Борислав Крмов: „Целта на пописот е демографски и етнички инженеринг“

Законот за попис по редовна постапка тајно беше повлечен на 26 декември минатата година, а пратениците добија известување дури после два дена дека е повлечен и пуштен во скратена постапка. Поради ова, пратениците имаа само 18 часа за поднесување на амандмани, при што сите амандмани на опозизијата беа експресно одбиени!

Целиот закон е проблематичен, но има неколку точки што се прошверцувани и се апсолутно многу проблематични. Имено, не се дефинирани поимите како што се: „население“, „домаќинство“ и.т.н. Исто така, ќе може да се попишува секој кој ќе се најде на територијата на Република Македонија, независно дали е државјанин, или не. Најнебулозна работа е што се дозволува трето лице да може да попише друг член од фамилијата само со давање на матичен број. Проблематично е и дефинирањето на потрбен документ, односно потребниот документ е дефиниран како „соодветен документ“. Оттука се поставува прашањето – што е тоа соодветен документ? Зошто не е прецизно дефинирано – „лична карта“, или „пасош“, бидејќи за некого соодветен документ може да биде и членска книшка од библиотека.

Пратеникот од Левица, Борислав Крмов, вечерва се обрати од собаниската говорница, образложувајќи го овој проблематичен закон.

„Главната работа, којашто тука фали е разграничување на две дефиниции, меѓу „вкупно“ и „вкупно попишано“ население. Без тоа, значи што е резидентно население, кое население живее тука, а кое не – без тоа, вие немате Закон за попис! Со тоа вие имате еден неодреден текст, којшто јас не знам за што друго би послужил, освен единствено за демографски и етнички инженеринг. Ние се сомневаме дека веќе бројките околу соодносот на етникумите во оваа држава се определени од вас, затоа е нели тој фамозен „врзан потпис“ меѓу директорот на ДЗС и неговиот заменик. И сега, ќе се оди одозгора надолу, определени се бројките, а вие реалноста ќе ја прилагодувате, за да дојдете до бројките, коишто со вашиот коалиционен партнер ги имате договорено“, истакна пратеникот Крмов.

Освен ова, тој потенцира на класните разлики, наместо етничките кои ги наметнуваат властите со години наназад.

„Значи тоа мора сите да разбереме, тие фамозни 20%, коишто ги броиме од 2001 до сега, значат моќ, значат пари – и некој од тоа нема да се откаже. Обичните Албанци не добија ништо со тоа, тие се валкаат сиромашни во калта исто како обичните Македонци, ама албанските партии добија – и тие нема да се откажат од тоа. Значи, надвор од оваа фамозна просторија се случува класна војна, кадешто без разлика на етничката припадност, на богатата класа на оваа држава и’ е дозволено да ги гази работниците и да се богати на нивен грб со ваша дозвола. Значи со ваша дозвола и со дозвола на владата, а тука се фрла магла на очи на обичниот граѓанин, значи таа етничка магла се фрла, дека конфликтот е етнички, додека конфликтот е класен.“