста, туку само со изнаоѓање фластер-решенија за „ситните“ проблеми на воспоставеното општествено уредување. Тоа не ја менува стварноста – напротив, ја потврдува.

Затоа, како што нужно стигнавме до просветителството, нужно стигнуваме и до промена на просветителството. Тоа мора да ја отфрли „постидеолошката“ мантра, мора да се согласи дека стварноста е менлива и дека сме далеку од „крајот на историјата“. Не ни се потребни фластер-решенија, нема да лечиме симптоми – потребни се суштински промени, а тоа е единствено можно преку прикажувањето на идеолошката обоеност и пристрасност на дискурсот.

Јован Крајевски