Македонските студенти заглавени во Русија!
Откако започна пандемијата со КОВИД-19, дел од македонските студенти кои учат во Руската Федерација се вратија назад, но поради специфичноста на наставните програми и образовниот систем на РФ голем дел од нив останаа во Русија.
Проблемот е во тоа што на околу дваесетина македонски државјани во овој период им истекуваат или веќе им се истечени пасошите. Од страна на македонската амбасада во јуни месец им бело ветено: „доколку се направи група од 10 луѓе на кои им истекуваат пасошите, овој проблем ќе биде решен“. Од тогаш до денес за решавање на овој проблем речиси ништо не е сторено.
На студентите кои остануваат без пасош, студентските визи не можат да им бидат продолжени! За среќа владата на РФ донесе одлука студентите кои се наогаат во ваква или слична положба, нема да бидат исфрлени од студентските домови, факултетите или депортирани. Ваквата одлука е на сила до 15 декември 2020 година, најавено е ново продолжување на овој период, но доколку овој проблем не биде решен меѓувремено ваква опасност постои.
Дополнителен проблем претставува што студентите кои имаат истечен пасош или пасош пред истекување веќе подолго време се без здравствено осигурување.
Една од можностите која им била понудена од страна на македонската амбасада е да се вратат во Македонија со „патно писмо“. Но, доколку ја изберат оваа опција им се заканува можноста да изгубат година. Поради непостоењето на можност откако ќе направат нови пасоши во Македонија да се вратат назад, веројатноста дека нема да можат да го продолжат студирањето е голема особено ако се имаат во предвид спецификите на рускиот образовен систем.
Со сличен проблем се среќаваат и студентите кои се последна година од додипломските студии и сакаат да го продолжат студирањето. Односно за да можат да аплицираат за постдипломски студии мораат да поседуваат важечки пасош.
Поради сервилност на македонската амбасада (честото некоректно однесување и постојано лошата комуникација) и сомневањето дека нивниот проблем ќе биде решен, дел од студентите одлучиле да се вратат дома без разлика на ризикот кој го превземаат. Останатите побарале официјална помош од македонското МНР и неофицијално од министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.
Од македонското МНР во август месец им било соопштено дека постои само една мобилна станица за изработка на македонски пасоши. Москва воопшто не била во акциониот план за посета и правење пасоши. По што им било ветено дека веднаш по формирањето на Влада, Москва ќе биде вклучена во акциониот план и проблемот ќе биде решен до декември. Неофицијално од страна на министерот за внатрешни работи им било ветено дека ќе биде најдено решение, но не кажал какво и до кога.
До денес, студентите не се известени дали Москва е во акциониот план за изработка на пасоши, она што го добиле како неофицијална информација „не чекајте пасоши пред 2021“.
Живеејќи во постојан стрес и неизвесност за тоа што може да се случи утре, студентите побарале помош од некои национални медиуми, со цел да му се оддаде поголемо внимание на проблемот и надеж дека нешто ќе се промени. Но, за домашните медиуми да ја објават оваа вест побарале студентите да разговара на скајп со нив и тоа да биде јавно објавено. Никој од студентите не се согласил на ова, плашејки се дека гневот ќе си го насоберат на себе и уште повеќе ќе ја влошат состојбата.
Напоменуваме, со ваков или сличен проблем се среќаваат граѓаните на Република Македонија во повеќе држави додека македонското МНР проблемот го решава со една мобилна станица.