Огромна недоверба на граѓаните во намерите на Владата по однос на анти-корупциската политика
Не поминаа ни 5 дена од драматуршката прес конференција на заменикот на Претседателот на Владата задолжен за борба против корупцијата и криминалот, Љупчо Николовски на која бомбастично и соопшти на јавноста дека „Владата и граѓаните и конечно се на иста страна во борбата против корупцијата“. Ваквиот ПР обид да не убеди Владата за само 5 дена од споменатата прес-конференција е демантиран на најдобар можен начин, токму од мислењето на самите граѓани на кои се повикува Владата. Имено, во истражувањето на МЦМС кое имаше за цел да ги провери овие тврдења на Владата, односно да ги провери ставовите на граѓаните за тоа дали имаат доверба и дали сметаат дека Владата има капацитет за борба против корупцијата, дури 71,8 % од испитаниците сметаат дека Владата нема капацитет да се справи со корупцијата!
Ваквата висока недоверба на граѓаните во анти-корупциските декларативни намери на Владата апсолутно не изненадува. А како и би било поинаку, со оглед на фактот дека секој ден на виделина излегуваат корупциските скандали вкоренети во највисоките институции на системот. Еден таков пример е токму денешниот случај со Управен Суд, каде се испостави дека десетици царински предмети исчезнале од судот и не може никој да ги пронајде, а дури над 5 илјади предмети биле држени по фиоки и не биле испраќани по жалба пред Вишиот управен суд, иако странките имале поднесени жалби на одлуките.
Недовербата на граѓаните е оправдана особено доколку се има во предвид дека, токму оние кои се на чело на институциите кои треба да ја ловат корупцијата и да ги казнуваат учесниците во такви дејанија, токму тие лица се извор на корупција. Имено, Николовски, кој во владата е вицепремиер за борба против корупција, јавно призна дека си го вработил братучедот во МНАВ за плата од 100.000 денари, а за што анти-корупциската комисија молчи.
Политичкиот театар на Владата по однос на нејзината декларативност во борбата против корупцијата беше препознаен и на социјалните мрежи, каде што, токму на твитер објавата од профилот на Николовски каде беше споделена споменатата прес-конференција, покрај негодувањата имаше и многу сарказам со ваквиот ПР на Власта.
Во еден од коментарите на објавата каде пластично беше доловена контрадикцијата се прашува каде може да се пријави корупција во форма на непотизам, односно за тоа дека токму Вицепремиерот за анти-корупција си вработил роднини во МНАВ без соодветни и стручни квалификации за позициите за кои платата изнесува 100.000 ден.