Левица: Еуроникел покажува дека работниците се на последно место во Републиката

  • Реакција на Политичката партија Левица

Менаџерскиот тим на Еуроникел донесе одлука со која се стопира работата на компанијата, оставајќи ги вработените на улица.

Еуроникел е компанија со 865 вработени што ја прави 25-ти најголем работодавец во Републиката! Покрај тоа што компанијата во последните три години работи со голема добивка, менаџерскиот тим одлучи вработените да ги остави без примања во ек на економска криза.

Веќе неколку години наназад Еуроникел е дел од најпрофитабилните 100 компании во Република Македонија – нивната добивка во последните 3 години е 22.13 милиони евра, додека просечната плата од 2019 до 2022 година изнесува некаде околу 35.000 денари.

Капитализмот профитот секогаш го става на прво место, оставајќи го обичниот работник цедило, неретко и без никакви месечни примања. Милионските добивки во последните години на Еуроникел за кои најзаслужни се работниците не се доволни да спречат целосно затварање на компанијата и отпуштања од работа.

Во економска криза, капитализмот прво се откажува од човекот. Милионските профити од минатите три години се доволни за да им се помогне на работниците да ја поминат зимата, но општество кое што на вага е спремно да стави човечки животи и профит е општество кое секогаш ќе избере да не се откаже од профитот.